X
 06.10.2023 Живот

Отворен музеј за неуспешните пронајдоци од целиот свет

Во Вашингтон е отворен музеј каде што се изложени повеќе од 150 пропаднати пронајдоци и производи од целиот свет. Меѓу експонатите има и столче инспирирано од хулахоп, кое требало да им помогне на луѓето да вежбаат додека седат во канцеларија, но наместо тоа, предизвикува вртоглавица.

Во музејот е изложен и велосипед од пластика кој се извртува и се превртува додека се вози, како и кукла која била направена да „џвака“ пластична храна, но во некои случаи ги гризнала децата.

- Тоа се производи и услуги од кои инвеститорите имале многу големи очекувања, но работите не оделе според планот - вели Семјуел Вест, основач на музејот.

Предметите доаѓаат од различни индустрии и области - од катастрофи на море до непрактични, скапи и опасни транспортни средства на копно.

- САД се општество опседнато со успех. Затоа неуспехот е многу чувствителна тема, особено во корпоративниот свет. Ова е голем проблем за организациите бидејќи ако не го прифатите фактот дека не сте успеале во нешто, нема да бидете иновативни и нема да можете да учите од вашите грешки - рече Вест.

Тој посочи на производите што првично беа пропуст, а подоцна се развија во сензација, на пример, гигантот за видеоигри „Нинтендо“.

- Тие имаа спектакуларни неуспеси со различни пронајдоци. Едниот од нив беше наречен „моќна ракавица“. Станува збор за ракавица што ја ставате за да контролирате компјутерска игра. Целосен неуспех. Друг неуспешен пронајдок е 3Д-конзола за игри каде што морате да седите згрбавени за да гледате низ очилата - рече Вест.

Според него, очилата би можеле да го оштетат видот на децата доколку се користат повеќе од 15 минути.

- Сепак, „Нинтендо“ научи вредна лекција од тие неуспеси и создаде една од најуспешните конзоли за видеоигри на сите времиња - рече Вест.


Извор: b92.net
Фото: Screenshot/YouTube
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот