X
 22.08.2019 Живот

Луѓето често лажат дека не се во пензија - не можат да се помират дека повеќе не работат

Доколку го пребарате зборот „пензионирање“ на интернет, екранот ќе се исполни со фотографии од луѓе со седа коса кои танцуваат во кујната, сурфаат, прават чудни јога-пози и ги гушкаат своите внучиња.

За многумина реалноста може да биде доста различна. За некои луѓе, првите неколку месеци по пензионирањето вклучуваат егзистенцијална криза, вели професорката Тереса Амабил, која предава на Училиштето за бизнис на Универзитетот „Харвард“.

- Станува збор за доста драматичен момент - вели таа.

Во период од четири години, професорката Амабил и соработници интервјуирале 120 професионалци за нивните погледи кон пензионирањето во три компании во различни делови на САД.

Првичните наоди биле доста чудни. И додека пензионирањето би можело да почне со чувство на заслужено опуштање, таа новост наскоро исчезнува, што е големо изненадување за многумина.

- Ова доаѓа како големо изненадување за многу луѓе. Луѓето мислат на планирањето на пензионирањето како финансиска вежба и тоа е сè. Но, треба да се земат предвид и психолошките последици, но и влијанието на односите со другите. Мора да размислуваме за тоа кои ќе бидеме ние - кои сакаме да бидеме кога ќе заврши нашата формална кариера. Луѓето во нашето истражување што го прават тоа, обично имаат поблага транзиција - вели таа.

Истражувачите дошле до интересен заклучок кога ги прашале пензионерите како се опишуваат себеси.

- Обично велат: „Јас сум пензиониран библиотекар“ или „Јас сум пензиониран наставник“. И понатаму ги дефинира нивната професија. Некои негираат дека се пензионирани, што е многу интересно. Ја кажуваат нивната професија иако повеќе не ја работат. Ги прашавме зошто го прават тоа, а тие одговорија дека не сакаат луѓето да ги гледаат како некој што е „отпишан“. Една рече: „Не сакам да бидам видена како застарена вест. Сакам да бидам актуелна“ - вели Амабил.

За време на настан чиј домаќин била Нобеловата фондација, професорката Амабил и другите нобелови лауреати и експерти дискутирале за иднината на стареењето.

Едмунд Фелпс ја добил Нобеловата награда за економска наука во 2006 година, а тоа што сега е на половина од деветтата деценија не го забавува. Тие неколку дена додека е во Мадрид тој ги поминува држејќи лекции, презентации и интервјуа за медиуми.

- Работата е основата за добар живот. Работата е главниот извор за смисленото постоење за повеќето луѓе. Мајката и таткото би можеле да се занимаваат само со воспитување и одгледување на децата, но тоа не трае вечно. Речиси за секоја личност е важно работата да игра улога во откритието на неколку работи. Светот на работата е динамично и фантастично место за тестирање на себеси и за покажување пред другите што можете да направите, постигнете, откриете и истражите - сето тоа се случува во земјата на чудата, на работа - вели нобеловецот.

Тој смета дека е погрешно ако не им се направи место на постарите луѓе во светот на работата, а особено грешат земјите каде што пензионирањето е задолжително.

И други нобелови лауреати се согласуваат. Писателот Марио Варгас Лиоса, кој исто така е во неговите 80-ти години, работи секој ден од 10 до 14 часот.

- Работам седум дена во неделата, 12 месеци во годината. И немам чувство дека тоа е работа. Всушност, пишувањето за мене е задоволство, дури и кога имам доста тешки периоди. Важно е да го искористиш животот, да не ги отфрлаш можностите - вели Марио.

Возраста за пензионирање се зголемува во многу земји во светот и ќе влијае врз луѓето на различни начини.

Ако некој е писател или економист, може да работи подолго од некој чија работа вклучува физичка сила.

Но, кога владите или компаниите одлучуваат да ја зголемат границата за пензија, резултатите може да доведат до граѓански немири, предупредува Дејвид Блум, професор по економија и демографија на Училиштето за јавно здравје на Универзитетот „Харвард“.

- Сите се сеќаваме на „Арапската пролет“ од пред неколку години, која почна поради аспирации што не биле исполнети во многу земји. Ова може да се случи меѓу постарите луѓе. Понекогаш зборуваме за немири на седите луѓе. Ако се зголеми возраста за пензија, луѓето што очекувале дека ќе одат во пензија за една, две, три или четири години, нема да можат да одат. Тоа го видовме во многу земји, особено во Европа. Мислам дека состојбата може и да се влоши - вели тој.

- Таа промена на политиката ќе им биде од корист на некои делови на населението, а на други не: оние што се занимаваат со физичка работа нема да можат да работат во нивните доцни 60-ти и 70-ти години, што не важи за оние што работат со мозокот или овозможуваат услуги. Таа нееднаквост мора да се реши, во спротивност постои потенцијал за конфликт меѓу постарите работници - додава Блум.

Пензионирањето е еден од најголемите предизвици со кои се соочуваат развиените економии; и за владите и за компаниите во развојот на нови политики, но и за голем дел од нас, и лично и професионално.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот