X
 29.11.2022 Живот

Најдобрите земји во Европа за пензионери

Терминот „сребрен номад“ стана доста популарен на глобално ниво во последните години. Станува збор за луѓе кои се во пензија и кои сакаат преостанатиот дел од животот да го поминат во некоја од европските земји.

Животот во пензија во некои европски земји би можел да биде полесен отколку што мислите. Топлото време и добриот животен стандард се сето она што секој од нас може да го посака. Но, за да се преселите во друга земја потребни се истражување и планирање, особено затоа што многу визи се насочени најпрво за луѓе што се работоспособни.

Ако сакате вашите пензионерски денови да ги поминете на плажа или на дестинација каде што нема студено време, тогаш во продолжение ви ги нудиме најдобрите европски земји за „сребрените номади“ и земји кои нудат најдобри услови за пензионерска виза.

Италија, „електив резиденс“ виза


Италија е популарна дестинација за пензионерите и постојат опции за виза смислени за да им помогнат токму на пензионерите. Условите за оваа виза се малку потешки за исполнување: за да се пријавите, ви треба приход од најмалку 31.000 евра годишно. Оваа виза важи една година и може да се обнови на најмногу четири години. По петгодишен престој во земјата, можете да поднесете барање за постојан престој.

Кипар, виза категорија „Ф“

Овој вид виза е една од најдобрите опции за да ги поминете своите пензионерски денови на Кипар. Мора да имате пензија во износ од 9.568 евра годишно за да аплицирате, а можете да купите и недвижности.

2
Фото: Freepik

Шпанија, „нон-лукратив“ виза

Оваа виза бара да имате месечен приход од нешто повеќе од 2.150 евра месечно или 25.816 евра годишно. Освен тоа, кандидатите мора да докажат дека имаат сеопфатно здравствено осигурување. Пензионерите можат да останат во Шпанија една година. Визата може да се продолжи на четири години, а потоа може да се поднесе барање за државјанство.

Грчка виза за „финансиски независни лица“

Оваа виза бара да имате минимален приход од 24.000 евра годишно, но не можете да имате никакви економски или инвестициски активности во земјата. Изворите на приходите вклучуваат пензија, изнајмување недвижности и вложување. Оваа виза се издава на две години и може да се обнови на крајот од тој период.


Малта

Малта има посебна програма која се нарекува Програма за пензионери. Ако сакате да аплицирате, морате да поседувате недвижности на Малта вредни најмалку 220.000 евра или да изнајмите недвижност која чини 8.750 евра годишно. Исто така, кандидатите мора да имаат здравствено осигурување издадено на Малта. Визата бара да не поминете помалку од 90 дена годишно или повеќе од 6 месеци во која било друга шенген-земја освен Малта.

portugalija
Фото: Freepik

Португалија, виза „Д7“

Виза „Д7“ или пасивен приход го прави животот во пензија во Португалија привлечна опција за многу државјани од земји надвор од ЕУ. За да се квалификувате, мора да имате месечен приход од 705 евра. Овој приход може да биде од различни извори, вклучувајќи пензија, недвижности или вложување. Оние што имаат ваква виза користат исти здравствени бенефиции како и граѓаните на Португалија.

Извор: b92.net
Фото: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот