X
 30.12.2019 Образование

Избран претседателот на Универзитетското студентско собрание на УКЛО

Во согласност со Законот за високото образование и Статутот на УКЛО, на 30.12.2019 година се одржа избор на претседател и членови на раководството на Универзитетското студентско собрание на Универзитетот „Св. Климент Охридски“ - Битола.

Дона Петрова, редовен студент на Правниот факултет, е избрана за лидер на студентите на Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола. Таа истакна дека со членовите на раководството на УСС и студентите на УКЛО ќе се реализира Програма за работа што треба да овозможи поддршка и помош за студентите, но и нивна поголема активност и учество во проекти. - Заедно со членовите на УСС направивме Програма преку која ќе можеме да ги мотивираме студентите подобро да се искажат, да ги кажат проблемите, а тоа секако ќе се овозможи и со работата на студентскиот правобранител. Исто така, сакам да напоменам дека ова е едно вистинско собрание, кое треба да им помогне на студентите и ќе ги стимулираме да направат проекти со кои ќе се истакнат во иднина - вели Петрова.

1

По повод денешниот избор за студентски лидер на УКЛО, проректорот за студентски работи, проф. д-р Марјан Ѓуровски, изјави дека УКЛО прв го имплементира Законот за високо образование и отпочнува со новата форма на студентско организирање и избор на студентски лидер по пат на тајно гласање од страна на претставниците на студентите на сите факултети. Ректоратот на УКЛО го поттикнува студентскиот активизам и неговото будење. Во државата мора да има место за младите, студентите и заедно мора да го победиме песимизмот и да изградиме заеднички пат кон иднината. Во минатото, односно во историјата е запишано дека студентите биле фактор во државите и столб на демократското уредување. УКЛО го гледа студентот како партнер во одлучувањето на Универзитетот и креирањето политики и квалитет во наставата, практичната настава и градење претприемачки дух, на тој начин на непосреден начин да остави директно влијание врз општествените промени и движења.

На почетокот на 2020 ќе следува повик на УКЛО за финансирање студентски проекти за нивни активности, обуки и конференции. Воедно УКЛО ќе поттикне и ќе поддржи поголеми вмрежување на студентите и студентското собрание со колегите од универзитетите од ЕУ, САД и други земји, како и уште поголема мобилност на студентите. Ѓуровски во изјава за медиумите посочи дека заеднички треба да се „пробудат“ студентите и од тоа заедништво да произлезе и целта: да се задржат младите во нашата држава. Тој смета дека непосредно, преку овој активизам и организирање, може да се оствари влијание врз општествените промени и развојот врз целокупното македонско општество.

Со изборот на Дона Петрова за студентски лидер на УКЛО на тајно гласање од две утврдени кандидатки, студентите на УКЛО го афирмираа базичното начело на еднаквост, со што УКЛО се вбројува меѓу универзитетите чија цел меѓу другото е постигнување вистинска родова еднаквост.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование