Редовното земање на годишен одмор може да го продолжи животот - ова е наодот на 40-годишното истражување.
-Немојте да мислите дека здравиот начин на живот ќе компензира за претераната работа и неземањето одмор. Одморот може да биде добар начин за ослободување од стресот - вели професорот Тимо Страндберг, од Универзитетот во Хелсинки, Финск.
Истражувањето вклучувало 1.222 средовечни мажи на позицијата раководител, родени во 1919 до 1934 година и регрутирани во истражувањето за бизнисмени во Хелсинки во 1974 и 1975 година. Учесниците имале најмалку еден ризик фактор за кардиоваскуларни болести (пушење, висок крвен притисок, висок холестерол, покачени триглицериди, гликоза нетолеранција, прекумерна тежина).
Учесниците случајно биле поставени во контролна група (610 мажи) и во интервентна група (612 мажи) во период од 5 години. Интервентната група добила усни и писмени совети на секои четири месеци за правење на аеробни физички активности, јадење здрава храна, постигнување здрава тежина и откажување на цигарите. Кога здравствените совети сами по себе не биле ефикасни, мажите во интервентната група исто така добивале лекови препорачани во тоа време за намалување на крвниот притисок. Мажите во контролната група добивале вообичаена здравствена заштита и не биле прегледани од истражувачите.
Ризикот од кардиоваскуларни болести бил намален за 46 отсто во интервентната група во споредба со контролната група до крајот на истражувањето. Сепак, по 15-годишното следење, во 1989 година имало повеќе смртни случаи во интервентната група отколку во контролната група.
Анализата покажала дека мажите кои годишно земаат помалку одмор имаат 37 отсто поголеми шанси за умирање, во однос на оние кои земале четири недели.
Неодењето на годишен одмор, односно фактот што не го напуштиле изворот на стрес, целосно ја надминало предноста што ја дала здравата исхрана и физичките вежби, велат истражувачите.
Оние кои не одат на годишен одмор обично остануваат подолго на работа и помалку спијат, што остава големи негативни последици на здравјето.
Во истражувањето се истакнува важноста на користењето на одмор целосно на годишно ниво, односно сите денови на располагање во текот на една година.
-Штетата предизвикана од режимот на интензивен начин на живот беше концентрирана кај мажите со пократок годишен одмор. Во нашето истражување, мажите со пократок одмор работеле повеќе и спиеле помалку од оние кои земале подолг одмор - вели професорот Страндберг.
-Нашите резултати не укажуваат на тоа дека здравственото образование е штетно. Наместо тоа, укажуваат дека намалувањето на стресот е суштински дел од
програмите насочени кон намалување на ризикот од кардиоваскуларни болести - додава тој.