Синдикатот на контролори на летање во АД во државна сопственост за услуги во воздухопловната навигација М-НАВ најавува штрајк на 12 октомври, при што во периодот од 11 до 17 часот нема да се опслужуваат воздухоплови на Скопскиот и Охридскиот аеродром.
Претседателот на Синдикатот, Александар Тасевски, за МИА изјави дека бараат да запре непрофесионалното однесување од директорите во однос на процесите за вработувања, внатрешни прераспоредувања, услови за работа и опрема која треба да се имплементира за да се модернизира системот за работа.
На неповолните состојби, како што вели, укажуваат долго време, а го информирале и Министерството за транспорт.
Според Тасевски, „вработувањата се прават спротивно на актите за кариерен развој, се даваат приоритети на тие што ги одбираат директорите за вработување, а тоа не гарантира квалитет на личноста и создава револт кај квалитетните кадри на кои не им се дава шанса за напредок“.
- Да престане хаотичното однесување и да се однесуваат професионално, а контролата на летање да си го добие своето место и во рамките на балканските контроли на летање и во Европа. Во служби што се превработени се зголемува бројот, се распишуваат конкурси што траат по три дена, а лицата што ги ангажираат на тие работни позиции не можат да одговорат на потребите на работниот процес, што потоа се користи како изговор за дополнителни вработувања - вели Тасевски.
Посочува дека од над 300 вработени во Контрола на летање, оперативни контролори се само 70, додека, на пример, во Словенија има 240 вработени, но 120 се контролори.
Едно од барањата е и да се ангажира фирма однадвор која ќе изврши функционална анализа за тоа кои служби и профилни кадри се потребни, како документ што во иднина ќе им биде поткрепа при неосновани постапки од раководството.
Реагираат и поради застарената опрема инсталирана во 1999 година, која досега само се одржува, иако треба да се менува на секои седум години.
Поради ваквата состојба на опремата, укажува Тасевски, годинава вовеле рестрикции да не прифаќаат поголем број авиони за прелет бидејќи опремата не била во можност да ги обработи.
-Се соочуваме и со проблеми со вода и одржување на хигиенски услови - додава тој.
Откако ја објавиле информацијата за штрајкот, Тасевски вели дека почнал да добива телефонски закани за кои пријавил во полицијата и во раководството на М-НАВ.
Извор: МИА