Технолошкиот факултет е комбинација од природни и инженерски науки и токму ова беше пресудно во мојот избор. Она што особено ме привлече беа дизајнираните наставни модели испреплетени со искуствено и дисциплинарно знаење и многу практична лабораториска работа, кои создаваа една хибридна средина за учење, вели Панчевска.
Наташа Панчевска е оперативен и маркетинг директор во АВТ Интернатионал речеси две децении. АВТ е водечка дистрибутивна компанија на стоки за широка потрошувачка со преку илјада вработени во регионов, при што ги покрива пазарите на Хрватска, Србија, Македонија, Бугарија и Словенија. Панчевска е дипломиран технолог – биотехнолог на Технолошко-металуршкиот факултет во Скопје. Ни ги објасни предизвиците на студирањето на овој факултет и улогата на стекнатото образование на ТМФ во нејзиниот кариерен развој.
Кажете ни повеќе околу вашиот професионален пат. Како ја почнавте кариерата во оваа компанија во која денес имате менаџерска позиција?
-Кариерата ја започнав како раководител на програм во компанијата АВТ Интернатионал веднаш по дипломирањето на ТМФ, а на позицијата оперативен и маркетинг директор, а воедно и управител на компанијата сум речеси дваесет години.
АВТ е мошне динамичен деловен систем со повеќе од двесте вработени во Македонија и како таков претставува еден од лидерите во индустријата за производи за широка потрошувачка (Fast Moving Consumer Goods – FMCG) индустријата во регионот и кај нас. АВТ денес работи со повеќе од 50 партнери во регионов, односно со над 25 партнери на нашиов пазар со кои негува долгорочни деловни односи, големи мултинационални компании како Колгејт палмолив, Џонсон & Џонсон, Лореал, Есити, Хајнц, Филипс, Браун Форман, Вернер Мерц и други.
Да се работи во една од водечките дистрибутерски компании во регионов за мене претставуваше голема одговорност и предизвик, кој бараше постојана посветеност кон реализација на поставените цели, континуирано следење, анализирање и прилагодување на трендовите.
Тоа што сум технолог или поточно биотехнолог, односно инженерската логика и познавањата од областа на управување со процесите, нивна приоретизација, како и стратешкото размислување беше клучно во понатамошниот развој на мојата кариера.
И покрај фактот што на почетокот се прашував кој е придонесот на инженерот во администрацијата, за мене беше голем предизвикот да се соработува со врвни светски производители на производи за широка потрошувачка, лидери на глобално ниво, како како Колгејт палмолив, Џонсон & Џонсон, Нестле, Хајнц и многу други. Притоа неопходно беше континуирано вложување и надгрaдба на сопствените знаења.
Образованието стекнато на Технолошко-металуршкиот факултет беше од огромно значење за препознавање на значењето на проблематиката од различни области и стручната комуникација. За секоја позиција е исклучително значајно да поседувате техничко знаење и пристап, кое е основа за донесување на квалитетни одлуки. За менаџерска позиција потребни се вештини и способности кои вклучуваат деловно планирање, донесување одлуки, решавање проблеми, комуникација, делегирање и управување со времето. Во врвниот менаџмент, овие вештини се од суштинско значење за добро водење на организацијата и постигнување на посакуваните деловни цели.
Особено сум горда на фактот што изминатиов период успеавме заедно со мојот тим да обезбедиме интензивен раст и развој на компанијата, стекнувајќи се со нови знаења, кои брзо ги спроведувавме во акција, при тоа создавајќи вистинска конкурентска предност.
Колкaва улога игра образованието на Технолошко-металуршкиот факултет во вашата позиција во компанијата и придонесот кој го давате за неа?
-Она што ме привлече пред се на ТМФ беше синергијата на инженерството и природните науки обединети преку иновативноста, ентузијазмот, различните научни достигнувања од областа на инженерството, биоинженерингот, информатичката технологија и сродните научни области во процесот на едукација. Наставата базирана на истражување, знаењетo и вештините со кои се стекнав како инженер-технолог беа исклучитено значајни во изнаоѓањето на креативни решенија и нивна примена во најразлични ситуации со кои се сретнував во мојата кариера. Да се биде на раководна позиција во еден динамичен деловен систем, како што е АВТ бара инвентивност, искуство во изборот на стратегијата за развој на компанијата и зголемување на ефикасноста на процесите со цел реализација на плановите.
Образованието на еден инженер-технолог е широко апликативно на многу работни позиции и во многу сектори, кои на прв поглед и не се директно поврзани, но во себе содржат различни процеси.
Се разбира, за да напредувате во кариерата, треба да вложите напори за продлабочување на знаењето, стекнување лидерски, комуникациски и вештини за стратешка проценка.
Коja е најголемата вредност која ја добивте од образованието на ТМФ?
-На ТМФ се стекнав со системски и процесен приод, како и инженерски начин на размислување и донесување на одлуки. Во текот на студиите се стекнав со важни вештини на полето на истражувањето, комуникацијата и критичкото размислување.
ТМФ како научна и високообразовна институција со завидна репутација, ми овозможи преку ангажман на различни проекти и научни трудови дополнително да ја развијам инвентивноста, креативноста во креирање на идеите, проектирањето и практичната имплементација.
Како инженер технолог во текот на студиите се стекнав со уникатен сет на вештини, кои ми овозможија да се вклопам на повеќе раководни позиции во мојата компанија, пред сè поради инженерскиот начин на размислување, пристап и поглед.
Зошто ја одбравте оваа професија, какви очекувања имавте кога се запишавте на факултет? Што ве натера да изберете кариера во технологијата?
-Технолошкиот факултет е комбинација од природни и инженерски науки и токму ова беше пресудно во мојот избор. Она што особено ме привлече беа дизајнираните наставни модели испреплетени со искуствено и дисциплинарно знаење и многу практична лабораториска работа, кои создаваа една хибридна средина за учење.
При изборот се определив за кариера, која ќе овозможи стимулирање на нови креативни идејни решенија. Технолошката индустрија е пред се иновација на решенија, со цел да се направат процесите полесни, побрзи и поефикасни. Поради тоа технологијата беше совршен избор за мене.
Доколку сакате да создавате, менувате, истражувате, барате одговори во сè, тогаш сте создадени за инженер. Оваа професија по природа е аналитична, темелна и одговорна.
Едноставно кажано, кариера во технологија е кариера без граници.
Може ли да сублимирате на што се должи вашиот успех?
-За мене инженерската позадина беше предност во развојот на мојата кариера, бидејќи инженерите имаат специфични технички познавања, кои полесно се надополнуваат со бизнис концепти. Во суштина инженерот е многу адаптабилен и може лесно да се прилагоди и во други сфери, надградувајќи го своето знаење со сознанија од областа на економијата, правото и финансиите.
Инженерскиот принцип на планирање ми беше од особено значење меѓудругото во логистичкиот инженеринг, каде преку сложени математички модели успеавме да ја максимизираме ефикасноста и да ги минимизираме трошоците. Инженерството е уметност на организирање и управување со луѓето, а инженерските принципи во планирањето и оперативниот менаџмент ми беа од драгоцено значење во многу процеси на оперативното работење.
Инженерските вештини и пристап, стекнати на ТМФ, подоцна успешно ги применив на најдобрите практики во мојата професионална кариера.
Зошто технологијата, според вас, нуди креативна и предизвикувачка професија?
-Како и на секој технички факултет, поради теоретскиот и практичниот дел, поминував доста време на факултетот, при што времето ми беше исполнето со многу креативна и практична работа во лабораторија, пропратена со тимско функционирање. Во текот на своето образование, бев дел од различни проекти, при тоа судрувајќи се со строги рокови и неопходност за изнаоѓање иновативни и ефикасни решенија и добро структуриран пристап.
Технолошката индустрија е една од најпредизвикувачките, најинспиративните и една од подобро наградените индустрии денес. Технологијата е одличен избор доколку сте креативни - креативноста раѓа иновации, а иновативноста на крајот се наградува. Но, технологијата не подразбира само да се излезе со нови идеи - таа исто така вклучува и пронаоѓање начин како тие идеи да функционираат.
Едноставно, технологијата е движечка сила која инспирира и го придвижува начинот на кој функционира светот денес.
Зошто инженерите се добри менаџери?
-За инженерството, некои велат дека е „применета математика“. Обично аналитични, добри во управување со ризик, иновативни и одлични со бројки, инженерите поседуваат многу атрибути потребни за менаџерска позиција. Токму една од главните причини зошто инженерите се добри менаџери, е таа што инженерството нè учи како да ги решаваме проблемите. Инженерите се добри менаџери, бидејќи ги познаваат процесите, нивната техничка страна, а при тоа имаат и искуство во предвидување на трошоците и ризиците и менаџирање со ресурсите.
Инженерите се добри деловни лидери поради вниманието на деталите, добрата тимска работа и комуникација, искуството во обработката на податоци, високото ниво на компјутерски вештини кои ги поседуваат и техничкото знаење. Тие работат на тимски проекти, поради што комуницираат добро во рамките на тимот, што е особина од непроценливо значење за раководна позиција.
Инженерот го користи математичкиот пристап при решавањето на различни проблеми со кои се соочува и развојот на нови деловни процеси со цел подобрување на ефикасноста на организацијата.
Од надворешна перспектива, инженерството и бизнисот звучат како две многу различни специјализации, но кога ќе се погледне поблиску, преклопувањата стануваат поочигледни. И инженерите и деловните лидери сакаат да создадат нешто ефикасно, при тоа и едните и другите се во потрага по креативни и иновативни решенија.
Teкстот е дел од серијалот „Од ТМФ до успешна кариера“ кој го реализираме во соработка со Технолошко-металуршки факултет во Скопје.
Фото: Приватна архива