Европската организација за нуклеарно истражување, позната како ЦЕРН, открила четири нови честички во својот голем хадронски судирач во Женева. Оваа направа досега открила вкупно 59 нови честички, како и Хигсовиот бозон, откако започна да судира протони во 2009 година.
Некои од овие нови честички биле очекувани и претставувале потврдување на постојни теории, но некои биле изненадување. Целта на големиот хадронски судирач е да ја истражува структурата на материјата на кратки дистанци и високи енергии во лабораториски услови, а со тоа и да ја тестира моменталната теорија за природата.
Научниците го откриле Хигсовиот бозон, последниот дел од стандардниот модел во честичната физика, со помош на судирачот. Но теоријата сè уште е далеку од целосна и разбирлива, а еден од најголемите прашалници поврзани со теоријата останува описот на силата што ги спојува протоните и неутроните во атомското јадро.
Самите протони и неутрони се составени од уште помали честички наречени кваркови, од кои има дури 6 вида. За работите да бидат уште покомплицирани, сите честички во стандардниот модел имаат античестички кои се речиси идентични на честичките, но имаат спротивни полнежи. Кварковите не се наоѓаат поединечно, туку во групи. Сите четири нови честички што ги открил големиот хадронски судирач се тетракваркови, односно се состојат од четири кваркови.
Кварковите и електроните се вистинските основи на материјата, пишуваат научниците Патрик Копенбург и Хери Клиф за „Конверјзешн“.
Сепак, покрај откритијата, сè уште има многу непознати делови во стандардниот модел, а и оваа теорија не објаснува сè за честичките бидејќи не одговара на модели кои го објаснуваат создавањето на универзумот. Големиот хадронски судирач бара нови честички кои ќе ги пополнат празнините.
Автори: Патрик Копенбург и Хери Клиф
Извор:
theconversation.com