Причината за избор на две локации е поврзана со одржувањето на првата Олимпијада по хемија - пред точно 50 години во Прага, тогашна Чехословачка. Во чест на 50-тиот јубилеј, решено е оваа година еден дел од Олимпијадата да биде во Братислава, Словачка, а другиот дел во Прага, Чешка
Без финансиска поддршка неизвесно е учеството на Македонија на Меѓународната олимпијада по хемија, популарно позната како IChO (International Chemistry Olympiad), која кон крајот на јули ќе се одржи во Братислава и во Прага. Сојузот на хемичари и технолози (СХТМ) поддржан од Институтот за хемија при Природно-математичкиот факултет ги избра четворицата средношколци кои од 19 до 29 јули ќе ги измерат силите со 330 натпреварувачи, од 83 земји од светот.
На јубилејното 50. издание на манифестацијата Македонија ќе ја претставуваат Антонио Андоновски и Стефан Стојковиќ од скопската гимназија „Раде Јовчевски-Корчагин“, Магдалена Златанова од приватното училиште „Јахја Кемал“ од Струмица и Стефан Дамчевски од истоименото училиште во Струга. Како и минатата година, тимот ќе го предводат доцент д-р Миха Буклески и проф. д-р Слоботка Алексовска, двајцата од Институтот за хемија и членови на СХТМ.
Дел од атмосферата на годинашниот селекционен натпревар за македонскиот олимписки тим
Според Буклески, два месеца пред одржувањето на Олимпијадата најгорлив проблем на сите од тимот е финансирањето и неизвесноста бидејќи немаат никаква системска поддршка. Најангажирани се оние што се вклучени во приказната, заедно со претседателот на СХТМ, професор д-р Зоран Здравковски, кој активно бара начини да обезбеди средства за олимпискиот тим.
- Сепак, СХТМ е непрофитна организација. Сите активности, како и подготовките за IChO, ги реализира со доброволен ангажман на кадарот од Институтот за хемија при ПМФ користејќи ги ресурсите на Институтот (инфраструктура, лаборатории, хемикалии и опрема). Дел од трошокот за присуството на подготовките паѓа на товар на самите натпреварувачи, особено на оние што не се од Скопје. Минатата година учеството на IChO беше доведено во прашање и до последен момент беше неизвесно заминувањето во Бангкок како резултат на необезбедените финансиски средства. Годинава патните трошоци се значително пониски, но повторно финансиите се главниот проблем – вели Буклески.
Апел да се најде долгорочно решение
Засега тие се надеваат на спонзорства и донации, на каква било помош, на поголема поддршка од Министерството за образование и наука и од Агенцијата за млади и спорт.
- Тие се надлежните и релевантни институции. Апелираме да се изнајде долгорочно решение за финансирањето на олимписките тимови (не само на хемискиот) кои се подготвуваат за учество на меѓународни натпревари. Тие се од интерес и за државата. На самиот почеток, во 2015 и 2016 година МОН им излезе во пресрет на нашите барања и обезбеди спонзорства, но 2017 година беше навистина тешка за нас. Процесот на обезбедување спонзорства беше макотрпен, а собирањето финансиски средства се сведе на изнаоѓање лични контакти и ангажирање на натпреварувачите самостојно да бараат спонзори што, се разбира, не е најблагодарна позиција – раскажува Буклески.
Подготовките на минатогодишниот тим
IChO-2018 ќе се одржи во Братислава и во Прага. Причината за избор на две локации е поврзана со одржувањето на првата Олимпијада по хемија - пред точно 50 години во Прага, тогашна Чехословачка. Во чест на 50-тиот јубилеј, решено е оваа година еден дел од Олимпијадата да биде во Братислава, Словачка, а другиот дел во Прага, Чешка. Натпреварите (теорискиот и експерименталниот дел) ќе се одржат во Братислава, а менторите ќе бидат во Прага, каде што ќе ги подготвуваат прашањата и проблемите. Целиот настан, вклучувајќи ги состаноците на менторите, подготовката и одобрувањето на прашањата и проблемите, нивниот превод, натпреварите, церемонијата на отворање и доделување на медалите и признанијата, ќе се одвива од 19 до 29 јули 2018. Годинава, покрај натпреварувачите на Олимпијадата, ќе присуствуваат и 170 ментори и околу 50 набљудувачи и гости.
Македонија на Олимпијадата од 2013 година
Претставниците на Македонија беа селектирани од државните натпревари по хемија за основци и средношколци кои се одржаа во првата недела од мај.
- Крајната цел на овие натпревари е селекција на најдобрите ученици за нивна подготовка, па може да кажам и за нивна обука, за учество на Меѓународната олимпијада по хемија. Најдобрите десет беа тестирани на теориски проблеми и на експериментални задачи, а од нив беа избрани четворицата што станаа дел од македонскиот олимписки тим. Но, тука не застануваат подготовките. Продолжува период на уште поинтензивни подготовки кои ќе вклучуваат решавање и на теориски и на експериментални проблеми – објаснува Буклески.
Доц. д-р Миха Буклески (лево) со дел од минатогодишните олимпијци
Република Македонија почна да праќа олимписки тим за натпревари во 2013 година. СХТМ ја презеде организацијата од 2015 година. И покрај тоа што секоја држава праќа тим од најмногу четворица натпреварувачи, натпреварите се индивидуални. Во наредните два месеца менторите ќе ги подготвуваат учениците за Олимпијадата. Ќе им помагаат и колегите од Институтот за хемија, доцентите Наташа Ристовска и Јасмина Петреска-Станоева и професорите Марина Стефова, Владимир Петрушевски, Валентин Мирчески и Владимир Ивановски и други технички соработници и демонстратори.
Лани освоивме бронзен медал
Како резултат на добрите подготовки, лани матурантот Филип Трајковски од „Раде Јовчевски-Корчагин“ освои бронзен медал и го постигна првиот позначаен успех на македонскиот хемиски тим и воопшто, првиот медал за Република Македонија. Буклески се надева дека ќе го следат трендот на подобрување на резултатите и ќе постигнат уште подобар пласман.
Матурантот Филип Трајковски од „Раде Јовчевски-Корчагин“ лани освои бронзен медал
На прашањето што добиваат талентираните деца од овие неколкудневни дружби и натпревари со врсниците од целиот свет, Буклески вели дека се одлична можност за продлабочување на знаењата на учениците, градење разбирање и толеранција меѓу нив, почитување на различностите, осознавање на различните култури, стилови, вредности итн.
- Но, натпреварувачите не се единствените што имаат бенефит од овие натпревари. И менторите имаат можност да запознаат колеги од целиот свет. Од конструктивните дискусии се прифаќаат и применуваат нови педагошки пристапи и новини во методологијата на работа со учениците и студентите, можности за научна соработка, дружење и запознавање на земјите домаќини. Од остварените контакти, понатаму произлегуваат многу пријателства и соработки – вели Буклески.