Метју Пери, актерот најпознат по улогата на Чендлер Бинг во популарната серија „Пријатели“, почина на 54 години.
Според американските медиуми, Пери се удавил во џакузито во својот дом во Лос Анџелес, иако официјално причината за смртта не е објавена.
„Ворнер брос“, продуцентската куќа која стои зад сите 10 сезони на „Пријатели“ од 1994 до 2004 година, му оддаде почит на овој исклучително надарен актер.
- Влијанието на неговата комична генијалност се почувствува низ целиот свет, а неговото наследство ќе живее во срцата на многумина. Ова е тажен ден и ја испраќаме нашата љубов до неговото семејство, неговите најблиски и сите негови посветени обожаватели - пишува во нивната објава.
Пери е најпознат по улогата на Чендлер Бинг во серијата „Пријатели“. Оваа хумористична серија за шест пријатели кои живеат во Њујорк брзо стана феномен освојувајќи бројни „Еми“ награди и постигнувајќи рекордна гледаност; финалето на серијата од 2004 година привлече повеќе од 52 милиони гледачи во Америка.
Метју Пери освои многу фанови во текот на неговата кариера со улогата на Чендлер Бинг. Но, личниот живот на Метју Пери беше обележан со борба со зависноста, која започна во 1997 година, откако тој стана зависен од лекови против болки по несреќа со скутер.
Во 2019 година Пери падна во двонеделна кома поради злоупотребата на опијати; поминал низ 14 операции.
- Во овој момент од мојот живот, пофални зборови се излеваат од мене бидејќи требаше да бидам мртов, а сепак не сум - напиша Пери во својата книга „Пријатели, љубовници и големата страшна работа“.
Книгата беше хит меѓу читателите и критичарите, а новинарката Барбара Елен од „Гардијан“ ја нарече „мачна и откривачка приказна за точката каде што екстремната зависност се судира со мегаславата“.
- Добивате слава само за да откриете дека тоа не е животен одговор. И никој што не е познат никогаш навистина нема да верува во тоа - напиша Пери.