Сундар Пичаи денес е прв човек на „Гугл“, но додека растел, немал ни телефон, а не пак компјутер.
Пичаи пораснал во градот Ченај, на источниот брег на Индија, а неговата фамилија чекала пет години пред да може да си дозволи телефон. Кога конечно го купиле, соседите се собирале кај нив за да можат да телефонираат.
- Тоа стана настан во заедницата. Луѓето доаѓаа и им се јавуваа на своите деца - се потсетува Пичаи, додавајќи дека во тој момент дознал што сè може да се направи со помош на технологијата.
Неколку години подоцна Пичаи, благодарение на стипендија, се преселил во САД за да студира на Универзитетот „Стенфорд“. Дотогаш немал ни компјутер. Останатото е историја.
Откако дипломирал инженерство, продолжил на Универзитетот во Пенсилванија, каде што учел бизнис-администрација. Во „Гугл“ се вклучил во 2004 година, а оттогаш имал низа улоги. Тој го надгледувал развојот на „Хром“, бил шеф на производство, а управувал и со одделот за оперативниот систем „Андроид“. Во 2015 година станал извршен директор, а според него, тој не ни барал да стане тоа. Напротив, бил изненаден кога коосновачите на „Гугл“, Лари Пејџ и Сергеј Брин, му ја понудиле позицијата. Сепак, тоа била животна можност, смета Пичаи.
Досега се соочил со неколку сериозни предизвици, вклучително и протести на работниците поради, како што истакнуваа тие, сексуално вознемирување на работното место, како и со сè поголемата загриженост на јавноста, но и на институциите околу приватноста на корисниците. Поради тоа, тој и сведочеше пред американскиот Конгрес.
- Со оглед на тоа колку технологијата влијае врз општеството, работа на извршниот директор е и да биде главен директор за етика - истакнува тој додавајќи дека таа задача ја смета за една од неговите клучни улоги како прв човек на технолошки гигант како што е „Гугл“.
Во согласност со тоа, Пичаи настојува да ја намали количината на податоци што корисниците мора да ги оставаат за да користат некои од нивните услуги, но и да да им ја врати контролата над сопствените податоци.
Тој се зафати и со интерните проблеми на компанијата. Откако минатата година вработените организираа протести за да предупредат на деловната култура која, според нив, замижала пред сексуалното вознемирување и дискриминацијата на работното место, Пичаи ја укина контроверзната пракса што ги принудуваше вработените на арбитража наместо тужба против компанијата.
- Мислам дека добрата страна на нашата култура е тоа што јавно ја признавме грешката, а потоа работевме на тоа да ги подобриме работите - порача Пичаи.
Тој додава и дека жените треба да бидат вклучени и рамноправни на работното место, а работодавецот мора да ги поддржува и да вложува во развојот на нивната кариера. Но, пред „Гугл“ сè уште има добар пат до рамноправноста во пракса. Според последниот извештај за разноликоста во компанијата, жените сочинуваат само третина од сите вработени во компанијата, а на раководните позиции само една четвртина се жени.
Најважната лекција што Пичаи ја научил раководејќи со „Гугл“ е, како што вели тој, слушањето на перспективите на другите луѓе.
- Мора да бидете отворени за она што се случува околу вас, да разберете какво е влијанието на вашите производи и макотрпно да работите за да го подобрите тоа -
истакнува тој.