За време на социјализмот во ноември речиси секогаш паѓаше снег. На крајот од овој месец се славеше 29 Ноември, или Денот на републиката, во чест на Второто заседание на АВНОЈ во Јајце (29 ноември 1943), кога е донесена одлуката за создавање на федеративна Југославија.
Како и другите државни празници од тој ранг, највисокиот, и овој се славеше два дена. Тоа беше номинално, а реално - не се работеше по три, четири или пет дена. Четири ако празникот беше слепен за викенд или имаше пет неработни дена кога празникот се паѓаше во средината од работната недела, па оние еден или два дена до или од викендот се „одработуваа“, а празникот се спојуваше со викендот.
За Денот на републиката навечер на првата програма на телевизија се емитуваше партизански филм, а на втората сплет ора и танци на народите и народностите. А за време на ручекот имаше документарна програма, па на преносните црно-бели телевизори од руската марка „јуност“ тоа го гледаа само портирите и полицајците на дежурство.
Во ноември во социјализмот обично беше ладно, а по ноември уште поладно, со температури под нулата и тоа беа идеални услови за сушење месо. Затоа на Денот на републиката селата во побогатите делови од Југославија потсетуваа на краеви низ кои минала непријателска војска: во дворовите снегот беше црвен од крв, од секој двор се креваше чад, луѓето беа излезени и создаваа метеж, а од посилните гранки висеа бели трупови на големи свињи. Тоа се нарекуваше свињокол.
На долгите маси, кои само за таа пригода се изнесуваа од дома, соседот кој беше повешт во колење ги одделуваше настрана вратот и месо за чадење, па потоа ги средуваше и другите делови. Во големи казани се топеше маст, а џимиринки се ставаа во садови кои децата ги чуваа од мачки...
На последниот ден од празникот рачките на торбите пукаа додека вредните луѓе и граѓани ги тегнеа од автобуската станица до своите солитери, а холестеролот во воздухот можеше да се сече со нож.
За време на празникот во градот остануваа само оние чии врски со селото беа одамна прекинати, „родените белграѓани“ и слично. За нив весниците објавуваа совети „како и по три дена на масата да имате свеж леб“, што беше и повеќе од корисно бидејќи на празникот продавниците (ни пекарниците, нормално) не работеа.
Неволјата беше во тоа што препорачаните рецепти беа бескорисни. Кој барем еднаш мотал бајат леб во влажен пешкир и потоа го сушел во рерна, знае за што зборувам.
Второто заседание на АВНОЈ
Фото: Wikipedia
Инаку, Југославија по површина беше малку помала од Италија и малку поголема од Обединетото Кралство. Имаше сличен број на жители како Норвешка, Унгарија и Австрија заедно. Го предводеше Движењето на неврзаните, кое обединуваше над сто земји. Тие сочинуваа две третини од ОН и 55 отсто од жителите на планетата.
Одбележувањето на 29 Ноември престана со распадот на СФРЈ во сите нејзини републики, освен во Србија. Денот на републиката остана
официјален празник во СР Југославија до 14 ноември 2002 година, кога беше укинат.
Автор: Момчило Петровиќ