X
 29.12.2020 Наука

Екстремните временски услови во 2020 го чинеле светот најмалку 150 милијарди долари

Десетте најскапи катастрофи поврзани со временските услови годинава предизвикале штета вредна 150 милијарди долари, повеќе од 2019 година, покажува нов извештај. Во овие катастрофи починале најмалку 3.500 лица, а над 13,5 милиони луѓе биле принудени да се преселат.

Според годишниот извештај на хуманитарната организација „Крисчн ејд“, „товарот“ од климатските промени годинава непропорционално паднал на сиромашните држави. Само 4% од економските загуби како резултат на екстремните временски услови во сиромашните земји биле осигурани. За споредба, во богатите земји биле осигурани 60% од загубите.

Кет Крејмер од организацијата што стои зад извештајот заклучува дека климатските промени продолжиле и во 2020 г. преку поплавите во Азија, невремињата во Европа и Јужна и Северна Америка и други настани.


Фото: Pixabay

Човештвото се соочувало со временски катастрофи и пред глобалното затоплување да почне да го менува климатскиот систем на планетата. Меѓутоа, податоците покажуваат дека загревањето на температурата на површината на Земјата го зголемува нивното влијание. Затоа човештвото сведочи на подолги и посилни тропски невремиња, познати како урагани, тајфуни или циклони.

Во 2020 година имало рекорден број урагани во Атлантскиот Океан што предизвикале најмалку 400 смртни случаи и штета вредна 41 милијарда долари. Интензивните летни дождови во Кина и во Индија оваа година биле посилни и донеле повеќе вода. Дури 5 од најекстремните временски настани во 2020 биле поврзани со необичната дождовна сезона во Азија.

Шанџахан Мондал, директор на Институтот за поплави и води при Универзитетот за инженерство и технологија во Бангладеш, вели дека 2020 била една од најлошите во историјата на Бангладеш кога станува збор за поплавите. Над една четвртина од земјата била под вода, вели тој.


Фото: Pixabay

Од друга страна, со пожари се соочија рекордни површини во Калифорнија, Австралија, па дури и Сибир. Просечната температура на површината на планетата пораснала за барем 1,1 Целзиусов степен во споредба со крајот на 19 век. Поголемиот дел од загревањето се случило во последните 50 години.

Државите низ светот ветија дека ќе го задржат зголемувањето на просечната температура под 2 Целзиусови степени, или 1,5 Целзиусов степен доколку е можно, во рамките на Парискиот договор потпишан во 2015 година. Сепак, многу експерти сметаат дека веројатно нема да се спречи зголемувањето на температурите под ова ниво, а влијанието на климатските промени ќе се забележува преку екстремните настани.

Извор: theguardian.com
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука