X
 04.05.2018 Живот

Знаете ли како настанал прекарот на претседателот на СФРЈ?

Во деновите на прогон и илегалност, во затворите и казаматите настанале многу партиски прекари на многу политичари. Многу се заборавени, но некои се зачувале до ден-денес како симбол или документ на борбата која поминала. На пример, прекарот Тито е општо познат. Но, дали знаете како настанал овој прекар?

-Името Тито го носам уште од периодот 1934-1936 година, не се сеќавам точно од кога. Немаше никакви посебни причини што го избрав баш тоа име. Едноставно, тоа име е многу често во мојот роден крај во Загорје, па го земав за свој илегален прекар - истакна Јосип Броз Тито во една прилика, објаснувајќи ја историјата на своите илегални имиња.

Од документите во архивата на Централниот комитет на Сојузот на комунисти на Југославија се гледа дека Јосип Броз веднаш по излегувањето од робија во 1934 година го користел прекарот Тито. Во периодот меѓу 1937 и 1941 година, кога партијата била во длабока илегалност, Јосип Броз, кој бил секретар на партијата, најчесто го употребувал мето Тито или се потпишувал со скратеницата Т-Т. Првите документи и писма од времето на војната, Јосип Броз ги потпишувал со Т-Т.

Со прекарот Тито, Јосип Броз првпат се потпишал во билтен на Врховниот штаб број 7 и 8 од први октомври 1941 година, како командант на Врховниот штаб на народноослободителните и партизанските одреди на Југославија. Тоа име подоцна се проширува меѓу партизаните и меѓу народот.

Претходно, Тито имал и други прекари: Руди и Валтер.

-Тие прекари си ги дадов сам. Руди го употребував кога бев во земјата, а Валтер во странство и во Коминтерната. Подоцна, кога дознав дека прекарот Руди го носи и членот на Централниот комитет Родољуб Чолаковиќ, јас тоа име го заменив со прекарот Тито - објасни Тито во една прилика.

Јосип Броз Тито во периодот од 1936 до 1941 година имал документи на име Иван Констајншек и на име инженер Бабиќ.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот