X
 30.11.2016 Култура

Најчудната битка во историјата се одвивала на Балканот

Во 1788 година, австрискиот крал Јозеф II формирал голема војска што ја повел на Балканот со цел конечно да ги протера Турците од Европа и да ја оконча Хабсбуршко-отоманската војна. Околу 170.000 војници, меѓу кои имало Австријци, Унгарци, Срби, Словаци, Ломбарди и други жители на австриската империја, се упатиле кон Трансилванија во Романија, што била под контрола на Османлиите, со намера еднаш засекогаш да се пресметаат со дојденците од Азија. Тоа што се случило останало познато како еден од најбизарните воени неуспеси. 

Уште на патот кон целта, градот Карансебеш, војската на австрискиот крал доживеала огромни загуби. Имено, преку 30.000 луѓе умреле од болести. Откако стигнале до реката Тамиш, направиле логор на нејзиниот западен  брег. Со оглед на тоа што не знаеле каде е стационирана турската војска, ги испратиле австриските Хусари на другата страна од реката, во извидничка мисија.

Хусарите не нашле Турци, но се сретнале со една група Роми-номади. Штом се осигурале дека нема Турци во близина, нашле или купиле од номадите, алкохол, поточно ракија. Хусарската единица што била коњица во австриската армија, се оддала на алкохолот и откако се задржала подолго време, високото воено водство ја пратило пешадијата да ги побара, за да ја провери ситуацијата со Хусарите на другиот брег од реката Тамиш.

Кога ја преминале реката, ги виделе своите соборци опуштени и опијанети и им пришле да им се придружат во пијанката. Но, во тој момент се случил пресврт и почнала општа тепачка.

Настанала голема збрка во која паѓале глави, и во таквата ситуација, некој свикал: „Турциии!!!“, по што и едните и другите помислиле дека ги нападнала Отоманската војска. Пукајќи кон сите наоколу, војниците од источниот брег почнале да бегаат кон упориштето на војската.

На другата страна од реката, војската се разбудила од пукотници и викање, од страв формирала воена формација и се судрила со своите соборци. Паниката ја дигнале Хусарите, извикувајќи „Halt! Halt!“, што на мултинационалната армија, каде мнозинството не знаеле германски јазик, им прозвучило како „Allah! Allah!“, поради што помислиле дека се нападнати од турската војска.

Во таа општа збрка, секој се обидувал да спаси „жива глава“. Бегајќи, секој пукал во сè што се движело. Хусарските коњи без јавачи го прегазиле логорот, шаторите биле во пламен, а офицерите, кои самите станале жртви на сопствената војска, не успеале да ја исконтролираат ситуацијата.

Во грешката што настанала меѓу австриската војска, мнозинството војници кои помислиле дека Турците им влегле во логорот, се разбегале во околината. Наредниот ден биле собрани сите што се разбегале и во срамен марш биле вратени назад во кралството.

Што се случило со вистинските Турци?

Два дена после „битката“, конечно на бојното поле се појавил вистинскиот непријател. Турската војска што дошла да се пресмета со австриската армија, била вчудовидена од глетката.

На брегот на реката Тамиш лежеле мртви 10.000 христијани, што за Турците претставувала необјаснива енигма. Сепак, тоа не ги спречило да прогласат победа, без разлика што не била извојувана.    

За настанот што во историјата е познат како „Битката кај Карансебеш“ постојат и многу спорни моменти, почнувајќи од тоа како течел настанот, до тоа дали воопшто се случил. Првите записи за оваа битка се  напишани неколку децении подоцна, поради што многумина сметаат дека е измислена.

Контрааргументите, пак, велат дека за битката не се зборувало, поради претрпениот срам. Австриската војска ја сочинувале коњица и офицери кои биле Германци и Австријци, додека пешадијата била разновидна, па Австријците за своите порази најчесто го обвинувале „негерманскиот“ елемент. Од друга страна, пак, кога станувало збор за победи, заслугите секогаш им се припишувале на самите Австријци и на никој друг.  
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура