X
 08.02.2021 Наша тема

Работела како внатрешен ревизор, но решила да се посвети на плетењето плетенки. Трендафилка од Велес импресионирала повеќе од 230 илјади корисници на „Инстаграм“

Трендафилка Кирова е 34-годишна мајка на две дечиња, синче на возраст од 8 години и ќерка на возраст од 5 години. Таа живее во Велес и е магистер по економија. И сето ова е вообичаен вовед во нечија биографија, но во биографијата на Трендафилка има мал пресврт. Имено, до пред неколку години таа работела како внатрешен ревизор, но тогаш ја открила својата пасија - плетењето плетенки и се решила за чекор кој ретко кој би го направил. Таа се посветила на плетењето плетенки, а тоа резултирало со импресивни фризури и стотици илјади следбеници на социјалните мрежи.



Трендафилка ни раскажа како одлучила да ја напушти економијата и работата како внатрешен ревизор и да се посвети на креативноста и она што ја прави среќна, а следствено да стане и Македонката која најверојатно има најголем број следбеници на „Инстаграм“.

- Започнав со плетење на мојата коса додека бев бремена со моето прво дете. Почнав да гледам многу туторијали и да вежбам едноставни плетенки. По некое време почнав да учам нови, покомплицирани техники. Оттогаш плетењето ми стана опсесија. Размислував за нови техники секоја минута. Во тој период работев како внатрешен ревизор. Тоа беше добра работа, но не беше стилизирање на коса и не беше место каде што можев да ја изразам мојата креативност. Тоа е причината што решив да направам промена во мојата кариера. Одлучив да ѝ верувам на мојата внатрешна интуиција, да ја насочам мојата кариера во насока што навистина ќе го одразува тоа што сум и многу ми е мило што донесов таква тешка одлука. Сега сакам сè во врска со мојата работа и уживам во секоја минута од тоа. Ми носи радост и исполнетост да ги извршувам своите секојдневни обврски што ја подобруваат мојата целокупна среќа. Ништо не е тешко кога го сакате тоа што го правите - вели Трендафилка.



Ја прашавме дали плетењето плетенки го смета за хоби или професија, а таа кратко ни одговори: и двете.

Талентот на Трендафилка брзо бил согледан од страна на корисниците на социјалните мрежи. Таа на својот профил на „Инстаграм“, именуван „another_braid“ за само една година успеала да собере неверојатни 234 илјади следбеници, додека на каналот на „Јутјуб“, кој ѝ е од пред некоја година, но на кој поинтензивно работи од пред една година, има импресивни 247 илјади следбеници.



- Почнав да работам активно на профилот на „Инстаграм“ пред речиси една година. Таа бројка ја достигнав со многу напорна работа - вели Трендафилка.

Ниту таа, а ниту ние не знаеме друго лице од Македонија што има толкав број на следбеници на „Инстаграм“, па тоа некако го наметна прашањето дали Трендафилка има соработки со спонзори како другите македонски инфлуенсери, кои имаат и по многу помалку следбеници од неа.

- Имам склучено спонзорски договори со странски компании кои ми испраќаат најразлични материјали за работа, како надградби за коса, кукли итн. - ни раскажа таа.

Плетенката што најмногу ја намачила Трендафилка се вика „Infinity“, што во превод би значело бесконечност.

- Досега најдолго имам работено на фризурата која ја вклучува таа плетенка. За оваа фризура ми беа потребни околу 8 часа - истакнува Трендафилка.

Плетенката Infinity

Сепак, слободно можеме да кажеме дека луѓето го вреднуваат трудот на вештата велешанка. Таа на своите видеа има стотици илјади прегледи и лајкови. Најгледаното видео на нејзиниот канал на „Јутјуб“ има 5 милиони прегледи, успех на кој веројатно многумина ќе ѝ позавидат.



Трендафилка е доказ дека во животот некои одлуки можеби изгледаат ризични, но на крајот излегува дека се вистинските. Таа е доказ дека доколку го работите она што го сакате, нема граници што не можете да ги преминете.

За крај, погледнете некои од фризурите на Трендафилка. Веруваме дека ќе бидете воодушевени и импресионирани.

Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема