X
 26.08.2020 Живот

Осамената битка на една кинеска тинејџерка против климатските промени

Младите активисти за животна средина низ светот не одеа на училиште за да присуствуваат на маршеви и протести поради климатските промени. Во Кина владата задушува секакво социјално движење, па така и ова. Но, движењето ѝ го промени животот на Хауи Оу.

Хауи доби инспирација од шведската тинејџерка Грета Тунберг и првиот протест го одржала во мај минатата година пред зградата на локалните власти, па така стана светски препознатлива.

- Климатскиот проблем е најголемата закана за опстанок на човечкиот вид. Се чувствувам вознемирено секој ден поради климата и истребувањето на животинските видови. Се чувствувам како да сме на брод што тоне, но сите и понатаму јадат, пијат и се радуваат - вели таа.

И додека Грета испрати порака до светските лидери на Самитот за климатски услови на Обединетите нации и доби голем број награди за нејзината работа, кинеската активистка беше избркана од училиште затоа што не сакаше да се откаже од својата кампања.

Во Кина, Хауи се соочила и со полициски притисок, притисок од семејството и остри и груби критики на интернет. Но, тинејџерката тврди дека нејзината животна мисија е да го алармира целиот свет пред да биде предоцна. Иако вели дека не се плаши од полицијата, нејзините родители се под притисок од властите.

- Откако ме испрашуваше полицијата, моите родители со сите сили се обидоа да ме спречат. Ме држеа дома, не ми дозволуваа да излезам, да прифаќам интервјуа или да бидам дел од климатското движење и ми ги проверуваа сите електронски уреди. Еден ден се расправав со нив цели осум часа. Беше тешко и болно за мене - раскажува таа.

1
Фото: Twitter

По протестот пред зградата на владата, таа почнала да засадува дрвја во околината на Гуилин, град во кој живее, а ги проучувала и методите на ненасилни протести, следејќи ја работата на Махатма Ганди. Исто така, таа се обидела да регрутира повеќе млади луѓе да се приклучат на движењето, но во најголем дел е сама во својата борба.

Како што нејзината кампања привлекувала поголемо внимание, таа одлучила да се исели од семејниот дом (што е многу невообичаено во Кина) и сега живее сама во хотел. Нејзините родители се грижат за нејзината безбедност, а нејзиниот татко е многу вознемирен поради фактот што може да заостане во образованието.

- Не гледам иднина за неа ако остане на овој пат. Ја предупредив дека никогаш не треба да им се спротивставува на владата и на партијата со нејзиниот активизам - вели тој. Хауи, од друга страна, тврди дека не работи против власта, туку нејзиниот активизам го гледа како прашање на моралот.

Таа има илјадници следбеници на социјалните мрежи, но и понатаму се бори да добие широка поддршка во Кина. Минатото лето сама патувала низ земјата, се среќавала со невладини организации и активисти за животната средина, но вели дека повеќето имаат сосема мало разбирање за климатската криза. Како што вели, патувањето било најосамениот период од нејзиниот живот.

- Не го знаев патот, ниту кои луѓе би ме поддржувале во Кина. Се чувствував како да сум на отворено и празно место, изолирана од поддршка.

А потоа, во октомври минатата година, таа се соочила со критиките на милион луѓе на интернет, откако едно интервју за германски медиум станало популарно на кинеските социјални мрежи. Многумина ја обвинија дека само бара внимание, додека други на неблагодарен начин ја споредуваа со Тунберг, која инаку е чест предмет на исмејување на кинескиот интернет. По оваа случка, Хауи со месеци ги избегнувала социјалните медиуми. Во текот на најтешките месеци пронашла сила во живописната природа на нејзиниот роден град - нешто во кое уживала во текот на нејзиното детство.

2
Фото: Modern Ghana

- Моето повторно поврзување со природата ми помогна да ја видам мојата вредност - вели таа.

Таа верува дека кинеската јавност е неука и неупатена или едноставно го отфрла проблемот со климатската криза, но се надева дека ќе успее да воспостави младинско движење, исто како што успеала Тунберг.

- Има многу млади Кинези на кои им е потребно само малку охрабрување за да зачекорат напред смело, но мојот глас не стигнува до нив, па не можеме да се обединиме. Затоа, сега со сите сили се обидувам да се слушне мојот глас - вели Хауи.

Извор: Soeursmagazine.com
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот