Според проф. д-р Антонио Јакимовски, уредник на изданието и раководител на археолошките истражувања, речиси комплетно го истражиле габаритот на театарот, кој воедно е најголем антички објект во Република Македонија
Проф. д-р Антонио Јакимовски (лево) со промоторите на книгата
„Римски театар – Скупи“ е редок пример на издание објавено веднаш по завршувањето на археолошките истражувања, како плод на една тимска работа. Со овие зборови деканот на Филозофскиот факултет во Скопје, проф. д-р Ратко Дуев, ја почна промоцијата на книгата од археолошките истражувања на театарот, спроведени од 2013 до 2016 година. Книгата ја објавија Филозофскиот факултет - Скопје и Музејот на град Скопје. За делото зборуваа и проф. д-р Елица Манева и Фросина Зафировска од градскиот музеј.
Според проф. д-р Антонио Јакимовски, уредник на изданието и раководител на археолошките истражувања, речиси комплетно го истражиле габаритот на театарот, кој воедно е најголем антички објект во Република Македонија. Со Јакимовски разговараме за значењето на книгата, за најфасцинантните моменти од истражувањето.
Од печат излезе книгата „Римски театар – Скупи“, по малку повеќе од една година откако завршија археолошките истражувања на објектот.
- Токму поради тоа сме и пресреќни што книгата излезе веднаш по завршувањето на истражувањата, што досега беше реткост, а треба да служи како пример за сите наредни истражувања.
Снимка од римскиот театар откако завршија истражувањата
Имавте ли тешкотии да го финализирате изданието, особено поради фактот што објавени се научни трудови од повеќе археолози?
- Повеќе би рекол дека е олеснување да се финализира изданието со повеќе автори бидејќи и при реализацијата на проектот учествуваа голем број стручњаци од повеќе институции и области. Треба да се избегнува идејата дека еден човек може сè да направи и како во многу примери досега, љубоморно да се чуваат податоците и материјалот, кои по многу години остануваат изгубени за науката. Им благодарам на сите што учествуваа во проектот, како и на уредничкиот одбор на книгата и авторите.
Реконструкција на објектот на цртеж
Вие сте уредник на книгата. Како е конципирана и на што е ставен акцентот?
- Книгата ,,Римски театар - Скупи“ е резултат на археолошките истражувања во рамките на проектот „Антички театар – Скупи; Истражувања, заштита, конзервација, реставрација, реконструкција и презентација 2013 – 2017 година“. Конципирана е како зборник на трудови од повеќе автори кои работеа на проектот, задолжени за поединечни сегменти во процесот на истражување со цел да се опфатат сите аспекти што произлегоа од археолошките истражувања. Така, опфатени се сите хронолошки сегменти од праисторијата, преку антиката до средниот век. Освен од археолошки аспект, публикувани се и резултатите и од нумизматички и антрополошки аспект.
Поглед од агол
Во книгата се опфатени резултатите од 2013 до 2016 година, додека траеја археолошките истражувања. Со што се соочивте во овие три години?
- Освен со проблеми од научен карактер, се соочивме и со многу прекрасни археолошки изненадувања, кои мислам дека успешно ги претставивме во книгата, за која се надеваме дека ќе биде неизоставна во археолошката наука. Паралелно со истражувањата вршени се конзервација и реставрација на движниот археолошки материјал од керамика, метал, коска, стакло и камен. Има повеќе од 10.000 инвентарирани предмети, над 3.300 монети, така што со завршувањето на проектот голем дел од овој материјал е подготвен за понатамошна музејска презентација. Направена е комплетна техничка и фотодокументација, од која произлегоа „Проектот за конзервација на сценската зграда“, кој е веќе реализиран, и „Проектот за конзервација и реставрација на гледалиштето“.
Движни наоди пронајдени на ископувањата
Откако завршија работите на терен, можете ли кусо, низ неколку реченици да ни го опишете објектот според пронајдените материјални податоци?
- Со истражувањата во рамките на овој проект речиси комплетно го истраживме театарот, кој воедно е најголем антички објект во Република Македонија. Утврдено е времето на неговите изградба, егзистирање и крај, како и стратиграфијата на овој простор. Откриени се многубројни археолошки и архитектонски целини и голем квантитет на движен археолошки материјал, кој значително го збогатува нашето знаење за праисторијата, антиката и средниот век на просторот на Скопскиот Регион, Република Македонија, па и пошироко во балкански рамки.
За вас, истражувачите, кои беа најфасцинантните научни моменти што ги понуди театарот во Скупи?
- Ги имаше повеќе, најпрво тоа беа гробовите од железно време, за кои не ни претпоставувавме, како и откривањето на средновековната населба и некропола. Треба да се напоменат и делови од самиот театар, како и откривањето на седиштата. Сепак, да се издвои нешто како најфасцинантно е невозможно поради тоа што теренските археолошки истражувања секојдневно ни откриваат нешто ново, нешто фасцинантно.
Садови и накит
За еден проект, колку е важно да завршат кабинетските истражувања и објавувањето на едно вакво издание?
- Целта на археологијата е преку истражувањето на минатото да направи реконструкција и сите нови научни достигнувања да ги направи достапни и за научната и за пошироката јавност. Без публикувањето на податоците и резултатите од истражувањата, тие се речиси изгубени, што во никој случај не смее да се дозволи.
Монети откриени на објектот
Што се случува во моментот, извесна ли е судбината на Скупи?
- Скупи е археолошкиот бисер на Скопје. Се наоѓа во непосредна близина на центарот на градот и секоја светска метропола би можела само да посака да има ваков локалитет во своја близина. Локалитетот е организиран и со инфраструктура, а има и достапен пат до него. Со истражувањето на театарот добивме уште еден објект кој заедно со претходно истражените објекти има многу да понуди пред туристите што го посетуваат Скопје. Што поскоро е потребно да се организира локацијата и да се стави во туристичка функција.