X
 26.08.2020 Наша тема

Основан во една, а слави 100 години во друга пандемија - интервју со деканот на Филозофски факултет, проф. д-р Ратко Дуев

Еден век високо образование на Филозофскиот факултет означува и еден век градење на државата, вели Дуев

Кадри од научни области кои се изучуваат на Филозофскиот факултет се потребни за да се надмине кризата што ја предизвика коронавирусот. Така било во минатото, така ќе биде и во блиска иднина. Тоа е нашето бреме кое го носиме веќе едно столетие. Но, Факултетот минал низ многу поголеми предизвици во своето едновековно постоење: војни, кризи, епидемии, земјотреси, поплави и секогаш успевал да продолжи со својата вековна мисија да создава кадри и да ја унапредува науката, вели проф. д-р Ратко Дуев, декан на Филозофскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Со него разговараме за одбележувањето на вековниот јубилеј, за условите во кои бил основан најстариот факултет во Македонија, за актуелните услови за студирање на оваа институција.


Филозофски факултет

Како е формирана оваа прва високообразовна институција во Македонија? Во какви општествени и политички услови?

- Филозофскиот факултет е основан во далечната 1920 година, по Првата светска војна и веднаш по завршувањето на големата пандемија на шпанскиот грип, кој однел милиони животи низ светот. Во тешки околности и економска криза предизвикани од војната и пандемијата, со кралски указ на 2 февруари 1920 година во Скопје бил основан Филозофски факултет како автономна установа во рамките на Универзитетот во Белград, со задача да биде столб на денационализација на народот во Македонија како дел од тогашното кралство. Првиот декан на Филозофскиот факултет, д-р Тихомир Остојиќ, распишал конкурс за упис на студенти по историја, филозофија, педагогија, лингвистика и книжевност. Наставата почнала со 35 студенти. Неполна година од формирањето почнале и предавањата, на 21 декември 1920 година, во зградата на познатата османска Идадија – учителската школа, во тогаш југозападната периферија на Скопје.


Проф. д-р Ратко Дуев

Во почетокот, наставниците на факултетот биле дел од тогашната научна и културна елита, што укажува дека намерите биле сериозни и дека му се придавало големо значење на Филозофскиот факултет во Скопје. Во меѓувоениот период на факултетот предавале многу значајни имиња на тогашната наука и култура со докторати стекнати во Виена, Прага, Петроград, Москва, Париз, Берлин итн. Но најголем дел од студентите биле од Македонија, а како факултет во Скопје, многу Македонци од соседните држави се запишувале на факултетот. Тоа предизвикало револт кај властите, набргу се појавила и иницијатива за негово укинување бидејќи првичната намера не дала резултати. Во одбрана на факултет застанале сите интелектуалци и студенти, меѓу кои и нашиот поет Кочо Рацин. По углед на своите колеги во Љубљана, Загреб и Белград, студентите во Скопје се огласиле и по повод окупацијата и анексијата на Австрија од Германија, за што поддршка имале и од дел од професорите и асистентите (Душан Недељковиќ и Вук Павичевиќ). Сепак, властите сметале дека најопасно дејствување на Филозофскиот факултет во Скопје пројавиле студентите членови на ММТРО (Млада македонска тајна револуционерна организација). Во јануари 1937 година била поднесена молба до факултетските власти потпишана од 53 студенти за основање на друштвото „Вардар“, по примерот на нивните колеги во Загреб и Белград. Меѓутоа, факултетските власти веројатно под политички притисок не дозволиле организирање на вакво студентско друштво, кое меѓу другото би ги негувало македонската култура, фолклор и традиција.

Од предвоениот Филозофски факултет започнува и научната дејност. Публикувано е научното списание „Годишник на скопското научно друштво“, професорите биле иницијатори и за формирање музеј во Скопје. Првата историско-археолошка збирка била сместена на Филозофскиот факултет во 1920 година, во наредните години до 1927 година биле организирани и етнографската, зоолошката и геолошко-петрографската збирка. Во рамките на факултетот се отвора студентска библиотека. Читалницата била отворена за сите граѓани. Не била само универзитетска, туку и прва јавна библиотека во Скопје, чиј фонд во 1928 година бил околу 60.000 книги. Библиотечниот фонд по војната ќе стане база на Народната библиотека на НРМ. Дел од асистентите, професорите, руските бегалци од Октомвриската револуција ќе станат столб на реобновениот Филозофски факултет во независна Македонија и ќе остават траен белег во македонската наука и култура. Како при основањето, и 100. учебна година - годината на големиот јубилеј, започнува во околности на голема светска пандемија предизвикана од еден друг вид грип - коронавирусот. Тоа е нашето бреме.

Кои клучни улоги на Филозофскиот факултет би ги издвоиле во создавањето и развојот на македонската држава?

- Клучната улога по војната била развивање на образованието и градење институции кои се столб на државата. Секако, образованието е столб на државата. По војната кога 95 отсто од населението биле неписмени, главниот приоритет бил создавање учители и наставници за да се создаде кадар за училиштата и факултетите. Крајот на Втората светска војна значел почеток на нова ера во развојот на ФЗФ. Основана е комисија за отворање на Универзитетот во Скопје на 7 ноември 1945 г. во која биле вклучени д-р Михаил Д. Петрушевски, д-р Харалампие Поленаковиќ, д-р Ѓорѓи Шоптрајанов, Блаже Конески, Љубен Лапе и Јован Трифуновски. Во 1946, со закон на Владата на НР Македонија е обновен Филозофскиот факултет, како прва единица на првиот македонски универзитет – по оној најстариот на Плаошник, на св. Климент, во 9 век.



Тешко е да се претпостави какви биле емоциите на голема свеченост во Македонскиот народен театар на 29 Ноември 1946 (Денот на републиката) кога првиот декан д-р Михаил Д. Петрушевски го прогласува отворањето: „Ве поздравувам во името на новоизбраното професорско тело и го објавувам отворањето на новооснованиот Македонски државен универзитет... македонскиот народ го прославува големиот празник со достојно дело...“ Товарот врз професорите бил голем. Во двете комисии за кодификацијата на јазикот и правописот, покрај Блаже Конески и Михаил Д. Петрушевски биле вклучени и професори од факултетот, втемелувачи на Филозофскиот факултет и воедно на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“.

Ретко кој народ може да се гордее дека за 10 години (од 1946, основањето на УКИМ во 1949 и формирањето на сите факултети до 1956 г.) заокружил создавање на универзитет со сите научни области. Тоа укажува на голема посветеност на професорите кои во тешки околности успеале да ја изградат клучната државотворна институција. Следуваат основање на МАНУ, Институтот за македонски јазик, Институтот за национална историја, НУБ, потоа институтите за литература, за старословенски јазик. Со преводот на „Евангелието“ на акад. Петар Хр. Илиевски (кој воедно со својата статија депонирана во НБРМ го дава називот на нашата национална валута „денар“) на македонски јазик, започнува процесот на одвојување на МПЦ од СПЦ, првпат одекнува богослужба на македонски јазик итн. Со развојот на факултетот започнува и општествената дејност, покрај градење градинки, училишта, гимназии, центри за социјална заштита, специјални училишта, стратегии за образование, реформи, создавање кадри за безбедноста на државата и заштитата, ископување и конзервација на културното наследство, основање на музеи и многу, многу други институции... листата е долга. Еден век високо образование на Филозофскиот факултет означува и еден век градење на државата.

Каква е позицијата на Филозофскиот факултет денес и неговата улога во високото образование во Македонија?


- И денес факултетот ја има истата улога како во минатото. Развојот на сите степени на образование, институциите создадени од поранешните студенти и професори се врзани со развојот на факултетот, а со тоа и со развојот на високото образование и науката. Филозофскиот факултет во Скопје е големо семејство од над 15.000 дипломирани студенти, магистри, доктори на науки, 3.000 тековни студенти и голем број поранешни и сегашни професори и вработени во службите. Професорите се вклучени во многу закони, стратегии и проекти за развој на образованието, културата, социјалната заштита, цивилна заштита, родова еднаквост, културно наследство итн.



Со својот растеж и активностите на факултетот се многукратно зголемени. Само во последните три години со вмрежување на факултетот во европски и светски програми за размена на студенти, како и регионални соработки, бројката стигна до 100 договори со европски и светски факултети. Преку програмите за мобилност, јавни предавања и меѓународна недела им овозможивме на студентите да слушаат за најновите достигнувања во науката од врвни професори од САД, Израел и од Европа и преку дигитални платформи. Во последните три учебни години дури 460 странски професори одржале предавање пред студенти на Филозофскиот факултет. Бројката е за почит. Нашиот стремеж за отвореност кон светот доведе до тоа студентите да имаат можност да учествуваат на меѓународни летни школи, студентски конференции, студиски посети, активно да придонесуваат во работата на факултетот преку единственото студентско списание во нашата земја „Внатрешен патник“, кое оваа година се испечати со фонтот за дислексија, создаден од наставниците на факултетот, и со Брајово писмо.

За олеснување на студирањето и истражувачката работа, Филозофскиот факултет се приклучи кон електронската мрежа за библиотечни податоци – КОБИС (COBISS) со што целиот библиотечен материјал на Факултетот може да се пребарува и електронски. Преку Еразмус проектот „Пристапен систем за управување со учењето во хуманистичките и општествените науки“ создадена е е-платформа за учење која ќе има можност да ги трансформира наставните материјали од текст во говор, со што лицата со попреченост ќе имаат олеснет пристап при студирањето на Филозофскиот факултет. Она што е најважно, во сите меѓународни и домашни проекти се вклучени голем број студенти, што им овозможува да стекнат не само пракса, туку и да ги зголемат своите знаења и вештини толку полезни за нивната понатамошната кариера.



Продолживме да ја засилуваме научната инфраструктура, им овозможивме на нашите студенти и колеги полесно да истражуваат и да ја имаат сета достапна домашна и светска научна литература по пример на сите светски универзитети. Покрај достапноста до КОБИС, факултетот заврши со процесот на дигитализација на базата на списанија на страницата https://periodica.fzf.ukim.edu.mk. Направена е дигитализација на сите досега одбранети магистерски и докторски трудови кои се поставени на е-репозиториумот на УКИМ. Во учебната 2018/19 година се претплативме на најголемата електронската база на академски списанија JSTORE, чија збирка содржи клучни списанија од хуманистичките и општествените науки и опфаќа 45 научни дисциплини (составена од 699 наслови, 3,7 милиони статии и 26,6 милиони страници), обезбедивме пристап до базата на Оксфорд, ЕБСКО, Edward Elgar Publishing Journals Collection. Сите магистранди и докторанди имаат услови за студирање според светските стандарди. Со е-платформите развивме можности и за учење на далечина, што ќе овозможи поголемо вклучување на странски професори без големи трошоци за патувања и престој. За само три години реализиравме 53 научноистражувачки проекти, од кои 15 меѓународни проекти, 26 национални проекти и 4 меѓународни ЦЕЕПУС академски мрежи. Организирани се 66 научни настани, од кои 42 од меѓународен карактер (дури 18 меѓународни конференции, студентска конференција, меѓународни летни школи) и 24 од национален карактер (научни собири, трибини, дебати, промоции и сл.). Од оваа година започнуваме со реализација на нов Еразмус проект за дигитализација на културното наследство адаптирано за лица со попреченост.



Она што е наша особеност, нашата мисија, факултетот ја следи својата традиција на отвореност кон заедницата, така што факултетот има склучено голем број договори со јавни институции, здруженија на граѓани и компании, за зголемување на можноста за практична настава на студентите и нивно активно учество во разни проекти. Поттикнавме многу благородни и хуманитарни активности за помош на оние кои им е потребно. Се обидуваме да ја наметнеме нашата визија дека за да има напредок во една држава, мора да функционира триаголникот држава – високо образование – заедница. Иако многумина прават обиди делот „заедница“ да го заменат со „бизнис-сектор“, искуствата на развиените земји укажуваат дека бизнис-секторот е само дел од заедницата. Затоа подигнувањето на општествената одговорност на сите граѓани, преку инвестиција во високото образование, ѝ носи најголем напредок на државата. Затоа преку јавно-приватно партнерство склучивме договори со кои компаниите ќе инвестираат во опрема за студентите да можат да имаат пракса и да учат на најсовремените технологии, да се искористи потенцијалот на професорите, студентите, но и практичарите вработени во самите компании. Денешната криза е голем предизвик за сите нас, да се приспособиме на новите услови и да обезбедиме непречено одвивање на наставата и работата на факултетот.

Годинава Филозофскиот факултет прославува важен јубилеј. Како ќе биде одбележан?


- За жал, програмите усвоени од факултетската управа и факултетските комисии на почетокот на годината за одбележување на големиот јубилеј претрпеа големи измени поради пандемијата. Договорените донаторски средби со разни компании и институции се ставени во мирување. Моменталната состојба е голем предизвик за сите нас, така што сета енергија и ресурси ги насочивме кон приспособување на новите услови и обезбедување услови за непречено одвивање на наставата и работата на факултетот во услови на вонредни мерки и вонредна состојба. Иако состојбата се третира како здравствена криза, неминовно ќе следува и економска криза, овие промени ќе го погодат целото општество, животот на луѓето, менталното здравје, образованието, културата, безбедноста, ранливите групи. Како во минатото, така и во блиска иднина, за да се надмине кризата потребни се кадри од научни области кои се изучуваат на Филозофскиот факултет. Тоа е нашето бреме кое го носиме веќе едно столетие. Но, Факултетот минал низ многу поголеми предизвици во своето едновековно постоење: војни, кризи, епидемии, земјотреси, поплави и секогаш успевал да продолжи со својата вековна мисија да создава кадри и да ја унапредува науката. Со мудрост, разбирање, макотрпна работа и со примена на дигиталната технологија заедно со нашите студенти ќе ја надминеме и оваа пречка, а и ќе му помогнеме на нашето општество да се справи со неа.



Од 2 до 5 септември во Струга ќе се одржи Меѓународната конференција „Науката и општеството: придонесот на хуманистичките и општествените науки“, на која ќе учествуваат 100 учесници од Европа и од Македонија, но поради пречките предизвикани од пандемијата за отвореност на границите, дел од сесиите ќе се одвиваат преку средствата за електронска комуникација. Свечената академија на 16 декември ќе се одржи во зависност од состојбата и протоколите за работа. Во секој случај, овој голем јубилеј ќе биде достоинствено одбележан. Нашите области се нашето бреме. Веќе сме концентрирани на низа активности и проекти за спречување на последиците врз човекот и општеството предизвикани од пандемијата.
Подготвил: Весна Ивановска-Илиевска / vesna.ivanovska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема