X
 29.07.2026 Живот

Погледнете ги финалните предлог-дизајни за новите евробанкноти - граѓаните може да гласаат

Европската централна банка ги претстави десетте финални дизајнерски предлози за новата серија евробанкноти и официјално ја отвори јавната анкета во која европските граѓани можат да го дадат својот глас за изгледот на заедничката валута.

Ова е првпат од воведувањето на еврото во 2002 година банката целосно да го менува дизајнот на банкнотите.

На конкурсот пристигнаа повеќе од 1.200 предлози од графички дизајнери од Европската Унија, а независно стручно жири ги избра десетте финалисти.

Новите предлози се поделени во две главни теми, избрани врз основа на претходни анкети и консултации со јавноста: „Европска култура“ и „Реки и птици“.

Европска култура - заеднички културни простори

Овој концепт на предната страна на банкнотите прикажува портрети на познати европски личности кои оставиле значаен белег во културата и науката, додека на задната страна се прикажани различни културни простори.


Предложените личности се:

5 евра: Марија Калас - изведувачки уметности
10 евра: Лудвиг ван Бетовен - музика
20 евра: Марија Склодовска-Кири - универзитети и училишта
50 евра: Мигел де Сервантес - библиотеки
100 евра: Леонардо да Винчи - музеи и изложби
200 евра: Берта фон Сутнер - јавни плоштади и собири

Реки и птици - отпорност во разновидноста

Втората тема ја прикажува природната разновидност на Европа и симболизира слобода, поврзаност и отсуство на граници. Дизајните го следат патот на реките во комбинација со карактеристични европски птици:

5 евра: Планински извор и карполазач (задна страна: Европски парламент)
10 евра: Водопад и водомар (задна страна: Европска комисија)
20 евра: Речна клисура и пчеларка (задна страна: ЕЦБ)
50 евра: Река и бел штрк (задна страна: Суд на правдата на ЕУ)
100 евра: Устие на река и сабјарка (задна страна: Европски совет)
200 евра: Океански пејзаж и водна птица задна страна: (Европски ревизорски суд)

Претседателката на ЕЦБ, Кристин Лагард, истакна дека евробанкнотите не се само средство за плаќање, туку и еден од највидливите симболи на европскиот идентитет.

Гласањето ќе биде отворено до 21 септември 2026 година преку официјалната веб-страница на ЕЦБ. Паралелно, независна агенција ќе спроведе истражување меѓу репрезентативен примерок од жителите на еврозоната.

Конечната одлука за победничкиот дизајн се очекува да биде донесена кон крајот на 2026 година. Потоа ќе следуваат технички развој и тестирање на заштитните елементи против фалсификување.

Новите банкноти ќе бидат пуштени во оптек неколку години подоцна, а постојните серии ќе продолжат да важат и ќе ја задржат целосната вредност.

Извор: Ecb.europa.eu
Фото: Screenshot/European Central Bank

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот