X
 28.12.2022 Наша тема

Кога бев студент со Камка Тоциновски: „Изгледаше како да живееме на ФДУ“

Знаевме до доцните часови да седиме на ФДУ и да работиме на сцените. Секој од нас добиваше различен автор, па ни беше забавно да се гледаме и да разменуваме идеи. Иако изгледаше како да живееме на ФДУ, секогаш успевавме да посетиме добар концерт, претстава или филм во кино, вели Камка.

Секогаш впечатлива и уникатна на филмското платно, како и на театарската сцена, не е случајно што Камка Тоциновски е една од нашите најангажирани актерки. Таа веќе има завидна филмографија зад себе, а најсвежа улога ѝ е таа на Ева во најновиот филм на Милчо Манчевски, „Кајмак“.

Камка од 2000 година е дипломец на Факултетот за драмски уметности во Скопје. Иако голем дел од публиката првично за неа дозна преку филмовите во кои игра, сепак, таа веќе 10 години е редовно вработена во Македонскиот народен театар, каде што исто така има одиграно низа впечатливи улоги.

Таа е добитник на наградата за најдобра актерка на МТФ „Војдан Чернодрински“ - Прилеп, потоа на признанието „Вељко Маричиќ“ за најдобра млада актерка за улогата на Мала во „Другата страна“ на Меѓународниот театарски фестивал во Риека, Хрватска, како и за низа други остварувања.

Во рубриката „Кога бев студент“, која ја креираме во соработка со „Пивара Скопје“, ја навративме на факултетските предавања, дружења, предизвици.

 

 

Тетка ѝ Марија, која глуми во култниот филм Мис Стоун, ја инспирирала да стане глумица

Родена и порасната во скопската населба Аеродром, Камка памети детство со многу зеленило, детски игри, како и моментите кога првпат се заљубила во филмската и театарската уметност.

- Беше безгрижно кога влегувавте во маалото на „зелените“. За да поминеш граница, требаше да стоиш храбро и да покажеш заби ако е потребно. Бев страшно темпераментна и затоа покажував добри резултати на креативните предмети каде што можев некако да ја канализирам таа нуклеарна енергија – вели Камка.

Како средношколка, Камка најмногу ја интересирала психологијата, но и уметноста воопшто. Нејзината тетка Марија, инаку актерката која игра во славниот филм Мис Стоун, имала големо влијание врз нејзината љубов кон театарот и филмот.

- На таа возраст не беше созреана идејата за мојата конечна определба. Мојата тетка Марија, која игра во култните филмови „Мис Стоун“, „Капетан Леши“ и „Сигнали над градот“ на Жика Митровиќ, имаше големо влијание врз развојот на мојата љубов кон глумачката уметност. Тетка ми со филмот „Субверзивни“ на Паоло и Виторио Тавијани влезе во официјалната програма на Филмскиот фестивал во Венеција со номинација за „Златен лав“ = додава Камка.

 

„Ќе ја направиш најголемата грешка ако не запишеш актерска игра“

Инспирирана од нејзините професори по македонски јазик во гимназијата „Орце Николов“, кои го иницирале оформувањето на драмската секција во школото, Камка веќе сериозно го насочила вниманието кон глумата и кон желбата по матурирањето да се запише на ФДУ.

- Моите професори по македонски јазик Душко Сотјановски и Тихомир Јанчоски ја оформија драмската секција во „Орце Николов“, која имаше големо влијание врз мене. За одбележување на патронатот се подготвуваше „Кралот Иби“ на Алфред Зари. Мама Иби ми даде ветар во грб за тоа што би можела да го работам со љубов. По матурата Тихомир ме праша што ќе се запишам и кога му кажав дека сѐ уште не сум решена, тој ми рече: „Ќе ја направиш најголемата грешка ако не запишеш актерска игра“ – се присетува Камка.

 

Била убедена дека не го поминала првиот круг на уписот

Бидејќи важи за перфекционист кога станува збор нејзиниот актерски занает, Камка уште при уписот на ФДУ била разочарана од себеси, па дури и била убедена дека нема да биде примена. Дури откако ги почнала студиите, добила потврда за тоа како поминала на уписот.

- За приемниот задолжителни беа монолог и една песна по сопствен избор, како и сценски движења, односно предмет за кој моравме да испееме една песна како потврда за ритам и слух. Приемниот содржи два круга и ако го поминете првиот, во вториот веќе имате партнер за дијалошка сцена. По завршувањето на првиот круг, се сеќавам дека Владе Милчин ме праша дали сум задоволна. Бев искрена и му кажав дека воопшто не сум, не бев сигурна што правам. Тогаш не дојдов по резултати бидејќи бев убедена дека не сум го поминала првиот круг. По завршувањето на првата година, која е елиминарна, односно ако не покажете резултати, може и да ги изгубите студиите, Милчин ми откри дека на уписот едвај сум го поминала првиот круг, а веќе во вториот немал никакви дилеми за мене – кажува Камка.

 

Изгледаше како да живееме на ФДУ

Актерска игра и сценски движења и танци ѝ биле омилените предмети на Камка за време на студиите.  Часовите по актерска игра се одвивале од 17 до 20 часот, а пред тоа ги посетувале часовите по теорија. Слободното време морале да го користат за проби и утврдување на материјалот.

- Во првата година од студиите не ни беше дозволено да прифаќаме ангажмани, како театарски така и филмски. Во тоа време мојот колега од отсекот монтажа, Атанас Георгиев – Фаца, го подготвуваше својот дипломски филм „1/4“. Ме побара за главната улога Шина. Барав дозвола од професорот бидејќи за мене тоа беше предизвик, но одговорот беше негативен. Го прочитав сценариото неколку пати и свесна за ризикот да бидам избркана од ФДУ, ја прифатив понудата. По премиерата на филмот, професорот ми рече дека му е драго што не сум го послушала – кажува Камка.

Живееле скромно, биле солидарни и важеле за многу добра класа. На овој начин Камка ја опишува нејзината генерација на ФДУ.

- Најголем комплимент за нас беше кога ќе слушневме дека некој од постарите, веќе афирмирани колеги, доаѓа да ги гледа нашите испити. Патувавме во Италија, Сараево, Загреб. Уште како студенти имавме наша испитна претстава што ја дадовме во Прилепскиот театар на редовен репертоар. Станува збор за „Случајот Данил Хармс“. Знаевме до доцните часови да седиме на ФДУ и да работиме на сцените. Секој од нас добиваше различен автор, па ни беше забавно да се гледаме и да разменуваме идеи. Иако изгледаше како да живееме на ФДУ, секогаш успевавме да посетиме добар концерт, претстава или филм во кино – се присетува Камка.

 

 

Подготвил: Никола Петровски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема