X
 16.09.2024 Здравје

Фотографии од патување, од шопинг... Можеме ли да навлеземе во нарцизам преку желбата да се фалиме на социјалните мрежи?

Малкумина се имуни на желбата да добијат внимание и пофалба на социјалните мрежи. Сепак, потребата за лајк или споделување може да поттикне нарцизам кај нас, а таа замка е реална.

Дали толку лесно развиваме нарцизам и кои особини го опишуваат тоа

Корисниците на социјалните мрежи често тајно се споредуваат со инфлуенсери кои споделуваат видеа и фотографии од нивниот секојдневен живот. Врската помеѓу нарцизмот и социјалните мрежи стана контроверзна тема на истражување во психологијата, социологијата и медиумите. Токсичноста, несигурноста и перфекционизмот доведоа до алармантни психолошки последици за корисниците на платформи како „Фејсбук“, „Инстаграм“, „Тик-ток“. Примери за последиците, според статистиката, се депресија, анксиозност и чувство на осаменост.

Во психологијата, нарцизмот е нарушување на личноста во кое поединците имаат грандиозно чувство за сопствената слика за себе. Се карактеризира со ароганција, суперего, потреба за восхит и склоност кон искористување на другите. На пример, во филмот „Американски психо“, главниот лик Патрик Бејтмен изјавува: „Ги имам сите карактеристики на човечко суштество: крв, месо, кожа, коса, но немам јасно препознатливи емоции, освен алчност и одвратност“.

Темната страна на социјалните мрежи и нарцизмот

Темната страна на социјалните мрежи често ги засенува нивните позитивни аспекти и големите придобивки. Корисниците го креираат своето онлајн его за да ги изразат своите чувства, мисли, потреби. Сепак, тоа може да биде поттикнато од желбата да се постигне совршенство  преку популарност, успех и убавина, што им дава одредена моќ на оние што копнеат по постојано внимание и потврда од другите.

Во епизодата „Ноуседив“ од популарната серија „Црно огледало“ на „Нетфликс“, гледачите ја следат Лејси Паунд, жена очајна да го подобри својот социјален статус во измислен амбиент, каде што социо-економскиот статус се одредува според оцените што ги доделуваат другите луѓе. По низа немили настани, нејзините оцени драстично паѓаат, поради што доживеа психотичен слом. Иако епизодата ја преувеличува употребата на социјалните медиуми, таа објаснува дека социјалните мрежи можат да станат штетни за нашето ментално здравје.

Нарцизмот и социјалните мрежи низ студиите

Во студија од 2018 година објавена во списанието „Отворена психологија“, истражувачите анкетирале 74 учесници на возраст од 18 до 34 години користејќи метод за мерење на индивидуалните разлики во нарцисоидните тенденции. Студијата покажала дека оние што објавуваат голем број фотографии и селфиња, покажале зголемување на нарцисоидните особини за 25 отсто. Исто така, тие биле посклони да ги користат социјалните мрежи само заради објавување на нивните фотографии.

Студија од 2021 година објавена на Универзитетот во Јужна Каролина заклучила дека нарцизмот може да се открие преку селфи-фотографиите. Таа ја демонстрира сложеноста на однесувањето на социјалните мрежи како што се прекумерното споделување и опсесијата со фотографии.

Зошто секој сака да биде инфлуенсер

Корисниците често се споредуваат со инфлуенсери кои споделуваат видеа и слики од секојдневниот живот. Апликациите како „Инстаграм“ и „Снепчет“, кои имаат повеќе од 2,3 милијарди активни корисници месечно, нудат алатки за уредување и манипулирање со сликите, давајќи им можност на луѓето со нарцисоидни особини да прикажат совршенство и уникатност. Во средина на „обоена“ совршенство, корисниците ги прифаќаат овие нереални стандарди за убавина.

Поради ова, некои корисници може да го ограничат внесот на храна и да се исцрпат со прекумерно вежбање за да го постигнат овој идеал, што може да доведе до потенцијално телесно дисморфично нарушување.

Нарцисите можат да бидат опседнати со своите достигнувања. Психотерапевтите забележуваат дека таквите поединци се посветени на самољубие и пофалби затоа што веруваат дека се подобри и помудри од другите, фокусирани на сопствените желби и потреби, но без емпатија за другите. Водени од вниманието што го добиваат од другите и во виртуелни и во реални средини, нарцисите ги споделуваат своите успеси со светот. Но, зад нив и овие потреби често се кријат длабоко фрустрирани луѓе незадоволни од нивниот реален живот.

Светлата страна на социјалните мрежи

Иако студиите покажуваат врска помеѓу социјалното вмрежување и нарцизмот, многу студии посочуваат дека социјалното вмрежување ја подобрува поврзаноста, ги зголемува самодовербата и мотивацијата и го подобрува чувството на припадност. Иако нарцисите, кои често ги користат социјалните мрежи за да го зајакнат своето его, покажуваат недостиг на емпатија, многу корисници на социјалните мрежи обезбедуваат исклучителна поддршка и помош на оние на кои им е потребна преку видеа, пораки и коментари.

И на социјалните мрежи и во животот важно е да се држиме до некоја „златна средина“. Понекогаш е во ред да објавите селфи, фотографија од патување или прослава за да одбележите дел од вашиот успех. Меѓутоа, кога социјалните мрежи стануваат алатка за постигнување нарцисоидни цели, тоа е сериозно нарцисоидно нарушување.

Извор: eklinika.telegraf.rs

Фото: Freepik

Подготвил: Маја Пероска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Здравје