Станува збор за годишен паричен надомест од 144.000 денари за златен, 120.000 за сребрен и 96.000 за освоен бронзен медал. Од МОН велат дека проблемот ќе биде надминат со новиот закон за средно образование
Доктори на науки што ги подготвуваат учениците за олимпијади не можат да ја добијат заслужената награда за вложениот труд и промоцијата на македонското образование во светот зашто Министерството за образование и наука произволно толкува одредби од Законот за средно образование. Иако во Законот е јасно наведено дека секој ученик и секој наставник што освоиле медал на некој од меѓународните натпревари акредитирани од МОН имаат право на одредена парична награда, во јавниот повик ресорното министерство нагласува дека наставникот мора да биде вработен во средно училиште во земјава, а речиси сите ментори се вработени на факултет. Така, за парична награда конкурираат и ја добиваат наставници кои воопшто не ги подготвуваат учениците за олимпијада. Станува збор за годишен паричен надомест од 144.000 денари за златен, 120.000 за сребрен и 96.000 за освоен бронзен медал.
Доц. д-р Миха Буклески (централно) на Институтот за хемија ги презентира успесите од годинашните меѓународни натпревари
Од МОН не одговараат конкретно на прашањето зошто во јавниот повик е вметнат елемент кој Законот воопшто не го налага. Тие велат дека проблемот ќе биде надминат со новиот закон за средно образование.
- Неодамна е усвоен новиот Закон за основно образование, во кој е вметнат и член за награди за освоена прва, втора или трета награда, односно златен, сребрен или бронзен медал на меѓународен натпревар од областа на математиката, информатиката и природните науки, на ученикот, на наставникот кој му го предава предметот од овие области, како и на менторот кој го подготвувал ученикот за натпреварот. Министерството за образование и наука поединечно им доделува соодветна парична награда од 100%, 80%, односно 60% за освоена прва награда/златен медал, втора награда/сребрен медал, односно трета награда/бронзен медал. Оваа одредба секако ќе биде земена предвид, односно пресликана при креирањето и на законот за средно образование во периодот што следува - велат од МОН за Факултети.мк.
Апсурдни ситуации
Проблемот засега повеќе научни здруженија што имаат акредитација да ги подготвуваат средношколците на меѓународните олимпијади. Тие неколкупати реагирале во МОН, но корекција во јавниот повик не е направена. И годинава јавниот повик е објавен со истите услови. По многу безуспешни приговори, писма и реагирања до МОН, вистинските ментори решија гласно да проговорат за проблемите.
Членот 24-б од актуелниот Закон за средно образование
Доц. д-р Миха Буклески неколку години е ментор на ученици што освоиле медали на Меѓународната олимпијада по хемија попозната како IСhO. Тој со своите ученици освоил пет бронзени медали. Буклески е вработен на Институтот за хемија при Природно-математичкиот факултет во Скопје и е член на Сојузот на хемичарите и технолозите на Македонија (СХТМ), кој од 2015 година го организира учеството на Македонија на IСhO.
Буклески објаснува дека МОН има систем за наградување на учениците. Според Законот за средно образование, предвидени се парични награди за освојувачите на медали на некоја од 13. меѓународни олимпијади признати од МОН. Секоја година Министерството распишува „Јавен повик за доделување парична награда за освоен златен, сребрен или бронзен медал на една од 13. меѓународни научни олимпијади, на ученикот и на наставникот кој го подготвувал ученикот за олимпијадата“.
- Овој систем добро функционира за наградување на учениците, но проблемите се значително подлабоки, а системот е лошо поставен. Сериозните проблеми на менторите почнуваат со јавниот повик, каде што е наведено дека е предвидена награда и за наставникот кој го подготвувал ученикот за олимпијада. Учениците имаат едни ментори до крајот на државните натпревари - професорите од средните училишта. За успесите на државните натпревари менторите се соодветно парично наградени од МОН. Откако ќе завршат државните натпревари, се избираат десетина ученици со кои продолжуваат да работат професори од Институтот за хемија, а Сојузот на хемичарите и технолозите на Македонија е задолжен за избор на тимот од ментори и ученици што ќе замине на меѓународните олимпијади. Од тој момент, па до учеството на меѓународниот натпревар, учениците имаат нов ментор определен од СХТМ - објаснува Буклески.
