X
 30.03.2022 Наша тема

Кога бев студент со актерката Жаклина Стевковска: Заедно спремавме испити, делевме сѐ како една фамилија

Во мојата фамилија никогаш немало глумци, па си помислив дека можеби ќе ми требаат врски за на ФДУ. Ама без разлика на сѐ, цврсто бев решена да пробам. Ги поднесов документите во третиот уписен рок, иако на шалтер трипати ми ги враќаа со образложение дека бројот на студенти е пополнет. Сепак, бев упорна и чекав да ми го кажат датумот на полагање

- Од сите пријавени кандидати, само јас бев примена. Скокав од радост кога излегов од бараката на Факултетот за драмски уметности (ФДУ). На приемниот испит најмногу ми помогна мојата музика, со која се претставив во еден дел од испитот и, секако, мојата наивна искреност кога им кажав дека немав фатено врски, па затоа не бев пријавена дотогаш - се присетува нашата глумица Жаклина Стевковска. Потоа почналa нејзината преобразба во тоа што е денеска - професионален актер во театар „Комедија“. „Не очекувајте филмска разврска на приказната за Жаклина од типот на тоа дека отсекогаш сум мечтаела да станам глумица и сум сонувала за тоа“, нѐ предупреди Жаклина.

Кога ќе се спомене Жаклина Стевковска, многумина првин помислуваат на нејзиниот вокал искомбиниран со нејзината бела гитара и свирките што три децении ги прави низ ноќните локали во Скопје. Сепак, таа е професионален актер со долго актерско резиме зад себе и важи за една од поспецифичните глумачки личности што некогаш се појавиле на нашата театарска сцена. Жаклина ја почнала професионалната кариера во театарот во Куманово, каде што работела од 1995 до 2007 година. Потоа 5 години поминала како дел од ансамблот на Македонскиот народен театар, а сега е дел од театар „Комедија“.

Во рубриката „Кога бев студент“, која ја креираме во соработка со „Пивара Скопје“, ја навративме на факултетските предавања, дружења, предизвици.


Еден од основачите на првиот женски бенд „Шарм

Мандолински оркестар, хор, рецитаторска секција, драмска секција, спорт... Уште како мала Жаклина сакала да се испроба буквално во сѐ, сѐ додека во средношколските денови длабоко не се „затрескала“ во гитарата и ја интересирала само музиката. Таа е основач на првиот женски бенд „Шарм“, особина што ѝ приватно ја краси, за што сведочи фактот како се запишала на ФДУ.

- Родена сум во Скопје и тогаш живеевме во Пајко Маало, а подоцна од необјасниви причини за мене, растев во различни скопски маала. Бев одлична ученичка во основно и бев многу активна во сите можни секции што постоеја. Сепак, кога се запишав во средното економско училиште, тогашното „Борис Кидрич“, се интересираа само за музиката и гитарата. Со уште две другари ја оформивме првата женска група „Шарм“ и почнавме да настапуваме, нешто што сѐ уште го правам. Се сеќавам дека нѐ ослободуваа од часови за да одиме на свирка бидејќи бевме славни и познати во нашето училиште.

- Иако денеска сум професионален актер и работам во театар, немам приказна од типот дека секогаш сум го сакала тоа или дека сум сонувала да станам глумица. Тоа дојде сосема случајно. Многу ја сакав музиката, но како професија ме привлекуваше новинарството. Имав мало искуство пишувајќи за тогашниот „Млад борец“, па така решив да си ја пробам среќата и да се пријавам на приемниот испит на студиите по новинарство, но бев одбиена. Од тој момент почнав да лутам по неколку факултети, Филозофски, Филолошки, и кога конечно одлучив дека треба да се запишам на Музичка академија, една случајна средба ми даде поинаков животен правец за глумата како професија.


Ги поднела документите во третиот уписен рок

По толку неуспешни обиди да се запише на некој факултет, Жаклина почнала со интензивни подготовки за приемниот испит на Факултетот за драмски уметности, без никој да знае дека ќе се обиде да се запише на студиите за глума.

- Во мојата фамилија никогаш немало глумци, па си помислив дека можеби ќе ми требаат врски  за ФДУ. Ама без разлика на сѐ, цврсто бев решена да пробам. Ги поднесов документите во третиот уписен рок, иако на шалтер трипати ми ги враќаа со образложение дека бројот на студенти е пополнет. Сепак, бев упорна и чекав да ми го кажат датумот на полагање. Самоуверено и храбро се појавив пред комисијата и во еден момент се почувствував како падната од небо.


- Моето ново поглавје почна. Влегов во класата на професорот Милчин со уште 13 студенти. И еве денес кога ќе се присетам на студентските денови, ми доаѓа насмевка и убаво ми е на душата. Тоа беа многу безгрижни денови, исполнети со дружење, смеење до солзи на часовите по актерска игра, сценски движења, сценски говор. Тоа ми беа најомилени предмети. Заедно спремавме испити, заедно јадевме и делевме сѐ, како една фамилија. До денес се дружиме, се сакаме и се почитуваме. Инаку, јас многу го сакав предметот Гимнастика со акробатика. По тој предмет ја имав единствената десетка, инаку завршив со просек 9.


Решивме да препишуваме на марксизам и сите паднавме

Прва претстава во која Жаклина професионално играла била „Посета на старата дама“ во 1993 година во Македонскиот народен театар. На ФДУ таа била дел од таканаречената „експериментална класа“, односно 2 години кај професорот Милчин, па кај проф. Слободан Унковски и на крај кај проф. Љубиша Ѓоргиевски.

- Се сеќавам на една случка кога никој не сакаше да учи марксизам. Некако тоа ни изгледаше непотребно, а требаше да полагаме на Филозофскиот факултет. Решивме да препишуваме и нѐ фатија, така што цела група паднавме. Денес, кога ги гледам младите студенти на некоја испитна претстава на ФДУ, секогаш ми доаѓаат солзи и сеќавања. Секогаш се сеќавам на првиот час кога еден професор ни кажа неколку реченици за добредојде во стилот: „Не е важно дали од овие клупи ќе излезете само како добри глумци, па дури и не мора да работите како глумци. Најважно е да излезете како добри луѓе и да научите многу повеќе за животот, да му се радувате затоа што цел живот сте во театар.“

Подготвил: Никола Петровски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема