X
 09.09.2019 Наша тема

Што се крие зад „Бибиверзум“, ќе се исправи ли неправдата кон менторите на научните олимпијци, „Џулијард“ стана реалност за виолинистот Иванов

Што ќе ни донесе едукативната програма што ќе се реализира во центарот „Бибиверзум“, најновата содржина од „Светот на Биби“? Наместо вистинските ментори, парите за награда од освоени медали на научни олимпијади неколку години ги земаат наставниците од средно школо. Ја претставивме интересната страница „Treebanks“ преку која со букирање лет помагате да се засади дрвце во Македонија. Ова се дел од содржините што ги работевме изминатата недела.


Проф.д-р Кирил Барбареев

Проф. д-р Кирил Барбареев е еден од креаторите на едукативната програма на „Светот на Биби“, дел од голем тим кој има многу инспирација, енергија и многу волја за подобро образование, т.е. луѓе што веруваат дека во Македонија има капацитет да се направи добар воспитно-образовен систем. Проф. Барбареев и тимот што го придружува ќе работат со децата во посебна едукативна програма во центарот „Бибиверзум“ во скопскиот Градски трговски центар.
- Програмата има цел да ги развива вредностите кај децата. Когнитивниот и социо-емоционалниот развој, воспитанието и образованието за добар живот, откривањето на сопствените потенцијали. Во душата на младите треба да се всадат доблестите, особено: праведноста, мудроста, умереноста, храброста, трпението, самодисциплината, емпатичноста, истрајноста, чесноста, лојалноста. Тоа се длабоките хуманистички вредности кои се основа на сè во животот. Тоа е всушност развој и формирање на карактерот на детето - вели професорот Барбареев.


Михаил Стевчев, основач на Treebanks

Сакаме да засадиме милион дрвја во Македонија – ова е сонот на Михаил Стевчев, кој со својата апликација Treebanks во изминатата половина година веќе успеа да засади речиси 500 дрвца во земјава. На многу едноставен начин, на кој некој што решил да патува и да резервира билет преку booking.com, оваа апликација му овозможува да помогне во раззеленувањето на нашата земја.

Се отвора страницата „Treebanks“, кликате на логото нa Booking.com, кое ве пренасочува на таа веб-страница и го резервирате вашето сместување најнормално. Наредниот ден бројчаникот на дрвца што треба да се засадат оди нагоре. Со почнувањето на вашата резервација од Treebanks засадувате дрво, садницата е обезбеденa од процентот што Booking.com ѝ го дава на Treebanks заради филијалното партнерство. Важно е тоа што вас не ве чини ништо! – објаснува младиот инженер.



Маја Џеповска

„Градината“ е насловот на првата самостојна изложба од академската графичарка Маја Џеповска, која беше отворена во „Монтажна галерија“ во Паркот на франкофонијата во Скопје. Таа изложи дваесетина дела, во кои преовладува малиот формат. Преку комбинираната техника од пенкало, маркер и акрил на картон, Џеповска заокружи еден дел од нејзиното досегашно творештво.




Министерството за образование и наука нема намера да го коригира јавниот повик за доделување награда за освоени медали на меѓународни олимпијади акредитирани од МОН, иако огласот овозможува паричната награда да отиде во погрешни раце. По вчерашниот состанок на менторот доц. д-р Миха Буклески (чии ученици летово освоија бронзен медал на Меѓународната олимпијада по хемија) со претставници од МОН, проблемот останува во ќор-сокак.
- Од секторот за средно образование при МОН не отстапуваат од ставот дека под терминот „наставник“ во член од Законот за средно образование се подразбирало дека се работи за наставник од средно образование. Иако сите ученици за меѓународни натпревари и олимпијади ги подготвуваме ние, кадри од факултетите, сепак, во јавниот повик е нагласено дека за награда од МОН може да конкурира исклучиво некој со доказ дека е вработен во средно училиште - објаснува д-р Буклески, доцент на Институтот за хемија при Природно-математичкиот факултет.



Одвај 50 единки од балканскиот рис живеат во Македонија. Овој критично загрозен подвид на евроазискиот рис е во опасност од исчезнување, велат еколозите. Освен одредена морална поддршка, државата никако не учествува во заштитата на балканскиот рис. Тоа го прават граѓани од невладиниот сектор, со помош од меѓународни организации.
За состојбите со балканскиот рис и проблемите со кои се соочуваат оние што со години се обидуваат да го заштитат, разговараме со Диме Меловски, раководител на Програмата за заштита на диви животни во Mакедонското еколошко друштво (МЕД).
Младиот виолинист Александар Иванов е во Њујорк и се подготвува да ги почне студиите на „Џулијард“, една од најпрестижните музички школи во светот. Тој е еден од четворицата млади и талентирани Македонци што се запишаа на врвните уметнички школи и факултети во светот и добија поддршка од Министерството за образование и наука. Во МОН стигнале пет пријави, но една не ги исполнувала условите, велат од ресорното министерство.

Платите на наставниците се потпросечни во земјава. Факултети.мк направи споредба помеѓу личните примања на колегите на нашите наставници со земјите од регионот. Од земјите кои не се во Европската Унија од регионот, најдобро платени (од годинава) се просветните работници од Косово, кои откако штрајкуваа, се изборија за плати до 600 евра. Конкретно, воспитувачите во градинките имаат околу 540 евра, наставник во основно има 350 евра, а во средно помеѓу 585 и 620 евра. Косовските наставници го постигнаа тоа во февруари откако штрајкуваа и синдикатот за образование и владината коалиција се договорија. За илустрација, просечната национална плата во оваа земја е 504 евра.
Подготвил: С.Ѓ.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема