Луѓето со векови патувале низ Атлантскиот Океан воспоставувајќи ги најефикасните рути за превезување луѓе и стока, споделувајќи детали од најдобрите места. Но, нашето знаење за тоа што има под Атлантикот сè уште е многу мало.
Голема серија корални гребени кои заедно се долги како Делавер оваа недела беа пронајдени на оддалеченост од околу 260 километри од бреговите на Чарлстон. Научниците велат дека гребенот можеби растел на дното на океанот толку долго колку што модерниот човек е на планетата.
- Ова несомнено ќе доведе до нови откритија во регионот штом ќе можеме да ги ископаме сите информации. Тоа ќе трае месеци или години - истакна Ерик Кордс, професор по биологија на Универзитетот „Темпл“ и главниот научник во експедицијата.
Пронајдокот не е чиста наука. Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп сака да ѝ дозволи на енергетската индустрија да дупчи во крајбрежјето, а истражувачите се надеваат дека ќе можат да посочат кои области треба да бидат забранети.
Коралниот гребен е пронајден како дел од петгодишен проект за истражување на морето покрај бреговите на Вирџинија, Северна Каролина и Јужна Каролина наречен „Дип срч“, односно длабока истрага.
Научниците речиси секој ден одат до дното на морето со помош на специјално опремена подморница именувана „Алвин“.
За да видите снимка од нуркањето, кликнете
тука.