X
 15.02.2024 Технологија

Американската канцеларија за патенти вели дека вештачката интелигенција не може да биде иноватор

Од 2019 година Канцеларијата за патенти на САД (USPTO) се занимава со прашања поврзани со вештачката интелигенција и нејзиното влијание врз пронајдоците што се применуваат за патентирање. 

Канцеларијата издаде низа препораки, одржа јавни дебати и консултации со експерти, а последни во низата активности се јавните трибини на кои претставници на институцијата добивале прашања од јавноста. Сега објави нов документ во кој одговара на најчестите прашања и додава нови правила во процесот на аплицирање за патенти, во чие создавање учествувале некои од техниките на вештачката интелигенција.

Иновацијата може да се појави само во умот


Со цел да се заштити интелектуалната сопственост и да се промовира одговорен начин на иновации, воведени се голем број нови одредби. За почеток, се посочува дека сите баратели на патенти на поднесените пријави мора да бидат „физички лица“. Вештачката интелигенција или „неприродните личности“ не можат да се наведат како пронаоѓачи.

Сепак, употребата на технологии за вештачка интелигенција не ги исклучува луѓето од процесот на аплицирање - секој што користел вештачка интелигенција во процесот на иновации и креирање патент мора јасно да го наведе ова, така што апликацијата е целосно транспарентна и ги вклучува сите релевантни информации за заштита на патент.

Значаен придонес


Лицето што користело вештачка интелигенција при создавањето на пронајдокот мора да докаже дека значително придонело за создавањето на патентот - затоа не смее само да бара од вештачката интелигенција да создаде некоја иновација, па како таква да ја пријави во Канцеларијата за патенти. Вакви патенти, велат, нема да им се припишуваат на барателите. Иновациите, според судската практика на САД, можат да се појават само во умот на поединецот, а судовите досега не сакале да ја прошират дефиницијата за значењето на „ум“ – вметнувајќи ги и машините.

Понатаму, фактот дека некој поседува или контролира систем за вештачка интелигенција кој дошол до иновација не значи дека лицето може да поднесе барање за патент во име на вештачката интелигенција. За ова, едно лице мора да го докаже својот значаен придонес, а потоа да потпише патент, наместо технологија за вештачка интелигенција. Од Канцеларијата велат дека ќе се продолжи со практиката на идентификување на иноваторите според имињата наведени на патентот. Нивните експерти нема да се занимаваат со тоа дали вештачката интелигенција или некоја друга напредна компјутерска програма придонела во процесот на иновации до тој степен што би се сметала за пронаоѓач.

Извор: Bug.hr

Фото: Pexels

Подготвил: Маја Пероска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Технологија