Јавниот повик за годинава е објавен во април, а нашиот тим освои две бронзи пред нецел месец, на 29 јули
И покрај тоа што во Законот за средно образование нема конкретно барање наставникот да биде дел од системот на средно образование, сепак, во конкурсот се бара потврда дека наставникот е вработен во средно училиште.
- Следува апсурдна ситуација – наставникот треба да докаже дека е ментор на ученикот, иако тој не бил со него на натпреварот. Конкурсот предвидел „решение“. Најобична изјава потпишуваат наставникот, родителот и директорот на училиштето, проблемот се надминува и наставникот е меродавен да ја прими наградата. А што станува со вистинските ментори? Оние што целосно се вложиле во подготовките? Тие остануваат без награда и покрај тоа што имаат потврда/сертификат од организаторот на олимпијадата дека тие се менторите на учениците што ја претставувале државата. Но, по сè изгледа дека изјавите од директорот, родителот и наставникот се порелевантни од официјален документ издаден од меѓународниот одбор - вели Буклески.
Никако да стигнат до МОН
Со проблемот не се соочуваат само хемичарите и СХТМ. Во истата ситуација се доведени и останатите друштва и здруженија што ги подготвуваат средношколците за меѓународните натпревари - Друштвото на физичарите на Македонија, Сојузот на математичарите на Македонија, Здружението на информатичарите на Македонија, Македонското биолошко друштво.
- Сите заедно поднесовме барање до МОН за дополнување на јавниот повик од 2018 година. По една година не само што не добивме никаков одговор туку е распишан и нов конкурс за 2019 година под истите услови. Во меѓувреме, ментор од СХТМ поднесе до МОН барање на повикот од 2018 и доби решение дека е одбиен со образложение дека не е наставник во средно училиште - објаснува Буклески.
Тимот на годинашната IChO, која се одржа во Париз
СХТМ предложило едноставно решение за да се надмине проблемот - да се отстрани делот кој бара наставникот да биде вработен во средно училиште. Наместо невистинитите изјави дека наставник од средно го придружувал ученикот на меѓународниот натпревар, едноставно да се прифати потврдата од организаторот за учество на менторот.
- Ова не е спротивно на законските одредби и ќе се создаде можност рамноправно да конкурираат и професорите од средните училишта и универзитетските професори, односно оние што биле вистински ментори на учениците и учествувале на олимпијадите - вели Буклески.
Тимот на Институтот по хемија
Ова е трета олимпијада по ред на која ученици од тимот предводен од професори од Институтот за хемија освојуваат медали и трета година како не добиваат признание, а наградите од објавените повици завршуваат во погрешни раце. И покрај тоа што во подготовките учествувале исклучиво професори од Институтот за хемија и членови на СХТМ, ниту менторите ниту СХТМ не добил соодветна награда.
- Од друга страна, секоја година Сојузот мака мачи да обезбеди финансиски средства за учество на олимпијадите. Барањето спонзорства е макотрпна работа која исцрпува и троши голем дел од времето кое може да се искористи многу попродуктивно во подготовка на проблеми, задачи, тестови и материјали за учениците. Ентузијазмот е тој што нè одржува низ годините. Тука е и желбата да се постигнат подобри резултати, да покажеме дека и ние сме способни, вредни и на исто рамниште со другите натпреварувачи од целиот свет, дека и покрај сите турбуленции во нашето секојдневие, успеваме да се избориме и да оствариме резултати. Но, кога ќе се соочиме со неправда како оваа, револтот кај нас расте, нашиот труд е обезвреднет. Неможноста да оствариме контакт со претставници од МОН дополнително нè обесхрабрува и фрустрира. Немоќни сме во спроведување на правдата. А немоќта да се направат промени често завршува и со откажување - вели Буклески.