X
 30.04.2022 Наша тема

Давор Кешќец, еден од нашите најистакнати млади уметници: Моите дела се рокенрол

Образованието помага за изучување на техниките и теоријата, но, сепак, уметноста не се учи. Тоа е нешто што или го имаш или го немаш. Формалното образование е пресудно ако сакаш да бидеш професор или да работиш во некоја институција, но за да бидеш добар уметник, играат улога многу други работи, вели тој

Користејќи ја рокенрол-музиката како движечка сила на неговиот креативен набој, младиот и талентиран сликар Давор Кешќец за релативно кратко време успеа да остави свој уникатен печат на нашата уметничка сцена. Тој ѝ го привлече вниманието на јавноста давајќи му боја на градското сивило со неговите колоритни мурали, кои се распослани на неколку локации во Скопје, но и во други градови во Македонија.

Давор неодамна се претстави со изложбата „Once again“, која ја сочинуваа слики, графики, мурали, инсталации, како и дел од неговото мултимедијално творештво, со над 50 селектирани дела од досегашните негови изложби, „Again“, „SHE“, „ISOLAT ON“, „Blue Moon“ и „Table“.

- Од мал цртам и никогаш не сум престанал. Тоа е мој порив, моја потреба, мое средство за комуникација и изразување. За друга професија не сум размислувал. Првата изложба ја направив кога бев прва година на факултет, па оттогаш почнаа моите први продажби на слики, учества во проекти, мурали и сл. Сѐ си дојде така спонтано и случајно - вели 25-годишниот Давор, кој е дипломец на Факултетот за ликовни уметности - Скопје, оддел графика, и е добитник на наградата „Young Art“ категорија сликарство од 21 до 29 години.

Мојата уметност ја нарекувам рокенрол-уметност

Давор вели дека отсекогаш го влечела уметноста, но за појдовна точка на неговото цртачко патешествие го смета моментот кога првпат слушнал рокенрол. Тоа за него било љубов на прво слушање, така што сѐ околу таа музика, текстовите, начинот на облекување и слично, му ја дало креативната искра која до денес ги обликува неговите дела. Затоа и голем дел од неговите дела се насловени по одредени рокенрол-песни, а и содржат ликови кои се инспирирани од оваа музика.

- Не би можел точно да кажам кога, само знам дека отсекогаш сум цртал и не сум престанал со цртање, а што се однесува до влијанието и насоките, можам да кажам дека како мал никој конкретно не ми има извршено влијание или ме има насочено, иако сум бил опкружен со уметност, што од репродукциите на дедо ми Ѓуро на слики на Леонардо, Салвадор Дали, Ван Гог, како и од сликите и музиката на татко ми Дарко, инаку фронтмен на култната рок-група „Далтонс“. Но, не мислам дека тоа беше клучно за јас да продолжам во овој правец. Мојата уметност ја нарекувам рокенрол-уметност бидејќи стилот има многу влијанија, но суштински делата се рокенрол.

- Јас сум уметник што потекнува од графити-културата, а пресвртот се случи кога дознав за „BANKSY“ и филмот “Exit Through the Gift Shop”. Тоа беше моментот кога се вљубив во „Street art“ - културата и кога почнав да правам шаблони. Тука беа и низа уметници како што се: „OBEY“, „D*Face“, „JR“, „Kaws“… Токму тоа ми беше појдовна точка на инспирација, од друга страна, тоа се уметници кои нема да ги дознаеш во средно или на факултет. Начинот на кој творам моментално почнав да го практикувам откако веќе бев навлезен во уличната уметност. Можам да кажам дека тука имаат одиграно улога и делата на татко ми, а на тоа се надоврзаа и други уметнички правци, од кои би ги издвоил кубизмот и поп-артот како најуочливи.


Уметноста не се учи, или ја имаш или не

Со оглед на тоа што бил константен зависник од цртањето, чиста логика била Давор да го школува цртачкиот занает, првин во средното уметничко училиште „Лазар Личеноски“, а подоцна и на Факултетот за ликовни уметности, каде што и дипломирал на отсекот графика. Тој, сепак, смета дека уметникот се раѓа како таков, а школувањето додава само одредена техничка поткованост, која не е пресудна дека ќе те направи добар уметник.

- Проблемот со образованието не е само во системот или во институцијата, туку од мое искуство можам да кажам дека во средното училиште имаше многу повеќе ентузијазам и желба за творење и стекнување знаење кај учениците отколку на факултет, нормално не кај сите. Дел од студентите се незаинтересирани за уметност и уметнички настани и мислам дека се ниски критериумите на факултетот, особено во делот на оценување на „уметничките“ дела. Исто така, мислам дека треба да се повисоки критериумите за отсекот графика. Графиката е доста комплексна при самата изработка и се потребни поголемо внимание и педантност.

Образованието помага во однос на изучување на техниките и теоријата, но сепак уметноста не се учи, туку тоа е нешто што или го имаш или го немаш. Формалното образование е пресудно ако сакаш да бидеш професор или да работиш во некоја институција, но мислам дека за да бидеш добар уметник, играат улога многу други работи.


Цртањето мурали е посебен предизвик

Давор смета дека промените во стилот на уметникот се добредојдени, со цел да не ѝ здосади на публиката, а и на самиот уметник. Тој како посебен предизвик го гледа цртањето надвор, пред сѐ, мурали, со оглед на тоа што димензиите се далеку поголеми, а и потенцијалниот број на луѓе што ќе го видат и доживеат делото е далеку поголем.

- Моите делата константно варираат. Експресијата некогаш е послободна, некогаш е погеометриска, а истото се случува и со колоритот, некогаш е црно, бело и црвено, а некогаш пошарено. Во последно време имам големо влијание од германскиот експресионизам. Дигиталната ера во која живееме, исто така, си го прави своето. Но, сепак, ја користам дигиталната технологија како споредна алатка и не би дозволил таа да преовладува во мојата уметност.

- Сѐ уште сакам да цртам мурали. Кај цртањето мурал ме привлекува и ме мотивира самото тоа што делото секојдневно ќе можат да го гледаат илјадници луѓе. Речиси сѐ е различно кога се твори на ѕид во споредба со цртањето на платно, започнувајќи и од самата скица. Кога работам мурал, гледам тоа да е некоја поедноставна скица со поедноставни форми бидејќи сакам делото да е поедноставно и јасно читливо, на некој начин тоа да функционира како реклама на билборд, односно сѐ што треба да се пренесе, да се пренесе веднаш, додека си во движење.

Фото: приватна архива
Подготвил: Никола Петровски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема