Јапонија користи помош од вештачката интелигенција во борбата против сè помалиот број бракови и падот на наталитет. Апликацијата за запознавање што ја лансира јапонската влада веќе им помогна на стотици луѓе да си најдат партнери, а некои од нив по запознавањето стапија во брак.
Апликацијата „Енмусуби“ беше лансирана во септември 2024 година, по истражувањето кое покажа дека околу 70 отсто од луѓето заинтересирани за брак не преземаат активни чекори за да најдат партнер.
За да се пријавуваат само лица што навистина сакаат брак, корисниците мора да докажат дека не се во брачна заедница, да поминат онлајн разговор и да исполнат неколку дополнителни услови.
Според податоците на јапонската влада, до 30 јуни годинава апликацијата имала 16.000 регистрирани корисници, од околу 36.000 пријавени лица. Меѓу нив се формирани 760 парови кои влегоа во сериозни врски, додека 265 парови веќе склучија брак.
Една корисничка, која се претстави под прекарот Тртл, изјави дека ја испробала апликацијата како последна можност пред својот 40. роденден.
- По неколку обиди за запознавање преку други луѓе, кон крајот на август го запознав сегашниот сопруг, а во септември започнавме сериозна врска. Во декември ја прифатив неговата понуда за брак - вели таа.
Корисниците на апликацијата наведуваат дека вештачката интелигенција им помогнала бидејќи ја проценувала компатибилноста со потенцијалните партнери и им давала дополнителна сигурност при одлуката да запознаат некого.
Во 2025 година во Јапонија се родени 671.236 деца, што е десетта последователна година на пад на бројот на новороденчиња
- ВИ ја покажува вашата компатибилност со лицата што ви ги предлага низ три фази. Дури и ако не сте сигурни дали треба да се запознаете со некого, високата оцена за компатибилност може да ви ја даде потребната храброст - вели еден корисник.
Тој додаде дека неговата девојка имала совршена оцена за компатибилност.
Ваквите проекти доаѓаат во момент кога Јапонија се соочува со сериозни демографски проблеми. Бројот на родени бебиња меѓу јапонските државјани достигна нов историски минимум, додека бројот на починати значително го надминува бројот на новороденчиња.
Според државните податоци, во 2025 година во Јапонија се родени 671.236 деца, што е десетта последователна година на пад на бројот на новороденчиња. Истовремено, бројот на умрени бил поголем од 1,6 милиони, додека стапката на фертилитет дополнително се намалила.
Поради тоа, јапонските власти сè повеќе бараат нови начини за да ги поттикнат луѓето на склучување бракови и основање семејства, а вештачката интелигенција стана една од алатките во таа борба.
Извор:
Klix.ba
Фото: Magnific