27.10.2020
Образование
МОН: Помалку од 1 процент од учениците и наставниците се позитивни на Ковид-19, протоколите се ефикасни
Министерството за образование и наука - МОН информира дека помалку од еден процент од учениците и кадарот во основните и во средните училишта се заразени со Ковид-19.
- Согласно овие податоци, може да се заклучи дека протоколите се ефикасни во намалувањето на ризиците за ширење на вирусот. Наставата продолжува да се одвива непречено, следејќи ја веќе утврдената динамика и организација - информираат од МОН.
Според извештаите што училиштата секојдневно ги доставуваат до МОН, од вкупно 259.235 ученици на ниво на држава процентот на заразени изнесува само 0,06%, а од вкупно 27.955 наставници и друг кадар овој процент изнесува 0,58%, што е далеку под еден процент. Во рамките на наставата со физичко присуство се регистрирани вкупно 40 ученици позитивни на коронавирусот и 52 вработени од наставниот кадар во средните и основните училишта. Во сите овие случаи се реагира навремено според препораките на центрите за јавно здравје, со што се спречува трансмисија на вирусот.
- Во сите други случаи станува збор за учесници на онлајн-настава, при што ниту децата ниту наставниците имале контакт со останатите во училиштата. Исто така, учениците и наставниците што одат во изолација поради близок контакт со заразено лице или затоа што се позитивни на Ковид-19 ја продолжуваат наставата онлајн, со што се обезбедува континуитет во образовниот процес - велат од МОН.
Министерството за образование и наука апелира учениците, наставниците и родителите доследно да ги почитуваат мерките и протоколите за заштита од Ковид-19 во училиштата и надвор од нив, затоа што само со носење маски, држење растојание и често миење и дезинфекција на рацете може да се спречи ширењето на болеста.