X
 30.05.2018 Култура

Хилари Клинтон сака да биде извршен директор на „Фејсбук“!



Никогаш нема да дознаеме дали Хилари Клинтон ја зaгуби битката за Белата куќа на „Фејсбук“, благодарение на момчињата од Македонија и руските тролови, или Трамп секако ќе победеше без оглед на лажните вести. Но можеме да тврдиме дека за следните избори, изборните табори, но и социјалните мрежи добро ќе се подготват за да избегнат слични непријатности и проблеми.


Хилари Клинтон
(Фото: AFP)


Ако ја прашате Хилари Клинтон за која компанија би сакала да работи кога ќе дојдат следните избори, нејзиниот одговор може да ве изненади. Имено, на своето гостување на „Харвард“ при крајот на минатата недела, каде што учествуваше на панел-дискусија, модераторот ѝ го поставил токму прашањето каде би сакала да работи, односно со која приватна компанија би сакала да управува кога би имала таква можност, а таа одговорила – „Фејсбук“.

Како причини поради кои ѝ е примамливо местото на Закерберг, таа ја посочила моќта што ја има „Фејсбук“ над светскиот проток на информации. „Тоа е најголемата медиумска платформа на светот“, истакнала Клинтон, додавајќи дека без оглед на фантастичните новинари и можноста за следење вести преку разни медиуми, повеќето луѓе ги добиваат вестите и новите информации преку „Фејсбук“,  без разлика дали се вистинити или не.

Зборувајќи за ширењето лажни вести преку оваа социјална мрежа, таа истакнала дека се надева дека промените што ги воведува компанијата ќе ги решат проблемите со кои се соочиле во текот на изборната кампања и смета дека тоа е од круцијална важност за американската демократија – добивање вистински информации врз кои можат да се донесуваат правилни одлуки.

Во „Вашингтон пост“ се потенцира дека најверојатно воопшто не е случајно што ваквата лична желба Хилари Клинтон ја промовираше токму на „Харвард“, од каде што Закерберг, од една мала студентска соба, ја промовира оваа социјална мрежа која го направи еден од највлијателните, но и најбогатите луѓе на светот.
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура