И годинава финансиите беа најгорливиот проблем за менторите. Со овој
проблем здруженијата кои ги организираат нашите претставувања на научните
олимпијади се соочуваат секоја година
Матурантите Стефан Стојковиќ од Скопје и Стефан Дамчевски од Демир Хисар освоија бронзени медали на 51. Меѓународна олимпијада по хемија која се почна на 21 јули, а заврши вчера во Париз, Франција. Двете бронзи претставуваат повторување на успехот од минатата година. На т.н. светска младинска олимпијада по хемија 309 ученици од 80 земји во светот си ги измерија силите, а беа придружувани од 269 ментори, набљудувачи и гости од целиот свет.
Од церемонијата на доделување на наградите
- Во училиштето Lycée Pierre-Gilles de Gennes, со прекрасен поглед на Ајфеловата кула и на целиот Париз, учениците имаа одлични услови за изработка на петчасовниот експериментален дел и петчасовниот теоретски дел од натпреварот. На оваа олимпијада беа урнати неколку рекорди - највисоките температури во Париз во последните 70 години (42 ºС на 25 јуни 2019), но и по најголемиот број земји учеснички и ученици – вели доц. д-р Миха Буклески од Институтот за хемија и член на Сојузот на хемичарите и технолозите на Македонија.
Тој и проф. д-р Наташа Ристовска беа ментори на четворицата ученици кои ја претставуваа нашата земја на меѓународниот натпревар – Стефан Стојковиќ, матурант во скопската гимназија „Раде Јовчевски-Корчагин“, Стефан Дамчевски, матурант во приватното училиште „Јахја Ќемал“, Руфија Идризовска, матурантка во истоименото училиште во Гостивар и Александар Трајковски, средношколец во „Крсте П. Мисирков“ во Демир Хисар. Во нивната темелна подготовка учествуваше поширок тим Институтот за хемија – професорите и доктори на науки Слоботка Алексовска, Јасмина Петреска-Станоева, Владимир Петрушевски, Билјана Пејова, Марина Стефова, Јане Богданов, Владимир Ивановски и Татјана Илиевска (технички соработник).
Македонскиот олимписки тим
Според Буклески, и годинава финансиите беа најгорливиот проблем за менторите. Со овој проблем здруженијата кои ги организираат нашите претставувања на научните олимпијади се соочуваат секоја година. Бидејќи се непрофитни организации, мака мачат со обезбедување средства за подготовки и за заминување на натпреварите. Има обиди ова да биде решено со измените во новиот закон за основно образование кој ја помина фазата на прво читање во Собранието. Освоените медали ја покажуваат тенденцијата на квалитетна подготовка на натпреварувачи која пак резултира со успеси кои се повторуваат низ годините – вели Буклески.
За СХТМ, организатор на натпреварите по хемија во земјава особено е важно што во годината која е прогласена за година на периодниот систем по повод неговото составување пред 150 години, како и 100 годишнината од постоење на IUPAC (International Union of Pure and Applied Chemistry) - најголемата хемиска организација, се постигнаа значителни успеси. Според тоа, по циклусот натпревари за средно училиште, како и селекциите и учеството на Менделеевата олимпијада, успешно се завршува 2019-тата година со вкупно освоени три бронзени медали за македонскиот тим.