X
 28.04.2018 Образование

Научните проекти на ТМФ - можност за доопремување на лабораториите, но и за вработување млади истражувачи

Преку овие проекти се овозможува меѓународна соработка со голем број научни институции, подобрување и продлабочување на релацијата помеѓу индустријата и факултетот, а истовремено се нуди реална можност за продолжување на соработката и по завршувањето на проектот – вели проф. д-р Јадранка Блажевска-Гилев, редовна професорка на Технолошко-металуршкиот факултет од Скопје



Научноистражувачката работа на Технолошко-металуршкиот факултет при УКИМ во Скопје има долгогодишна традиција. На факултетот се реализирани многубројни научноистражувачки проекти, преку кои се опремени нашите научни лаборатории. Соработката на професорите со сродните европски факултети овозможува нивна континуирана присутност и активна вклученост во актуелните научноистражувачки случувања. Потврда за тоа се објавените квалитетни научни трудови со висок импакт-фактор и цитираноста на нашите професори во научните списанија, вели професорката Јадранка Блажевска-Гилев, редовна професорка на овој факултет.

Соработка со институти од повеќе земји

Во моментов актуелен е тригодишниот научноистражувачки проект „Графен/полимер базирани сензори“, втор во континуитет во областа на композитни сензори. Блажевска-Гилев вели дека станува збор за меѓународен проект во кој учествуваат неколку познати научноистражувачки институти од Шпанија (POLYMAT), Германија (TUBAF), Чешка (ICPF) и крајниот корисник CEO INA, компанија од Скопје.

- Главната цел е развој на композитни сензори со мали димензии и со висока чувствителност на екстремно ниски концентрации на токсични гасови. Всушност, станува збор за развој на сензорски уреди кои можат да имаат примена во хемиската индустрија, во воената индустрија, односно да се применуваат во простории каде што има опасност од истекување на високо токсични гасови - објаснува Блажевска-Гилев, раководител на проектот.
Тој е финансиран од НАТО-програмата „Наука за мир и безбедност“ со буџет од 237.000 евра.

Професорката вели дека предноста на ваквите проекти е во можноста за реализирање фундаментално научно истражување со висока апликативна вредност.
- Фундаменталниот дел подразбира проширување на знаењата во областа на науката за синтеза на композитни наноматеријали, со примена на различни техники, на пример, полимеризација во дисперзен медиум или ласерски индуцирана депозиција, која претставува нова техника за добивање тенки композитни филмови – вели Блажевска-Гилев. Апликативната вредност, пак, подразбира развој базиран на стекнато фундаментално знаење за добивање нови сензорски уреди.



Полимерните композитни материјали, кои се предмет на истражување во овој проект, вели таа, го привлекуваат вниманието и на академската и на индустриската јавност со години наназад поради нивните специфични својства и можностите за нивна широка примена, особено кога станува збор за спроводливите полимерни нанокомпозити.
- Графенот и јаглеродните наноцевки што ги користиме за подготвување на нашите композитни филмови имаат висока електрична, термичка спроводливост и механичка јакост, а поседуваат и висока сензитивност на токсични гасови - истакнува Блажевска- Гилев.

Тимска работа и создавање научноистражувачки мрежи

Финансирањето на ваквите проекти од ЕУ е од особено значење за нашата земја од повеќе аспекти. Преку овие проекти се овозможува меѓународна соработка со голем број научни институции, подобрување и продлабочување на релацијата помеѓу индустријата и факултетот, а истовремено се нуди реална можност за продолжување на соработката и по завршувањето на проектот.

Професорката Блажевска-Гилев истакнува дека ТМФ има децениска соработка со институтите од Чешка и од Шпанија, при што токму ваквата соработка придонесе за обезбедување финансиска поддршка за реализација на проектот.
- Овие проекти се во насока на реализација на идејата на заеднички европски истражувачки простор. Освен тоа, на овој начин се поттикнуваат тимското работење и создавањето научноистражувачки мрежи, во кои научната мисла е во функција на создавање краен производ, развој на нови технологии за производство на наноматеријали, што за нашата земја е особен предизвик – вели Блажевска-Гилев.



Покрај другите, главната придобивка за ТМФ од овој вид проекти е доопремувањето на лабораториите за научноистражувачка работа.
- Во текот на претходниот и тековниот НАТО-проект се набавени современи инструменти. Еден од најзначајните инструменти е високомоќен пулсирачки инфрацрвен ласер, кој во рамките на проектот се користи за добивање тенки филмови, но нуди и поширока примена за други истражувања. Исто така, обезбедени се и шест инструменти за карактеризација на добиените наноматеријали. Притоа, осовременувањето на лабораториите е особено значајно за образовниот процес на студентите, кои преку лабораториските вежби се запознаваат и практично со современите техники што се користат за добивање и испитување на својствата на материјалите – објаснува професорката.

Потребна е поголема државна помош

Важен сегмент кај ваквите проекти е можноста за финансирање млади истражувачи, студенти од насоките полимерни материјали и инженерство на материјали и нанотехнологии, кои преку реализација на своите дипломски и магистерски тези ги прошируваат своите знаења во областа на материјалите.
- Младите истражувачи, магистранди, што се вклучени во овие проекти, освен што работат во нашата современа лабораторија, имаат можност во текот на проектот и да остварат повеќемесечни научни престои кај нашите европски партнери. Преку нив младите истражувачи добиваат можност да стекнат меѓународно искуство во европските институти, можности за идна соработка, како и практично имплементирање на теоретскoто знаење стекнато на последипломските студии.

Тие, исто така, во текот на реализацијата на проектот стекнуваат можност добиените резултати да ги презентираат на повеќе меѓународни конференции во земјата и во странство. Но, уште позначајно е тоа што стекнуваат искуство во објавување на добиените резултати во меѓународни списанија со висок фактор на влијание, вели професорката. На тој начин стануваат препознатливи во меѓународната научна јавност, за што потврда е успехот на магистрандите што биле вклучени во претходниот тригодишен проект.

По завршувањето на проектот во 2016 година, тие ја продолжиле соработката со европските партнери, при што своите докторати веќе ги работат во нивните институти.
- Од особена важност е континуираноста во научноистражувачките проекти, за што покрај меѓународната, важна е и финансиската поддршка од државата. Вложувањата на Република Македонија во научноистражувачката дејност се исклучително скромни. Доколку тоа се промени, уверена сум дека успешноста во науката ќе се зголеми бидејќи резултатите од научноистражувачката работа нудат повеќекратна добивка за сите нас, обезбедувајќи услови за зголемен индустриски развој на земјата, а што е уште позначајно - и можност за задржување на младиот стручен кадар – завршува професорката.
Тагови:

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование