X
 29.09.2026 Живот

Звучи лудо, но теоријата е всушност сериозна: Постои ли паралелен универзум?

На денешен ден во 1954 година е основан ЦЕРН, еден од најважните научни центри во светот. Таму физичарите се обидуваат да одговорат на прашања што звучат како научна фантастика, па и на она дали покрај нашиот постои уште некој, паралелен универзум.

На денешен ден, 29 септември 1954 година, официјално е основан ЦЕРН, Европската организација за нуклеарни истражувања која во текот на децениите прерасна во еден од најважните научни центри во светот. Настана како симбол на повоената европска соработка, а целта му беше да им овозможи на научниците заедничко истражување на основните закони на природата. Меѓу државите основачи беше и тогашна Југославија.

Седиштето на ЦЕРН се наоѓа во близина на Женева, на швајцарско-француската граница, а токму таму денес се наоѓа и Големиот хадронски судирач, попознат како ЛХЦ. Станува збор за огромен прстен долг речиси 27 километри во кој научниците забрзуваат ситни честички речиси до брзината на светлината, а потоа ги судираат. Целта е едноставна за изговарање, но неверојатно сложена за остварување: да се открие од што е всушност направен универзумот. ЦЕРН веќе испиша некои од најважните страници на модерната наука. Токму таму беше потврдено постоењето на Хигсовиот бозон, честичка што физичарите ја бараа со децении, а во ЦЕРН во 1989 година Тим Бернерс-Ли го осмисли и Ворлд вајд веб за научниците полесно да разменуваат податоци.

Но можеби најинтригантниот дел од приказната започнува таму каде што престанува она што можеме да го видиме и замислиме.

Што ако нашиот универзум не е единствениот?

Кога и да се појави резултат во ЛХЦ кој отстапува од очекуваното, меѓу физичарите се отвора простор за нови теории. Некои од нив звучат речиси како научна фантастика: дополнителни димензии, непознати честички, скриени делови од универзумот, па дури и можност за постоење на други универзуми. Еден од таквите моменти се случи на крајот од 2015 година, кога два големи експерименти во ЦЕРН забележаа необичен вишок на сигнали при судирите на протоните. Не беше јасно што се случило. Можеше да се работи за статистичка случајност, но накратко се отвори можноста научниците да виделе нешто што дотогаш никој го немал видено.

Почнаа да се појавуваат многу теории. Дали станува збор за нова, значително потешка честичка? За нешто поврзано со темната материја? Или можеби за честичка што би можела да помогне да се објасни гравитацијата на сосема нов начин? Таквите прашања не се необични за ЦЕРН. Неколку години претходно токму сличен необичен сигнал претходеше на потврдата на Хигсовиот бозон, честичка што Питер Хигс теоретски ја предвиде уште во шеесеттите години. Поради тоа, секој нов необјаснив резултат предизвикува голем интерес. Не затоа што научниците веднаш веруваат дека откриле нов универзум, туку затоа што токму таквите отстапувања понекогаш ги отвораат вратите кон сосема нова физика.

Паралелните универзуми не се она што го замислуваме


Кога ќе се спомене паралелен универзум, многумина веднаш мислат на друг свет во кој постојат други верзии од нас, каде што истите настани се одвивале поинаку. Таквите идеи со децении ја хранат научната фантастика, но сериозната физика под поимот дополнителни универзуми или димензии често подразбира нешто друго. Некои теории предвидуваат дека нашиот универзум можеби има повеќе димензии од оние што секојдневно ги набљудуваме. Ние познаваме три просторни димензии и време, но одредени модели претпоставуваат постоење на дополнителни димензии кои ни се скриени бидејќи не можеме директно да ги набљудуваме. Во некои теории нашиот универзум би можел да биде само дел од многу поголем систем. Други замислуваат повеќе универзуми кои постојат еден покрај друг, додека трети ја допуштаат можноста универзумите да се раѓаат, шират, уриваат и повторно да настануваат. Дури и црните дупки поттикнаа такви размислувања. Физичарите забележаа дека начинот на кој материјата исчезнува во црна дупка во некои аспекти потсетува на Големиот тресок гледан наназад. Тоа го отвори прашањето дали црните дупки на некој начин можат да бидат поврзани со настанокот на нови универзуми.

Уште повеќе простор за необични теории отвори теоријата на струни, според која универзумот може да содржи повеќе димензии отколку што можеме да видиме. Во некои модели различни универзуми би можеле да постојат многу блиску еден до друг, но не би можеле да ги набљудуваме на вообичаен начин. Постојат дури и теории според кои гравитацијата би можела да дејствува меѓу таквите скриени димензии. Кога некогаш би се пронашол доказ за таков феномен, тоа целосно би го променило нашето разбирање на реалноста.

Токму затоа ЦЕРН не е само огромна лабораторија во која се судираат честички. Тоа е место во кое се обидува да се дојде до границата на она што денес го знаеме. Повеќето необични сигнали на крајот добиваат поедноставно објаснување или се покажуваат како случајност. Така и треба да функционира науката. Но секогаш кога ЛХЦ ќе пронајде нешто неочекувано, повторно се отвора истото големо прашање.

Дали универзумот што го гледаме е навистина сѐ што постои – или е само мал дел од реалноста што сѐ уште не можеме да ја видиме?

Извор: express
Фото: Википедија

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот