X
 30.07.2023 Технологија

Најчестите измами што може да се најдат на социјалните мрежи

Социјалните мрежи ги користат милиони корисници низ светот. За жал, на овие мрежи има и корисници кои немаат невини намери. Со повеќе од милијарда корисници, „Фејсбук“ е вистински златен рудник за сајбер-криминалците кои бараат лесен плен. Затоа, не е чудно што токму преку „Фејсбук“ се шират измами на кои паѓаат илјадници луѓе. Ова се најчестите измами што може да се најдат на социјалните мрежи.

Кој го гледал вашиот профил

Ова е една од најстарите измами на социјалните мрежи. На корисниците им се нуди можност да видат кој го гледал нивниот профил на социјалната мрежа, а треба да кликнат на линкот кој е испратен или објавен. Оваа измама им дозволува на криминалците да ја преземат контролата врз профилот на корисникот и да соберат сè што е вредно на него - како лични информации.

Лажни несоодветни видеа

Во овој тип измама сајбер-криминалците поставуваат лажни, несоодветни видеа на познати личности (или луѓе што ги познавате) за да ви го привлечат вниманието. Овие измами може да се појават како реклама или објава и може да содржат линкови до лажни видеа на „Јутјуб“. Ако кликнете на едно од тие видеа, ќе видите порака во која се тврди дека ви недостига алатка за гледање на видеото или нешто слично. Ако кликнете на понудените линкови, сајбер-криминалците ќе инсталираат опасен штетен софтвер на вашиот уред.

Видеозаписи со вируси

Оваа измама може да се најде на речиси сите социјални мрежи. Најчесто се шири преку директни пораки или објави, кои се чини дека доаѓаат од луѓе што ги познавате или контакти. Во пораката пишува дека вие се наоѓате во популарно видео.


Фото: Pixabay

Ако случајно кликнете на врската до лажно вирално видео, најверојатно ќе видите порака во која се бара да преземете алатка или да направите некакво ажурирање или повторно да се најавите на профилот на социјалната мрежа. На тој начин на вашиот уред ќе се инсталира вирус или штетен софтвер. Доколку ги внесете вашите кориснички информации на страницата што се појавува, голема е веројатноста дека ќе го изгубите пристапот до профилот.

Измама со лажни профили

Сајбер-криминалците некогаш одат чекор подалеку и создаваат лажни профили со вистински имиња и фотографии на луѓе што ги познавате. Тоа може да бидат ваши пријатели или контакти, но и познати личности. По креирањето на лажниот профил, криминалците почнуваат масовно да испраќаат барања за пријателство. Кога пријателите на личноста ќе го прифатат барањето за пријателство, мислејќи дека имало грешка и дека стариот профил е недостапен, сајбер-криминалците ја шират измамата со лажирање итен случај и барајќи пари или ваучери од пријателите на лицето. Бидете внимателни и пред да прифатите барања за поврзување од некој со кој веќе сте пријатели, проверете за што се работи.

Љубовни измами

Сајбер-криминалците создаваат лажни профили користејќи фотографии и приказни на вистински луѓе. Потоа се обидуваат со својата приказна да привлечат други корисници, најчесто жени. Се обидуваат да развијат некаков однос со испраќање пораки, фотографии, изјави за љубов и слично. Обично ветуваат среќа, љубов и подобар живот, а потоа во еден момент одеднаш остануваат без пари и бараат помош од жртвата. Откако ќе се платат средствата, тие најчесто „исчезнуваат“, а жртвата останува разочарана и ограбена.

За да се заштитите од такви измами, не прифаќајте барања за поврзување од луѓе што не ги познавате во реалниот живот и никогаш не давајте им пари на луѓе што никогаш не сте ги виделе во живо.

Извор: Zimo
Насловна фотографија: Pixabay
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Технологија