Прекрасно е кога ќе се види колкави се поддршката и интересот за македонскиот јазик надвор од границите на државата. Но, клучната, виталната поддршка треба да доаѓа однатре, од Македонија. За жал, се чини дека тука нашата држава затаила, вели д-р Борче Арсов од лекторатот по македонски јазик во Париз
На фотокопии наместо на учебници странците го изучуваат македонскиот јазик и се запознаваат со македонската култура. Во лекторатите по македонски јазик во светот недостигаат учебници, стручна литература, технички помагала за осовременување на наставата... Лекторите работат со просечна или потпросечна плата, со минимална поддршка од државата. Преку искуствата на лектори од лекторатите по македонски јазик во неколку европски града ја пренесуваме сликата за поддршката и промоцијата, воопшто за грижата за македонскиот јазик и култура во светот. Искуствата на лекторите се различни и затоа ги претставуваме поединечно.
Д-р Борче Арсов на македонскиот штанд за време на отворениот ден на ИНАЛКО во Париз
Лекторатите функционираат при Семинарот за македонски јазик, литература и култура при нашиот најголем универзитет, „Св. Кирил и Методиј“. Денес во Европа има десет лекторати и дополнителни шест центри каде што се изучува македонскиот јазик. И тие се на најстариот континент, освен еден во Торонто, Канада.
Д-р Борче Арсов работи во Париз, каде што се наоѓа еден од најстарите лекторати по македонски јазик, отворен уште од учебната 1973/74 година. Функционира во рамките на Одделот за европски јазици и цивилизации на ИНАЛКО/INALCO (Национален институт за ориентални јазици и цивилизации/Institutnational des langueset civilisations orientales) во Париз.
- Овој лекторат е организиран како еден вид катедра за македонски јазик, единствена во Западна Европа, каде што нашиот јазик може да се изучува во сите три циклуси (додипломски, последипломски и докторски студии). Во моментов, вкупниот број на студенти во сите групи изнесува околу дваесет – вели Арсов.
Плата малку повисока од минималната
На прашањето со колкав буџет на годишно ниво Република Македонија го финансира лекторатот, тој одговара дека единствените финансии за кои може да зборува е надоместокот што го добива од Република Македонија, преку Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, како лектор по македонски јазик во странство.
- Тој вклучува плата, која во поголемиот дел од годината е нешто повисока од минималната плата во државата, како и надоместок за одвоен живот од семејството, кој се добива неколкупати во текот на годината и кој, распределен по месеци, изнесува одвај половина од минималната плата месечно. Овие надоместоци се исти за сите лектори, независно од земјата каде што живеат и каде што работат – објаснува тој.
Лекторатот по македонски јазик работи во рамките на Националниот институт за ориентални јазици и цивилизации (ИНАЛКО)
Според Арсов, лекторатите добиваат минимална поддршка. Од материјална гледна точка, таа се сведува на споменатите финансиски надоместоци и на еден повратен билет до седиштето на лекторатот.
- Семинарот за македонски јазик, литература и култура при Универзитетот, како одговорна институција за лекторатите по македонски јазик во светот, начелно е расположен за поддршка во поглед на обезбедувањето со учебници, соучебни помагала и со друга литература потребна за наставата. Но, со оглед на неговото ограничено финансирање од државата, не е во состојба да одговори на потребите на лекторите. Само за пример, Семинарот не располага со оригинални учебници за изучување на македонскиот јазик за странци веќе неколку години наназад, па се служиме исклучиво со фотокопии – објаснува Арсов.
Учебната година доцни еден семестар
Според него, недостига многу поголема поддршка од државата, првенствено финансиска, но и логистичка. Во зависност од договорот што УКИМ го склучил со универзитетот во странство, се разликува она што му се нуди на лекторот на самото место.
- Конкретно, како лектор во Париз, се соочив со огромни проблеми пред и по моето пристигнување таму, особено поради тоа што никој не води сметка за сместувањето. Лекторот во Париз треба сам да си најде живеалиште, да обезбеди средства за работна виза, да доплати за дополнителен багаж при селењето (багаж, кој, логично, вклучува многу книги и литература потребна за самиот лекторат) и самостојно да се соочи со уште многу административни проблеми. Нагласувам, сето ова е пред тој да почне да заработува. А можете да претпоставите дека процедурата за наоѓање живеалиште во град каков што е Париз бара многу време, енергија и, пред сѐ, финансии. Недостига поголема ажурност и во самиот избор на лекторите. Токму поради доцнењето со процедурата за избор во Македонија, а потоа и во Франција, со својот ангажман започнав во февруари наместо во септември, кога, всушност, почнува учебната година во Франција. Со други зборови, се доцнеше цел семестар. На овој список, за жал, може да се додадат уште редица други недостатоци, ова се само дел од клучните – објаснува Арсов.
Ја заборавија дипломатската улога на лекторатите
За да функционираат лекторатите по македонски јазик во странство, освен договорот со земјата-домаќин и локалната поддршка, прво треба да се овозможат услови за живот на лекторите, дециден е Арсов.
- А тие ниту оддалеку не се достоинствени, особено ако се направи споредба со оние на лекторите по другите јазици (словенски и несловенски). А, за тоа не мора да се оди многу далеку. Доволно е да се погледне како се организирани и како функционираат, на пример, лекторатите по хрватски јазик или по словенечки јазик во светот. Постои потреба од дополнување на библиотеките по македонски јазик на странските универзитети. На пример, од учебната 2015/16 година до денес лекторатот на ИНАЛКО не добил ниту една пратка со книги од Македонија. Освен дополнителните материјали подготвувани од страна на лекторот, како учебници се користат фотокопии. Само за една генерација студенти, по своја желба и со своите можности, успеав да обезбедам оригинални учебници – објаснува тој.
Според Арсов, лекторите по македонски јазик главно се квалификувани и го имаат потребното знаење уште пред да почнат да работат, но дополнителни обуки во текот на годината би биле убава можност тие знаења да се надградат, но и да се споделат искуствата меѓу лекторите во различни земји и сл.
- Лекторите по македонски јазик, покрај едукативната, имаат уште една важна улога, а тоа е дипломатската. Имам впечаток дека ова кај нас се занемарува. Кога некој со ваква сериозна функција треба сам да си ја плати работната виза, тогаш не мора ниту да се оди подалеку за да се сфати какви се состојбите. Прекрасно е кога ќе се види колкави се поддршката и интересот за македонскиот јазик надвор од границите на државата. Но, клучната, виталната поддршка треба да доаѓа однатре, од Македонија. За жал, се чини дека тука нашата држава затаила – вели Арсов.
ПРОДОЛЖУВА: Платата што ми ја дава Македонија е на ниво на социјална помош во Унгарија