Многумина велат дека „Крафтверк“ е најгерманскиот бенд во популарната култура и навистина изгледа како да дошол од иднината или, пак, ја измислил, во зависност од која гледна точка го набљудувате. Самото име значи „моќна станица“, а го креирал техно-поп движењето. Исто така, бендот ја изградил архитектурата на пост-панк, техно и бритпоп-музиката.
фото извор: Pitchfork
Бендот е создаден од двајца студенти - Ралф Хутер и Флориан Шнајдер, кои се сретнале во Диселдорф во 1969 година, а свиреле експериментална музика со електрични, акустични и електронски инструменти. Соработувале и имале влијание од низа музичари.
Користел модерна технологија и е првиот бенд што започнал со таква примена, не само во инструментите со кои свирел, туку и во тематиката на песните, сметаат критичарите. Многумина го сметаат за највлијателниот бенд на сите времиња. Во 70-тите години членовите на бендот изгледале авангардно и било речиси невозможно некој да ги сфати сериозно. Се карактеризираат со сатирични шеги и германски стереотипи, а сепак се брилијантни музичари чија музичка хармонија е слушана од повеќе генерации.
Критичарите, исто така, тврдат дека овој бенд имал најголемо влијание во обликувањето на модерната музика, по „Битлси“. Она што го промовирал многу често може да се забележи – ултрамодерен, вонземски стил кој го има во различни дизајни, во домови, клубови, трговски центри и сл.
Бендот креирал извонредни звуци од европската електронска поп-сцена кои ги дефинирале 80-тите години. Стилската револуција на членовите никогаш не престанала, иако имало и разделби, односно некои од членовите создавале и соло-кариери.