X
 09.03.2018 Живот

A што вие им подаривте на воспитувачките и наставничките?

podarok

Воспитувачките на моето дете за 8 Март на масата затекнаа ваучери. Три плика, три имиња и преголеми суми. Честитки нема, цвеќиња нема, децата за тоа не знаат ништо. Колку што можам да слушнам овие денови - не сме единствени. Им се дава предност на ваучери и непримерни подароци со кои децата немаат врска. Но родителите, повеќето, се горди на својот избор на подарок. Бидејќи повеќето од нив одлучуваат. Само неколкумина од нас се срамат од ваквиот подарок...

Се срамам бидејќи даваме само пари, без вложен труд, љубов, време, благодарност. Даваме пари, за што? За да купиме дополнително внимание за нашите деца, да обезбедиме и понатаму да се грижат за нив, да ги негуваат, да учат и понатаму да ги развиваат нивните способности? Тоа тие не го прават затоа што сме им купиле подарок, туку затоа што ја избрале таа работа, затоа што сакаат. А ако веќе  чувствуваме некаква благодарност за сето она што го прават и сметаме дека им даваат многу повеќе нежност, внимание, трпение, љубов, не треба да вратиме исто? Ако е така, тогаш со пари не можеме да платиме. Тогаш како? Така што ќе им дадеме подарок на исто вакво, човечко ниво. Ќе им покажеме дека забележуваме колку се посветени. Дека од нашите деца слушаме колкава поддршка им се кога им се најпотребни. За да видиме колку некогаш и самите се уморни од бришење носеви, преслекување, одговарање на невозможни прашања - но и покрај тоа, тие пронаоѓаат трпение и на секое дете му го покажуваат вистинскиот пат, му одговараат и го поддржуваат.

Не е проблем симболичниот ваучер, туку проблем е отсуството на каква било емоција што овој подарок може да ја пренесе кога е само плик со цифра. И отсуството на волја тоа да им го овозможиме. Нема убав знак за внимание, оној што би покажал дека некој ги гледа, и ги слуша, дека не се само број, каков што е тој на пликот. Каде се честитките со кои некогаш се искажуваше благодарност од страна на родителите? Или можеби духовит стих со неколку интересни ситуации. Или можеби персонализирани шолји со мотивациска порака или со имињата од децата или, пак, духовита порака за денот на наставникот. Или можеби честитки направени од самите дечиња.

Сето ова на родителите им е смешно. Јас сум загрижена што тоа им е смешно. Бидејќи ваков свет создаваме за најмладите и така ги учиме, затоа што овие родители ги избрале подароците што би ги избрале и за себе - пари. А секој приговор на ваквиот подарок е карактеризиран како отпор да им се овозможи нешто на наставниците и воспитувачите. А токму е спротивното. Некои од нас сакаат да им овозможат повеќе. Што ги учиме нашите деца? Дека сè се купува? Дека вреди материјалното? Дека благодарноста се искажува со пари?

Моето дете и јас овие неколку дена сечеме, лепиме и цртаме честитки за мајките, бабите и тетките. Нејзината среќа е бескрајна кога ги подарува. Денес, не ѝ кажав за подарокот за воспитувачките. Ја испратив во градинка со зборовите: „Душо, кажи им на воспитувачките и на сите тетки во градинка: ’Среќен 8 Март‘ и подари им ја твојата најубава насмевка“.

Автор: Хелена К.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот