X
 30.08.2022 Живот

Мали „валкани“ тајни на неутралноста: Зошто Хитлер не се ни обидел да ја нападне Швајцарија?

- Швајцарија има најодвратни и најбедни луѓе и политички систем - му се пожалил Хитлер на Мусолини во јуни 1941 година.

По окупацијата на Франција во летото 1940 година, која му обезбедила на Третиот Рајх статус на неприкосновен владетел на Западна Европа, германската армија смислила план за освојување на Швајцарија. Операцијата наречена „Таненбаум“ предвидувала инвазија на нацистичките трупи од Франција, Германија и од Австрија, додека Италијанците напаѓале од југ.

- Концентриран ненадеен продор од Женевското Езеро до Боденското Езеро кон центарот на земјата со силни и надворешни крила. Мора да изнудиме брза капитулација на Швајцарија со употреба на исклучително супериорни сили - пишува во планот.

Зошто ова никогаш не се случило?

Швајцарија како тврд орев


Иако можеби не изгледа така, силите на Оската би се соочиле со достоен противник. Швајцарската неутралност се бранела со оружје. Во 15 век нејзините платеници биле најстрашната сила во Европа.

Над сето ова, сите полнолетни Швајцарци биле должни да се пријават во војска и сите добиле пушки кои ги чувале дома во случај на мобилизација. За нација од само 4 милиони, Швајцарците можеле да соберат импресивна воена сила од 850.000 луѓе. И не само тоа. Претежно планинска земја, Швајцарија е терен каде што германските тенкови би биле бескорисни. Со тоа Швајцарија била тврд орев.

По војната Швајцарија тврдела дека единственото нешто што го спречило Хитлер да ја освои бил фактот што имала многу вооружени луѓе. Сепак, тоа е малку веројатно...

Сите маани на швајцарската одбрана


Непосредно пред тоа, нацистичка Германија за само 6 недели ја победила Франција, која важела за најдобрата армија во Европа. Швајцарија би се соочила со Германија на домашна територија, но со она што во суштина била народна милиција - армија на која ѝ недостигале тенкови, артилерија и авиони.

Вистина е дека Швајцарија има многу планини, но најнаселените и индустриски најпродуктивните градови се наоѓаат во рамнините каде што брзо би биле окупирани. Дури и нивните утврдени позиции имале недостатоци - природно, тие биле концентрирани на границата со Германија и Австрија, не со Франција.

Има и еден пример близок на сите нам. И Југославија беше планинска земја населена со исклучително жестоки луѓе и закоравени војници, а сепак Германија избра да ја освои во април 1941 година.

Можеби доколку Германија извршела инвазија во 1944 година, Швајцарците би можеле да сметаат на надворешна помош од сојузничките трупи и авиони. Но, немало шанси тоа да се случи во текот на 1940/41 година. Ако Германија ја нападнела Швајцарија помеѓу окупацијата на Франција во јули 1940 година и инвазијата на Советскиот Сојуз во јуни 1941 година, Швајцарија би била сама.

Советскиот Сојуз потпишал пакт за ненапаѓање со Германија и обезбедил ресурси за Третиот Рајх. Единствените нации што се бореле против Хитлер биле Велика Британија и Комонвелтот и тие биле премногу слаби за да понудат повеќе од симболична поддршка за земја изолирана во средината на Европа.

Тогаш зошто Германија не ја нападнала Швајцарија?

Мали „валкани тајни“ на неутралноста


Една од причините може да биде тоа што Хитлер сметал дека Швајцарецот е еден вид Германец (иако тоа не го спречило да ја анектира Австрија). Поверојатна причина била инвазијата на Русија, иако Германците сè уште собирале ресурси за инвазија на Балканот во пролетта 1941 година.

И постојат некои помалку морални причини. Швајцарија од Втората светска војна излегла непокорена, но не и неизвалкана. Таа опстанала како слободна, демократска земја во Европа која паднала ничкум под нацистичката чизма, но и во сенката на соработката со нацистите.

Вистина е дека Швајцарија чувала милијарди долари злато украдено од жртвите на холокаустот. Исто така, ги циркулирала и парите потребни за одржување на германската воена машина.

Сепак, постоењето на план за нејзино освојување укажува дека не треба лесно да се оценува како нацистичка марионета. За малку ќе станела дел од освојувањата на Хитлер. Можеби таа била премногу корисна како посредник меѓу нацистичка Германија и глобалната економија?

Извор: b92.net
Фото: Wikipedia
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот