X
 30.01.2017 Живот

Погрешни постапки што влијаат врз детската самодоверба

Самодовербата е таа што им обезбедува храброст на децата во истражувањето на светот и во прифаќањето непознати предизвици, а при тоа да веруваат во себе и во сопствената сила.

Со кои грешки ја нарушуваме или пак претерано ја храниме детската самодоверба?

1.    Критикување на детето

Кога ги критикуваме децата, многу лесно, а ненамерно, тоа го правиме на начин на кој ги критикуваме како личности. Кога им кажуваме дека нè разочарале, ги рушиме коцкичките на нивната самодоверба, а со тоа и нивната волја и желбата да се соочат со нови предизвици. И на тој начин ја врзуваме нивната личност со успесите и неуспесите, што секако - воопшто не е добар темел.

2.    Премногу пофалби

Наспроти критиките, имаме и друга крајност: премногу пофалби. Иако пофалбите ја хранат самодовербата, важно е да се знае кога и како треба да се користат. Како и кај критиката, треба да се одобруваат конкретни постапки на детето и неговиот труд, наместо воопштени реченици со кои најчесто ги пофалуваме неговите црти на личноста.

3.    Контролирање на животот на детето

Дозволете им на децата сами да ги пронајдат своите интереси и при тоа обезбедете им безусловна поддршка.

dete
Фото: Freepik

4.    Оставете ги сами да ги извршуваат своите задачи

Иако возрасните најверојатно многу работи можат да ги завршат побрзо и подобро, во овој случај не се работи ниту за брзина ниту за квалитет. Кога им дозволуваме на децата истото да го направат побавно и можеби со по некоја грешка, им даваме можност да ја развиваат сопствената независност, да учат како се решаваат проблемите и да размислуват со своја глава, но и како да се справуваат со фрустрации и да развиваат упорност, кога нема да успеат од првиот обид. Многу често и ние возрасните од нив можеме да научиме нови начини на размислување, оригинални, детски.

5.    Стремеж кон совршенство

Поставувањето високи очекувања може да има сосем спротивно дејство врз детето.  На тој начин децата се ставаат во ситуација на стрес и голем страв дека ќе нè разочараат, а таквата состојба воопшто не е погодна за развој и учење.

6.    Занемарување на комуникацијата

Активното слушање на она што го зборува детето, без обиди за прекинување, им помага на децата да сфатат дека тие се важни и дека нивното мислење, желбите, чувствата и потребите  се, исто така, важни.

7.    Споредување со други деца

Ова сигурно е една од најголемите грешки во рушењето на самодовербата кои родителите несвесно ја прават уште од најраната возраст на децата. Не е важно дали го споредуваме детето со другите деца или со нас самите кога сме биле на негова возраст, детето тоа ќе го прими како порака дека не е доволно добро и успешно. Ниту еден човек не е ист со другите, па така и споредбите немаат смисла и не носат ништо добро.

8.    Изразување на сопствениот недостаток на самодоверба

Добар начин за поттикнување на развојот на детската самодоверба е да им покажеме добар пример. Затоа за себе говорете позитивно и бидете модел што ќе ги учи на сочувство, емпатија, љубезност и, на крај, самодоверба.
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот