X
 28.02.2018 Живот

Најпознатото киднапирање на авион во историјата - драмата во Ентебе

На 27 јули 1976 година од Тел Авив полетал авионот на „Ер Франс“ со 248 патници, чија дестинација била Париз. Авионот го прелетувал Средоземното Море и слетал на аеродромот во Атина за да дополни гориво и да се качат уште 48 патници. Меѓу патниците што се качиле во Атина бил и еден пар, млади луѓе со германски пасоши.

фотоизвор: jutarnji.hr

По 10 минути откако авионот полетал од Атина, германскиот пар и уште двајца патници од палестинска националност од торбите извлекле оружје кое успеале да го внесат во договор со бахреинските аеродромски работници. За само половина минута успеале да ја заземат пилотската кабина, патниците ги насочиле кон опашката на авионот и на пилотот му наредиле да го пренасочи летот – прво во Триполи, Либија, а потоа во средна Африка. До крајот на денот, авионот слетал на малиот интернационален аеродром во Ентебе, град во Уганда на езерото Викторија. Киднаперите, Германците Вилфред Босе и Бриџит Кулман, како и Палестинците Фајез Абдул-Рахим и Јајел Наји ал-Арјам, дури во Ентебе кажале што сакаат: побарале од израелските и од германските власти да пуштат од затвор низа припадници на палестинското движење за отпор и припадниците на германската ултралева организација „Револуционерни ќелии“. Патниците биле сместени во аеродромската хала во Ентебе и тогаш бил издаден ултиматум.

Таа година палестинското прашање навлегувало во долг, мрачен ходник. Во 1975 година, Египет се помирува со Израел, а Суетскиот Канал првпат се деблокира по 8 години. Оставени сами, Палестинците почнале со екстремизам. Палестинското движење за отпор се врзува со низа европски радикални леви сили, кои тогаш убиваат политичари и индустријалци во Германија и во Италија. Отпадниците од европската левица и палестинската мејнстрим-политика смислиле киднапирање во Ентебе како експлозивен знак на своето ново братство, во кое на удар се Израелците, Израел како држава и западната корпорација како „Ер Франс“.

Сепак, акцијата била чистокрвно фијаско. По неколку дена преговори, Израел не попуштил. Седмиот ден Израелците на аеродромот слетале со специјалци и за само 90 минути го освоиле аеродромот, ги убиле сите киднапери и 45 угандски војници, па успешно ги евакуирале речиси сите киднапирани, освен четворица.
Сето ова довело и до инспирација за снимање филмови, но сите биле акции и по содржина релативно пропагандистички. Приказната за Ентебе и денес ја има на филмското платно. Имено, на Берлинскиот фестивал се прикажува филмот „Седум дена во Ентебе“, кој повторно ја раскажува приказната за најпознатото киднапирање на авион во историјата. Се работи за интернационална продукција, а режисер е Бразилецот Хосе Падија. Во главните улоги се Розамунд Пајк, Еди Марсан, Даниел Бурел, Денис Менош и Лиор Ашкенази, што значи се работи за интернационален кастинг.

Во овој филм приказната е политички нијансирана, за разлика од другите филмски остварувања. Филмот се занимава и со кабинетските игри во Тел Авив, се обидува и вината да ја префрли на Палестинците, а двајцата Германци да ги прикаже како наивни.

Подготвил: М.П.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот