Комбинацијата на отпадни води, човечки и животински отпад и истекувањето на лековите доведоа до тоа една река во Бангладеш да покаже концентрации на „метронидазол“ 300 пати повисоки од нивото што се смета за безбедно. „Метронидазол“ е антибиотик што често се препишува за лекување инфекции и вагинални заболувања. Лекот може да предизвика несакани ефекти како што се напади и дијареја и не смее да се користи во бременоста и во текот на доењето. Лекот е совршено безбеден ако се зема според насоките на лекарите.
Новото истражување, презентирано на 27 мај во Финска, на конференцијата на Друштвото за токсикологија и хемикалии во животната средина, откри дека стотици други реки се контаминирани со антибиотици, често на небезбедни нивоа. Научниците откриле антибиотици на повеќе од 450 тест-точки во 72 земји, од вкупно 711 тестирани точки. На околу 111 места се забележани штетни нивоа, а загадувањето е најсилно во Азија и во Африка. На едно место во Кенија нивото на антибиотици било толку високо што сите риби починале.
Покрај влијанието врз флората и фауната, контаминацијата со антибиотици може да овозможи создавање на бактерии отпорни на антибиотиците, што би можело да доведе до глобална здравствена криза која би загрозила милиони. Преку повторно изложување на антибиотиците, бактериите мутираат и се развиваат, развиваат отпорност на лековите што ни ги спасуваат животите. Алистер Бојал, научник за животна средина на Универзитетот „Јорк“ во Велика Британија, вели дека наскоро големи делови од животната средина би биле загадени со антибиотици со доволно високо ниво што ќе влијае врз отпорноста.
Истражувањето, претставено во понеделникот на конференцијата во Хелсинки, покажува дека некои од најпознатите реки во светот, вклучувајќи ја и Темза, се контаминирани со антибиотици класифицирани како критично важни за третман на сериозни инфекции.
Примероци земени од Дунав во Австрија содржеле седум антибиотици, вклучувајќи „кларитромицин“, кој се користи за лекување инфекции на респираторниот тракт, како пневмонија и бронхитис, со четирипати повисоко ниво од нивото што се смета за безбедно.
Дунав, река што е втора по големина во Европа, е најзагаден на овој континент. 8 отсто од тестираните места во Европа беа над безбедните граници.
Темза, која генерално се смета за една од најчистите реки во Европа, е загадена со мешавина од пет антибиотици, заедно со некои од нејзините притоки. Едно место на реката и три од нејзините притоки беа загадени над безбедното ниво.
Дури и реките контаминирани со ниски нивоа на антибиотици се закана.
Земјите со понизок доход генерално имале повисоки концентрации на антибиотици во реките, а локациите во Африка и во Азија имале најлоши резултати. Врвот е во Бангладеш, каде што „метронидазолот“, кој се користи за лекување вагинални инфекции, е над 300 пати од безбедното ниво.
Несоодветното отстранување на отпадните води и отпадот исто така резултира со високи концентрации на антибиотици.
- Подобрувањето на безбедното управување со здравствените и хигиенските услуги во земјите со ниски приходи е критично во борбата против антимикробната отпорност - вели Хелен Хамилтон, аналитичар за здравје и хигиена во хуманитарната организација „Вода за помош“ од Велика Британија.
Истражувачкиот тим сега планира да ги процени влијанијата од
загадувањето на антибиотиците врз дивиот свет, вклучувајќи ги и рибите, безрбетниците и алгите. Очекуваат страшни ефекти.