X
 29.10.2024 Живот

Дали би престојувале во најнеобичните мали хотелски соби во светот?

Од обновени канализациски цевки во Колумби до сфери кои се наоѓаат високо на небото во Канада, овие нови креативни хотели се создадени за новата генерација на патници.

Во текот на ноќта, првиот хотел со капсули во светот (основан во Осака, Јапонија, во 1979 година) сигурно изгледа како мртовечница, со тесни капсули за спиење. Но, ова ефикасно решение ги спасило станарите, главно бизнисмени кои работат до доцна, да не патуваат многу часови до дома.

Како што се ширел концептот, така туристите станувале посреќни што спијат во соба не поголема од креветот, па многумина имаа желба да го пробаат овој необичен аспект на јапонската култура.

Денес, високите цени на хотелските соби и порастот на цените на недвижностите го поддржаа овој типично евтин концепт, кој на патниците им нуди алтернативно економско решение и поголема приватност.

Со оглед на тоа што глобалниот пазар на хотели со капсули се предвидува да достигне 327 милиони долари до 2031 година, се појавија хибриди што одржуваат тренд и привлекуваат нови клиенти - генерацијата на „Тик-ток“ привлечена од необичните форми на хотелски соби кои ветуваат и нудат уникатно искуство.

Ова се неколку најнеобични примери.

Лабораторија за спиење

laboratorija
Фото: Nine hours

„Најн аурс“, синџир од 13 хотели низ Јапонија, има необичен нуспроизвод - податоци за спиење. Во станицата „Шинагава“ и филијалите „Акасака“, гостите можат да се пријават за услугата „Скенирање на вашиот 9-часовен сон“, каде што сензорите откриваат сè, од дишење до изрази на лицето, за на крај да генерираат извештај за спиење што го следи пулсот на лицето што спие, идентификува апнеи при спиење, па дури и го следи 'рчењето.

Високо на небото

vive
Фото: Natura Vive

Доколку не се плашите од висина и сакате ноќта да ја поминете во проѕирна капсула за спиење прилепена за карпа над Светата Долина во Перу, и доколку сакате адреналин, тогаш „Скајлоџ адвенчр суитс“ е вистинскиот хотел за вас.

Секоја капсула има приватна бања што гарантира дека ноќната посета на тоалетот не е опасна за живот, а на изгрејсонце можете да уживате во шолја чај на вашата природна тераса.

Пустинска оаза

oaza

Хотелот „Тубо“ е на само 10-минутно возење од втората по големина пустина во Колумбија, наречена Татакоа, позната по ведрото ѕвездено небо. Хотелот располага со 37 капсули направени од бетонски канализациски цевки обоени во шарени бои, кои обезбедуваат простор доволен за да се смести брачен кревет. Половина од собите имаат заедничка бања, но цената на собата е скромна и нуди градина, бар и ресторан веднаш до вашиот праг.

Потопување во природата

priroda
Фото: Tom Chudleigh

Хотел кој се наоѓа меѓу четинари нуди таканаречени „духовни сфери“ на островот Ванкувер, Канада, кои ви даваат чувство како да лебдите во крошните на дрвјата. До секоја сфера се пристапува преку спирални скали кои се наоѓаат околу дрвото и се достапни за изнајмување на температури до -20 степени.

Мало, но смирувачко

kapsula
Фото: KINN Capsule

Во зграда во сингапурско-кинески кварт се наоѓа изненадувачки спокоен ентериер. Отворен во 2021 година врз основа на естетика што се опишува како мека минималистичка, хотелот „КИНН Капсул“ нуди зен-поглед на концептот на капсулата со ѕидови насликани во смирувачки тонови. Зградата има вкупно 72 капсули, затворени со ролетни за затемнување.

Книга пред легнување

kniga
Фото: Suschengliang

Традиционална фарма во провинцијата Жеџијанг во Источна Кина доби награда во 2019 година кога повторно беше отворена како хостел со капсули, книжарница и библиотека, и мали легла скриени меѓу полиците за книги.

Како во шкафче

skafce
Фото: De Bedstee Hotel

Во „Оуд зуид“, една од најскапите населби во Амстердам, гостите плаќаат за да спијат во шкафчиња. Необичниот хотел „Де Бедсти“ се потпира на традицијата од 17 век на холандскиот концепт кревет-кутија скриена зад вратите на шкафовите за да создаде пријатно ќоше за спиење.

Извор: ВВС
Фото: Natur Vive
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот