Во загадените градови низ светот станува сѐ потешко и потешко да се дише.
Автомобилите ги преполнуваат улиците со издувни гасови и ситни честички. Чадот од фабриките и електраните го полни небото. Во некои денови, особено во сончевите летни денови, честичките се претвораат во опасен озон.
Сето ова загадување на воздухот ги задушува белите дробови кај луѓето и му штети на мозокот.
Според едно истражување, хроничното изложување на загадувањето на воздухот предизвикува штетни ефекти врз мозокот, што се влошува во текот на животот, потенцијално зголемувајќи ги ризичните фактори за дегенеративни болести како деменција и Алцхајмерова болест.
Веќе знаеме дека изложеноста на лош воздух го намалува животниот век и е лошо за децата, загрозувајќи ги нивните тела и мозоци во развој. Но, новото истражување првпат покажува дека ефектот не престанува и наместо тоа, се влошува како што луѓето стареат, со особено силен ефект врз помалку образованите луѓе.
Како што наведуваат авторите на истражувањето, ова би можело многу лошо да влијае врз справувањето со болестите на мозокот.
За најновото истражување, истражувачкиот тим испитувал податоци од националното истражување спроведено во 162 случајни области низ цела Кина помеѓу 2010 и 2014 година, и ги спореди овие резултати со официјалните податоци за квалитетот на воздухот.
Фото: Getty Images
Со користење повеќегодишни податоци, истражувачите биле во можност да видат како особено загадените денови влијаеле врз резултатите од вербалните и математичките тестови (на пример, во жешките летни денови има особено лошо загадување). Исто така, тие биле во можност да видат како живеењето во загадена област со текот на времето ги менува резултатите од тестот. Овој кумулативен ефект бил значаен.
Сѐ на сѐ, авторите на истражувањето откриле дека загадувањето на воздухот зема поголем „данок“ на вербалните тестови отколку на математичките, иако има влијание и врз двата. Исто така, има поголем ефект врз мажите отколку врз жените. Авторите го припишуваат ова на фактот дека загадувањето на воздухот има тенденција да има посилен ефект врз областите на мозокот што се користат за време на вербалните тестови, кои имаат тенденција да бидат подобро развиени кај жените.
Генерално, ако жителите на овие градови во Кина живееле на места што ги исполнуваат стандардите на ЕПА за загадување на воздухот, авторите проценуваат дека значително би имале подобри резултати на тестовите.
Кина, како и многу други земји во развој, има голем број градови со сериозни проблеми со квалитетот на воздухот. Во истражувањето авторите напишале дека 98 отсто од градовите со население над 100.000 во земјите со низок и среден приход не ги исполнуваат упатствата на Светската здравствена организација за квалитет на воздухот.
Знаеме дека постојат многу причини поради кои треба да сме се загрижени за загадувањето на воздухот воопшто, почнувајќи од зголемената веројатност за белодробни и срцеви заболувања до фактот дека загадувањето на воздухот влијае врз климатските промени, што може да предизвика голем број сериозни здравствени ефекти.
Но кога зборуваме за
негативните ефекти од лошиот воздух, не можеме да го занемариме начинот на кој овој воздух може да ја промени способноста на луѓето да размислуваат.