X
 30.01.2024 Живот

Зошто луѓето понекогаш уживаат да гледаат содржини што не им се допаѓаат?

Дали и вие гледате филмови и серии што ги мразите? Ова е тренд кој на англиски јазик се нарекува „hate watching“ и го опишува гледањето содржини што не ви се допаѓаат.

Најчесто луѓето се одлучуваат да ги гледаат филмовите или сериите што ги мразат само за да ги исмеваат или критикуваат. Филмовите од серијалот „Самрак“ беа прогласени за едни од најлошите, но сепак ги рушеа рекордите во гледаност кога излегоа. Тоа може да биде доказ дека многумина уживаат во гледањето содржини кои воопшто не им се допаѓаат.



Психологот Џордан Траверс објаснува зошто уживате во гледањето серии и филмови што ги мразите. Според неа, омразата може да направи да се чувствувате среќно. Иако тоа звучи нелогично, истражувањата покажуваат дека доживувањето емоции кои ги сметате за пожелни во тој момент, дури и негативни како омраза и гнев, ве прават посреќни.

Гледајќи медиумски содржини кои предизвикуваат негативни чувства, можете да ги доживеете овие интензивни емоционални реакции. Мозокот реагира на овие емоции со ослободување на адреналин и реагира слично како кога се наоѓате во опасност. Меѓутоа, бидејќи не се соочувате со реална опасност, овие интензивни емоционални реакции може да предизвикаат да се ослободат хормони на среќа.

- Омразата нѐ зближува. Поврзувањето со пријателите и следбениците поради меѓусебна омраза кон нешто може да биде корисно - тврди психологот.

Сепак, иако има позитивни последици од гледањето содржини што не ви се допаѓаат, важно е да не паѓате во оваа замка пречесто. Според Траверс, не може да се занемари фактот дека гледањето ваква содржина може да направи да се фокусирате на нејзините негативни аспекти и да поттикне цинизам и песимизам. Со гледањето содржини кои не ги сакате сепак се изложувате на негативни емоции, посочува Траверс.

Извор: Idesh
Насловна фотографија: Pixabay
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот