Филип Иванов од Велес е пастор во Евангелската црква, голем хуманитарец и вљубеник во природата, кој со своето милосрдие урива бариери во обединувањето на луѓето. Иако не е израснат во традиционално религиозно семејство, решил да студира теологија во Англија и да го најде духовниот мир во Евангелската црква, проповедајќи и ширејќи ја верата на пет различни континенти.
- Не сум израснат во некое традиционално религиозно семејство. Мојата желба да студирам теологија се јави откако го имав тој првичен момент со Бог и со Библијата на мои 17 години. По таа лична преобразба што ја доживеав, посакав секој човек да го доживее истото и сфатив дека морам да бидам образован за тоа, па така почна мојата теолошка преобразба. По студиите прво служев како проповедник, потоа како помошник-пастор и на крајот бев ракоположен за пастор. Евангелската црква беше прва црква каде што почнав да посетувам богослужби и така го најдов духовниот мир - сподели Филип.
Главна мисија
Главна мисија на 35-годишниот проповедник со динамичен и авантуристички стил на живот е да им помага на луѓето и да биде во хармонија со природата и семејството. Со својот син постојано кампува во природа, објавува поучни видеа на социјалните мрежи во кои објаснува како да се преживее во природата и како човек може да го постигне својот потенцијал во симбиоза со природата.
- Покрај тоа што сме создадени за природата или сме дел од неа, поставени сме да бидеме добри управители на тоа создание. Кога ние го цениме и го почитуваме тоа што Бог ни го дал преку природата, живеејќи во таа хармонија, можеме да го постигнеме нашиот потенцијал во тоа создание. За човек да биде здрав во вистинска смисла на зборот, треба да му го даде на духот тоа што му треба на духот, на душата тоа што ѝ треба на душата, на телото тоа што му треба на телото. Бидејќи ние сме дисхармонични по многу основи, враќајќи се во природата покрај тој медитативен момент, можеме да размислуваме за создателот. На тој начин се враќаме во она што е природно, исцелително за нас, во мирот, во спокојот и хармонијата и во тоа небрзање никаде. Најдобро се чувствувам во природа и најчесто сум со син ми. Поентата е човек да излезе од буката и уката на секојдневието за да може да си даде оддишка - раскажува Иванов.
Вероисповедта не е предуслов за хуманитарна помош, се згрижуваат сите
Црквата по теорија ги згрижува немоќните и сиромашните, а Евангелската црква во која служи пастор Филип е една од тие помали верски заедници во Македонија во кои доаѓаат граѓани од различна вероисповед и вера за да се обратат за помош, исповед или совет.
- Најголемиот дел од нашата милосрдна дејност во нашата работа се состои од луѓе кои не ѝ припаѓаат на нашата црква. По дифолт во најголема мера им служиме на тие што не се евангелски христијани, значи православни, муслимани, атеисти... Никогаш не сме го поставиле тоа прашање кога човек дошол во потреба, дошол на молитва или да побара совет. Тоа не е прашање, ниту предуслов за помош, ниту пак отпосле е ставено на маса. Човек секако знае каде, кај кого и зошто дошол – истакна пастор Филип.
Откако тој е во црквата, се прошири хуманитарната дејност во која учествуваат Филип, колегите од неговата црква, но и сограѓаните од Велес. Благодарение на објавите на интернет и на социјалните мрежи, донациите се сѐ поголеми и завршуваат во вистински раце. Единствена пречка во исполнувањето на мисијата се институционалните пречки со кои секојдневно се соочува секој граѓанин во земјава.
- Немаме пречки освен бирократските, како царини и даноци. На пример, досега во Велес сме направиле две сензорни соби за деца со аутизам во две училишта. И покрај нашата намера да донираме нешто вредно, државата наместо да ни олесни во тие моменти во поглед на увозот и царините, ние мора да си платиме, иако со нашата донација всушност ѝ донираме на државата - открива пасторот.
Најмногу бариери се урнати со милосрдието
Филип верува дека неговата работа како пастор придонесува да се разбијат некои од стереотипите во општеството, особено оние верските, додека најмногу бариери се урнати на полето на милосрдието.
- Верувам дека за овие години откако јас сум пастор, многу од стереотипите кон нас како верска заедница се разбиени и променети. Исто така, и оние стереотипи - дека ако ние сме различна конфесија, немаме ништо заедничко и немаме каде да одиме заедно и да направиме нешто заедно како граѓани. Од тој аспект, дури и со институциите, со болниците, училиштата, па дури и со бизнис-секторот, мислам дека најмногу бариери сме урнале на полето на милосрдието. Ние може да не се согласуваме за нашата теологија или светоглед, но кога се работи за милосрдие како искажување љубов и грижа, тука успеавме да обединиме луѓе кои инаку не би се обединиле - потенцира свештеникот од Велес.
Тој се надева дека неговото дејствување во хуманитарните цели е од повикувачки карактер и дека влијае позитивно во обединувањето на луѓето и во учењето на вистинските вредности.
- Да се научиме на вистинските вредности и што навистина значат зборовите толеранција и соживот. Дека не е тоа натпревар за тоа кој ќе биде победник, туку натпревар за заедно да победиме во тие општествени текови. Сакале или не сакале да се вклучиме, тие продолжуваат и без нас. Тие некои основни вредности можеме да ги ослободиме од товарот кој со текот на времето се напластил врз нив. Особено да почнеме да работиме со младите. Тие се необременети од политичкото и етничкото минато и од конфликти кои никогаш не биле наши – истакна Иванов.
Пастор Филип повеќе од 10 години ја шири мисијата и во Африка
А оваа мисија Филип не ја шири само во Македонија, туку и во Африка, каде што повеќе од десет години оди на мисии и им служи на немоќните, гладните и на децата.
- Мојата мисија од 2012 година ја започнавме со колега од Уганда, со кого студирав во Англија. Јас се приклучив за да одговорам на духовните, душевните и физичките потреби на човекот. Кога одам таму, служам во таа духовна служба, потоа се обидуваме на луѓето и на децата да им дадеме образование и надеж, да донесеме медицинска помош таму каде што ја нема, да дадеме алатки за да може тие заедници сами да се одржуваат. Мисијата таму е повеќекратна, но основниот двигател е духовноста. Двострано е чувството: колку што ние оттука успеваме да ги благословиме нив со што и да однесеме и помогнеме, јас сум десетпати поблагословен од нивната радост таму – сподели Филип и испрати порака до помладите како да се однесуваат за да не скршнат од патот кога ќе решат да го променат општеството во кое живеат.
- Најважното нешто за млад човек е да биде вистинољубив. Да не се задоволи со наједноставниот или најочигледниот одговор и она што е сервирано, туку да има страст и копнеж да ја бара и да копа до вистината. Да ги бара вистинските дефиниции на суштината, на семејството, на животот, на работата, на иднината, да има таков стремеж кон вистината – додава 35-годишниот пастор и хуманитарец од Велес.
Фото: Иван Наунов
Фото: Приватна архива на Филип Иванов
Текстот е подготвен во рамките на проектот „Млади за инклузија, еднаквост и доверба“, финансиран од Фондот за мир на Обединетите нации и спроведуван од Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) во соработка со Фондот за население на Обединетите нации (УНФПА), УНЕСКО и UN Woman.