X
 29.12.2022 Живот

Собранието и Синдикатот на УКИМ потпишаа колективен договор

Претседателот на Собранието, Талат Џафери, во својство на овластено лице од основачот на Универзитетот, и претседателот на Сојузот на синдикати на вработените на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, проф. д-р Ангел Ристов, денеска потпишаа колективен поединечен договор на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“.

Со овој договор се уредуваат поблиску правата, обврските и одговорностите на работниците и на работодавецот, Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје кои произлегуваат од работниот однос, обемот и начинот на остварување на правата, обврските и другите прашања од интерес на работниците и работодавецот, како и начинот и постапката за решавање на меѓусебните спорови.

Од Собранието посочуваат дека до овој чин дојде како резултат на повеќе од двегодишна борба и заложби на Синдикатот за подобрување на материјалната состојба на наставниот и ненаставниот кадар на најстариот универзитет во земјава.

- Се прифатија заложбите врз основа на кои во 2024 и 2025 година ќе дојде до значително покачување на платите на вработените во Универзитетот, со што ќе се придонесе за поквалитетен развој на науката и на високото образование, сѐ во интерес на студентите и државата - се посочува во соопштението од Собранието.

Според Сојузот на синдикати на Универзитетот, ова е историски чин затоа што првпат се потпишува ваков договор помеѓу институција од високото образование и законодавниот дом на Република Северна Македонија, што е знак на конкретна поддршка на државата во однос на развојот и напредокот на високото образование, со тоа и на државата секако.

- Конечно очекуваме и потврдуваме дека државата ќе го поддржи високото образование, а во интерес на развој и напредок на државата, на образованието и на науката - рече проф. д-р Ристов заблагодарувајќи му се на Џафери за неговата заложба.

Извор: МИА

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот