X
 29.09.2020 Образование

На Филозофски факултет промовирана првата е-платформа за студенти со попреченост

Системот за менаџирање на учењето на Филозофски факултет е мудл платформа која е приспособена за студентите со попреченост, поконкретно студентите со оштетен вид, оштетен слух и студентите со дислексија

На 28 септември 2020 година, во просториите на Филозофскиот факултет беше промовирана првата е-платформа во нашата земја која е пристапна за студентите со попреченост. Проектот ФАСТ (2018-2021): Пристапен систем за менаџирање на учењето, добиен во рамките на Еразмус+ КА203 програмата, овозможи креирање на еден ваков систем, кој денес е веќе приспособен за три групи студенти со попреченост: студенти со оштетен вид, студенти со оштетен слух и студенти со специфични тешкотии во читањето - дислексија.

Транснационалната имплементација на Еразмус+ ФАСТ проектот беше од витално значење поради искуствата на другите земји што имаат веќе креирани системи за е-учење. Оваа соработка доведе до размена на добри практики меѓу нашата земја-координатор на проектот и земјите-партнери (Универзитетот во Авеиро-Португалија, Универзитетот во Вилнус-Литванија и Европскиот тренинг-центар Копенхаген-Данска), и до креирање плагини за пристапност и во овие земји.


Проф. д-р Александра Каровска-Ристовска

На настанот се обратија деканот на Филозофскиот факултет, проф. д-р Ратко Дуев, координаторот на ФАСТ-проектот, проф. д-р Александра Каровска-Ристовска, и ИТ-експертите што ја изработија оваа пристапна платформа, доц. д-р Моника Симјаноска и асс. м-р Костадин Мишев. Тимот кој работеше на проектот, покрај координаторот и ИТ-експертите, беше сочинет од професори од Филозофскиот факултет: проф. д-р Оливера Рашиќ-Цаневска, проф. д-р Алма Тасевска, проф. д-р Никола Минов и проф. д-р Војислав Саракински.

Системот за менаџирање на учењето на Филозофски факултет е мудл платформа која е приспоспобена за студентите со попреченост, поконкретно студентите со оштетен вид, оштетен слух и студентите со дислексија. Овој систем е алатка за администрирање, документирање, известување и испорака на програми за обука, но може да се користи како платформа за целосно функционални онлајн-курсеви, како и за хибридни форми на учење (превртена училница, учење од дистанца и слично).
Водејќи се од принципот на универзален дизајн во учењето, нашиот тим реши да креира генерички модел на пристапен систем за менаџирање на учењето и да го направи пристапен за студентите со попреченост уште во раните фази на развој. За таа цел беа креирани три плагини:

- Плагин за дислексија за студентите со специфични тешкотии во читањето - дислексија. Со користење на овој плагин секој текст во рамките на платформата може да се конвертира во фонтот DyslexicFZF (креиран од Филозофскиот факултет). Овој плагин овозможува промена на бојата на заднината за подобар контраст и олеснето читање на студентите со дислексија.




- Плагин за знаковен јазик. За креирање на овој плагин беа изработени 150 видеа на знаковен јазик кои беа ембедирани во мудл платформата. На овој начин глувите лица имаат можност да ги следат инструкциите од платформата на македонски знаковен јазик, јазик кој има посебни и различни граматика и синтакса од македонскиот говорен јазик.



- Текст ту спич плагин. Со овој плагин секој текст на платформата се претвора во хуманоиден говор. Во рамките на овој плагин е креирана МАКЕДОНКА-првиот open-source синтетизатор на македонскиот јазик базиран на deep-learning пристапот.



Една од позитивните карактеристики на нашиот систем е дека нашите студенти ќе можат да пристапат до содржината преку нивните мобилни телефони и таблети, како и да добиваат нотификации преку нив.
Пристапноста на овој систем за студентите со попреченост ќе ги охрабри да го продолжат нивното образование и да стекнат повеќе дигитални вештини и компетенции. Оваа технологија ќе им овозможи да се стекнат со адаптирани и персонализирани образовни искуства скроени за нивните индивидуални образовни потреби и лични карактеристики. Се надеваме дека ова ќе води кон поголема компетитивност на пазарот на трудот, поголеми можности за нивно вработување и подобар квалитет на живот.

Текстот го подготви Филозофски факултет, Скопје

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование