X
 24.11.2022 Наша тема

Тавче-гравче и мекици за Португалците – ученици од ССОУ „Коле Неделковски“ ја промовираа македонската кујна

Ученици од средното стручно училиште „Коле Неделковски“ од Велес го зготвија највкусното тавче-гравче и ги воодушевија Португалците во градот Апулија, каде што престојуваа три недели како дел од проектот „The Sky is the limit“. поддржан од Националната агенција за образовни програми и мобилност преку програмата Еразмус+

Професорот по сообраќајни стручни предмети, Марјан Панов, го осмислил и го аплицирал проектот во националната Агенција поврзувајќи се со партнери во Португалија.

- Поднесовме апликација во Еразмус со проект „Само небото е лимит“ поради неограничените можности што ни ги нуди проектот. Грантот за целиот проект кој го добивме од Националната агенција за образование е 71.832 евра. Сите активности од тој проект беа поделени во три мобилности. Првата мобилност беше наменета за едукација на наставниците со траење од седум дена, исто така, во Португалија и во неа беа вклучени четворица наставници кои следеа структуриран курс за обука на тема „Интегрирање на ИКТ-алатки во наставата, обуката и во училницата“. Се разработуваа теми за онлајн учење, се учеа техники како да се сними онлајн час, како да се направи современа презентација со анимации и со користење алатки од „Гугл“. Се учеше како некои ексел-податоци да се претстават во динамички чартови. Наставниците престојува од 8 до 15 август близу Порто, а организирано го посетија и истиот град – истакна Панов.



Втората и третата мобилност се одржале заедно. Електромашинската и угостителската струка со двајца наставници од 17 октомври до 7 ноември престојувале во португалскиот град Апулија и извршувале работни задачи, едните во хотел „Apulia Praia“, другите во Барселош во компанијата „Фереиро лукс“, која произведува склопки и електрично осветлување.

Но, освен што ја промовираа Македонија како интересна туристичка дестинација, ја промовираа и македонската традиционална храна.

- Учениците работеа 21 ден. Угостителите подготвуваа салати во кујна, келнерите поставуваа маси, ги средуваа собите на гостите, односно беа распоредени на многу позиции. За појадок приготвија велешки пишии (мекици), а за ручек подготвија тавче-гравче, кое многу им се допадна на Португалците.



Електромашинците, пак, учествуваа во целиот процес на производство: пакуваа, составуваа склопки, лемеа и сите ротирале секојдневно. Искрено, учениците беа воодушевени од целата организација и приемот од компаниите-партнери. Научија европски начин на работа и се подготвија за европскиот пазар на трудот. Таму се ценат трудот, точноста и навременоста. Нашите ученици беа пофалени како успешна група затоа што успевале да ги сработат задачите за покус временски период и барале дополнителни задачи – објасни професорот Панов.

За учество во овој проект, учениците биле избрани преку официјален конкурс објавен на социјалните мрежи и на огласната табла во училиштето „Коле Неделковски“. Имало над сто пријавени кандидати и изборот го спровеле две различни комисии, посебна за угостителите и посебна за електромашинците. Проектот ги натерал учениците да се натпреваруваат меѓу себе во знаењето.



- Комисијата ги интервјуира, им поставуваше прашања од струката и прашања од англискиот јазик. Се избраа најдобрите кандидати од тие што се пријавија. Овој проект навистина им помогна и на учениците, и наставниците, и на училиштето. Прво, откако нашето училиште почна да ги работи овие проекти, создадовме имиџ и се зголеми интересот за уписи. Паралелките во кои ги работиме овие проекти се први што се пополнуваат. Во самите класови има натпревар меѓу учениците. Сѐ повеќе се трудат да се докажат за да аплицираат на проектот. Трето, она што е најважно, кога ќе отидат на проектот, ги добиваат вистинските компетенции потребни за европски пазар – додаде координаторот Панов.




- Како ученичка од четврта година во ССОУ „Коле Неделковски“ во Велес, електротехничка струка, бев дел од проектот "The sky is the limit" поддржан од Еразмус+ програмата. Среќна сум што се пријавив и што бев избрана и покрај големата конкуренција, но бев истрајна да ја постигнам целта, да одам во Португалија на 21 ден. Сите бевме возбудени за одењето во Португалија, за запознавањето со нова култура, нов начин на живот, поразлична храна, специфичен јазик. Дел од проектот беше практична работа во фирмата Ferreirolux каде што се запознавме со европски стандарди за изработка на уреди за осветлување и практичен дел од нашата струка. Тоа беше преубаво животно, а потоа и работно искуство. Среќна сум и благодарна што училиштето ни нуди вакви можности и сите ученици ги охрабрувам да се пријавуваат на проекти од овој и друг вид за да ги прошират своите знаења, искуства и видици – го сподели своето искуство една од учесничките во проектот, Марија Коцевска.

Освен пофалби за нивната практична работа во Португалија и стекнатите работни вештини, велешките средношколци добија и сертификати за успешна обука.


Фото: Фејсбук/Инстаграм профили на „Коле Неделковски“
Подготвил: Орце Костов

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема