Британската влада ќе побара од милиони студенти и работници прогласени за технолошки вишок, односно отсутни од работа, да берат овошје и зеленчук среде кризата со коронавирусот. Кампањата е наречена „Бери за Британија“.
Пандемијата и рестрикциите за патување значат дека фармите веќе нема да можат да се потпрат на привремениот персонал, кој претежно доаѓа од Источна Европа за да го бере родот.
Се очекува британските власти официјално да повикаат на акција во текот на следните денови, заедно со газдите во индустријата, за свежото овошје и свежиот зеленчук да не се остават да овенат.
Унијата на национални фармери (НФУ) верува дека до 95 отсто од вообичаените 70 илјади сезонски работници може да бидат изгубени и дека британските работници што не можат да си ги работат секојдневните работи ќе треба да помогнат.
Потпретседателот на НФУ, Том Бредшо, истакна дека се надеваат оти Британците ќе го прифатат предизвикот во име на националниот интерес. Тој додаде дека тие работеле со властите на замислата и презеле чекори за олеснување на вклучувањето на луѓето - на пример, преку дозволување на луѓето што се отсутни од работа да прифатат втора работа.
Плодовите, на пример, јагодите, се фрлаат ако не се собрани во релативно краток период и ќе бидат потребни собирачи постојано во текот на сезоната како што созреваат различни видови култури.
Џек Вард, извршен директор на Британската асоцијација на одгледувачи, истакна дека летната сезона за 2020 година почнува сега, а пикот доаѓа кон крајот на мај и јуни, и трае до средината на октомври.
- Бараме одржлив тек на регрутирање наместо пријавување на 70.000 лица одеднаш, ова е долга игра - вели тој.
Неколку индивидуални шеми за вработување веќе се во тек во индустријата за свежи производи, вклучувајќи го тука и Порталот за достапност на резервни работници - бесплатна база на податоци за достапни работници направена за да им помогне на бизнисите да ги најдат потребните ресурси.
Компаниите што знаат дека нивните работници нема да можат да работат со денови, недели или неопределен период можат да се регистрираат на порталот и може да најдат работници со профил каков што им е потребен.
- Зборував со луѓе од индустријата за важното прашање во врска со сезонските работници, кои обично доаѓаат од Европа за да берат овошје и зеленчук. Треба да ја мобилизираме британската работна сила за да ја потполниме таа празнина и да се осигуриме дека нашите овошја и зеленчуци ќе се најдат во чиниите на луѓето во текот на летните месеци. Веќе има брилијантни напори за регрутирање од страна на индустријата и јас ги охрабрувам луѓето да се регистрираат - истакна британскиот секретар за животна средина, храна и рурални прашања, Џорџ Иуситс.
Извор:
Huffington Post
Насловна фотографија: Unsplash